Достапни линкови

Филипче до Реџепи: Верувам дека сите се свесни за ситуацијата


Министерот за здравство Венко Филипче очекува сите да бидат свесни за ситуацијата со пандемијата и да се заложат максимално да ги поттикнуваат граѓаните дека треба да ги почитуваат мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот. Филипче ова го одговори на новинарското прашање за коментар за изјавата на поглаварот на ИВЗ Реисот Сулејман Реџепи дека државата не обезбедила помош за религиозните заедници и поради тоа може да се случи да ги суспендираат одлуките за забрани за верски собири.

Реџепи, како што пренесуваат медиумите, во телевизиско интервју за верска емисија за ТВ Глоби изјавил дека подолго време чекаат одговор за ветената помош.

„Ќе ги потсетам малку поинаку, со писмо, затоа што не дај Боже ние да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори против епидемијата, ви гарантирам, тогаш тука ќе стане Бангладеш“, изјавил Реџепи.

Министерот Филипче изјави дека ги следат сите информации и дека очекува од сите чинители во општеството за придонесат во заштита на здравјето на граѓаните.

„Во однос на информациите кои стигнуваат од ИВЗ , и од други институции, ги пратиме реакциите на граѓаните на јавните мрежи за овие мерки. Јас сметам дека ова е еден период во кој мора да се издржи. Ова се сериозни мерки за рестрикција, меѓутоа крајната цел е да се заштити здравјето на граѓаните. Знам дека е тешко, доаѓаат и верски празници, но ова е период во кој сите мора да се стрпиме и издржиме, мора да инвестираме во сопственото и колективното јавно здравје,“ одговори Филипче.

XS
SM
MD
LG