Достапни линкови

Случај европски пари за фризерница - Димова не дава оставка


Директорката на Националната агенција за европски програми и мобилност

Директорката на Националната агенција за европски програми Димова демантира дека на сомнителен начин се делеле европските пари, а веста за финансирање на фризерница ја опиша како лажна, иако основната дејност на фирмата со која се аплицирало била „салон за убавина“.

Ќе ги разочарам ВМРО-ДПМНЕ, ама јас оставка нема да дадам, изјави денеска директорката на Националната агенција за европски програми и мобилност Лидија Димова по барањето на ВМРО-ДПМНЕ која ја повика на одговорност поради сомнеж за злоупотреби на европски пари во аферата „Фризерница“. Таа посочи дека нема да поднесе оставка затоа што, како што вели, стравот на опозицијата дека ќе ги избрише доказите е неоснован.

„Системот на Брисел функционира соврешено, еднаш штом влезе во базите на Брисел не постои нешто што можам јас или кој било друг од агенцијата да го избрише. Ќе останам во Агенцијата се до моментот додека не се разреши вистинската дилема – што се случи со 2,2 милиони евра кои биле проневерни од претходното раководство“ изјави таа.

Случајот Фризерница бил лажна вест

Дополнително обвини дека веста за финансирање на фризерница е лажна вест, иако на истата прес конференција сопственикот на В.Е.З. Трејд Зоран Златковски потврди дека ја основал фирмата во 2001 година како салон за убавина, но рече во текот на годините во Централниот регистар било внесена и општа клаузила со која компанијата може да се бави и со други дејности.

Димова, е во фокусот на вниманието откако порталот „А1он“ објави новинарско истражување во кое беше посочено дека 270.000 евра европски пари преку грантови во изминативе три години му биле доделени на еден фризерски салон од програмата „Еразмус 2“. Станува збор за сомнително доделување на грантови на фирми на кои што едукацијата не им е заведена во институциите како примерна дејност.

Во истражувањата беше посочен и проблемот со конфликт на интереси односно дека Златковски освен како грантист за проектои пари добивал и по друг основ. Златковски и Димова признаа дека тој со Националната агенција имал договори и како надворешен соработник односно евалуатор во делот на Еразмус програмата за кредит трансфер системот за стручно образование, иако и самиот аплицирал за проекти од сегменти во образованието, односно медиумска писменост. Но, според нив и како што велат правилата на ЕУ, тоа не било спорно.

„ Јас аплицирав од 2018 година со мојата фирма ВЕЗ Трејд со која некако се измести целата работа. Официјалното име е ВЕЗ Трејд, како што може да се види од тековната состојба. Она фризерница е можам да кажам еден вид лажна вест,. Фризерница не добива проекти, туку фирмата ВЕЗ Трејд добива грантови кои се изработени со Националната агенција и се однесуваат на младинската работа и едукација на младите за медиумска писменост“ изјави Златковски.

Димова и Златковски на прес конференцијата беа децидни дека парите кои биле префрлани кон ВЕЗ Трејд биле искористени со цел спроведување на проекти од сегментот на „Едукација за медиумска писменост“.

Во однос на тврдењата во медиумите дека пари кои биле давани на трансакциска сметка кон лицата вклучени во проектот, а потоа биле барани назад на рака, Златковски демантира. Тој посочи дека никогаш не барал да му бидат вратени парите, но спомна дека имало промени во тимот, како што велат согласно правилата, и луѓе биле исклучени од проектот.

„ Мојата фирма не е казнувана и досега немала проблем со институциите “ изјави Златковски одговарајќи на новинарско прашање дали против него е покрената постапка во Јавното обвинителство.

Од Агенцијата “цуреле информации“

На почетокот на прес конференцијата Димова обвини дека од агенцијата „цурат информации“ откако открила дека од касата на Агенцијата биле проневерни 2,2 милиони евра од претходната власт и дека целава „хајка против неа“ била поради нејзиното откритие.

„Пријавив во Брисел дека има проневера со лажни посредници. Јас увидов од она што беше очигледно од проектите, дека парите од сите училишта одат во осум организации во пет држави, што беше чудно. Откривме дека практично 8 организации врзани меѓу себе и дека се прави голема проневера на парите со тие неколку училишта. Во 2018 година пријавивме во Брисел во завршниот извештај и во 2019 година побаравме дозвола да идеме на терен во странство за ревизија, па со помош на партнерските организации направивме проверка и утврдивме дека се работи за проневерени пари во вредност од 2,2 милиони евра. Тој предмет лани е доставен до Јавно обвинителство “ истакна Димова.

Димова се пожали дека во агенцијата две третини од вработените се отсутни од мај навака и дека постојано доставуваат барања за боледувања и покрај тоа што има зголемена работа и дека се покренати дисциплински постапки.

„Постои култура, не верувам дека е само во нашата агенција, има култура на неработење, има луѓе кои се научени да не доаѓаат на работа, или да се појават, а да не работат ништо “, вели Димова.

Од Европската комисија најавија дека ќе го истражи случајот и дека доколку се утврди „само нерегуларност во трошењето, како на пример процедурална грешка“ тогаш државата мора да ги врати финансиите назад во ЕУ. При апликација на фондовите Еразмус плус, државата е гарант за овие праи при случај на нерегуларност или измама е обврзана да ја врати целокупната сума.

„ Не сум загрижена, и многу ми е мило што отвори истрага затоа што ако не друго ќе се обелодени дека „нешто е гнило во државата Данска“: Мене ми е мило ако тие отвориле истрага за случајот. Овој предмет на Златковски и јас како директорка не е проблем, затоа што ние сме менлива категорија. Она што е навистина проблематично е што се извалка програмата Еразмус плус која е најпопуларната програма во ЕУ,“ изјави Димова.

Во однос на обвинувањата во јавноста за луксузирање со набавка на скапи возилата Димова не одговори зошто се набавени автомобили во вредност од 110 илјади евра,туку само посочи дека се земени на лизинг на три години.

Пред десетина дена државната комисија за спречување на корупција отвори предмет по анонимна пријава за злоупотреба на средства од фондови од ЕУ од европските програми како Еразмус плус, Еуридика од страна на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG