Достапни линкови

Засилен ангажман на ЕК, но и кусо време за решавање на проблемот со Бугарија


Премиерот Зоран Заев и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

По денешната посета на премиерот Зоран Заев на Брисел се очекува поактивно вклучување на ЕК во изнаоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со С. Македонија. Но, дали до јуни ќе може да се реши проблемот со Бугарија и со тоа да се оствари напредок во процесот?

Европската комисија поактивно ќе се вклучи во барањето на решение за старт на преговорите на Северна Македонија, најави Владата, откако премиерот Зоран Заев придружуван од вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи беше на средби со првите луѓе на ЕУ. До посетата на Брисел доаѓа по неколку дена откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји изјави дека е можно раздвојување на Северна Македонија и Албанија во евроинтегративниот процес, а во истовреме се одржа и состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за Западен Балкан.

Посетата беше со цел да им се предочи уште еднаш на лидерите на европските институции за неодржливата ситуација во која се наоѓа Северна Македонија поради бугарското вето, вели Директорката на Институтот за европска политика Симонида Кацарска. Според неа, во голема мера посетата е поврзана токму и со состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на кој таа верува дека ќе стане збор и за прашањето за одвојување на Северна Македонија и Албанија што беше најавено и од Вархеји.

„Европската комисија веќе оцени дека Албанија ги има исполнето условите за одржување на првата меѓувладина конференција. Од тој апсект примарно во нејзиниот опис на задачи е да предложи на Европскиот совет да се стави преговарачката рамка за Албанија на агендата и да се дискутира за првата меѓувладина конференција. Дали земјите членки ќе ја усвојот нејзината препорака и ќе донесат одлука е друго прашање, бидејќи во голема мера земјите членки беа тие кои ценеа во изминатите неколку години дека двете земји треба да се движат паралелно“, вели Кацарска.

Иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, според најавите на Вархеји, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија.

Но, Бугарија е исправена пред нови парламентарни избори во јули, откако по изборите во април не успеаја напорите да се формира влада. Софија инсистира и на признавање на бугарски корени на македонската историја, националност и јазик.

Заев на средба и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како што соопшти владината прес- служба, порачал дека македонскиот јазик и идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смеат да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Северна Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.

„Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност“, порачал Заев на средбата со претседателката на ЕК Фон дер Лајен.

Според него, земјата ги спровела сите реформи и исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство. Фон дер Лајен, според соопштението, потврдила дека ЕК ќе вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, како што посочила, ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ, и дека таа се залага за двете земји, Северна Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.

Кацарска смета дека е малку веројатно проблемот со Бугарија да се реши набрзо за меѓувладината конференција со ЕУ да се случи за време на португалското претседателство, односно до крајот на јуни.

„Овој процес е долгорочен. Ако прашуваме за до јуни како што беше највено од ЕК мислам дека е малку веројатно дека техничката Влада во Бугарија ќе направи таков чекор, односно дека ќе се согласи со преговарачка рамка што би била прифатлива и за нас. Од друга страна мислам дека политиката е уметност на возможното и не можеме да исклучиме дека тоа би било случај. Но, сепак мислам дека Владата во Софија во одредена мера е лимитирана до каде може да дејствува имајќи ги предвид и претходните декларации на Собранието, така што мислам дека е многу кус рокот, но никогаш и не можеме да исклучиме напредок“, додава Кацарска.

Вицепремиерот Никола Димитров на вчерашното одбележување на Денот на Европа коментираше дека ситуацијата во Бугарија е предизвик, но нема веќе време за чекање.

„Претстои техничка влада, нови избори. Јасно е дека реален политички контекст кој е предизвик. Но истовремено е јасно дека ниту ние, ниту регионот, и нашите соседи, имаме луксуз да чекаме повеќе. Многу време помина. Мислам дека има голем проблем со довербата на европската перпектива во многу земји“, рече Димитров.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека ЕК сака да види одржување на меѓувладината конференција, односно почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија што е можно побрзо. Според него, процесот е заснован на заслуги а двете земји имаат направено многу и време е да се оди напред.

Македонија шеснаесетта година чека датум за преговори со ЕУ, а дел од пречките беа спорот за името со Грција, што беше решен со Преспанскиот договор, како и односите со Бугарија, за чие решавање беше потпишан Договорот за пријателство. Потоа Македонија очекуваше позитивен одговор од Брисел, но не доби датум за почеток на преговори, заедно со Албанија, оти Франција реши да се преиспита процесот на проширувањето и да биде воведена нова методологија. И кога земјата беше на чекор да ги отпочне преговорите и да се одржи долгонајавуваната меѓувладина конференција, лани во декември доби блокада од Бугарија со образложение од Софија дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG