Достапни линкови

Во Брисел состанок за Западен Балкан- причина се сериозните потешкотии на регионот


Знамиња на Европската Унија во Брисел

Министрите за надворешни работи на членките на Европската унија денеска расправаат на тема Западен Балкан. Пред состанокот високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Џозеп Борел на својот блог напиша дека дебатата е последица на сериозните потешкотии со кои во моментов се соочува регионот.

Како причини поради кои одлучил состанокот да биде посветен на овој регион, Борел ги набројува борбата против ковид пандемијата, односите меѓу Белград и Приштина, немањето напредок во пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија и проблемите во Црна Гора.

“Сакаме да имаме преглед во целосната ситуација во регионот и да видиме како можеме повеќе да се ангажираме таму. Сакаме со оваа дебата да ја истакнеме важноста на Западниот Балкан за ЕУ и како да ја засилиме европската перспектива во регионот“, рече Борел пред состанокот.

Од кабинетот на Борел, како што јавува дописничката на РСЕ од Брисел, е пуштен и нон-пејпер кој ќе биде основа за расправа на министрите. Во нон-пејперот во однос на Северна Македонија и Албанија се наведува дека сега е клучно пристапните преговори да почнат што е можно побрзо заедно со одржувањето на моментумот на реформи во двете земји.

Министерот за надворешни работи на Португалија Аугусто Сантос Силва, чија земја во моментов претседава со Унијата рече дека се работи за многу важна политичка дебата за Западниот Балкан.

„Овој регион е од суштинска важност за стабилноста и безбедноста на Европа“, рече Силва.

Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлич Радман рече дека балканските земји мораат да покажат конкретни резултати во демократската трансформација, човековите права и владеењето на правото, но зборувајќи пред се за отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана и за визната либерализација која ја очекува Приштина нагласи и ЕУ мора да ги исполни своите обврски.

Во својот блог, пак ,Борел најмалку пишува за Скопје и одложувањето на пристапните преговори за зачленување во Европската унија поради бугарската блокада. Шефот на европската дипломатија голем дел посветува на Босна и Херцеговина и на дијалогот Белград-Приштина. За Босна и Херцеговина тој го истакнува, како што пишува, тешкиот состанок кој го имал со трочленото претседателство на таа земја и кој поминал со многу напади и обвинувања меѓу тројцата.

“Нема веќе празни зборови. Само акција и напредок може да ја придвижат БиХ напред на патот кон придружување во ЕУ и да ја доведат до статус на земја кандидат“, наведува Борел.

Една од главните точки на министерскиот состанок се очекува да биде и нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. Во нон-пејперот од кабинетот на Борел се наведува дека владите на двете земји сега имаат солидна поддршка од гласачите и поради тоа треба да ја искористат можноста да постигнат сеопфатна спогодба за нормализација оти немало време за губење. На министрите ќе им се обрати и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак кој треба да ги извести за подготовката на првиот состанок меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и новиор косовски премиер Албин Курти што всушност ќе значи обнова на преговарачкиот процес.

Синоќа во Брисел, пред денешниот состанок, со Лајчак се сретнаа и македонскиот премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров кои исто така престојуваат во европската престолнина.


  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG