Достапни линкови

Медиумските реформи остануваат предизвик


илустрација

Медиумските експерти ги оценуваат како објективни критиките на ЕК за медиумите. На истите забелешки континуирано укажуваат и од ЗНМ и од МИМ. Експертите велат дека е крајно време да престане државниот интервенционизам во медиумите, да се реформира МРТВ, да се казнува насилството врз новинарите

Реформа на јавниот радиодифузен сервис, за што ќе биде потребно во најбрз можен рок избор на членови на Програмскиот совет, како и избор на членови на Советот на АВМУ, борба против дезинформации, но и ефикасно санкционирање на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари. За медиумската фела во земјава, овие клучни препораки од извештајот на Европската Комисија во делот на медиумите се реални и очекувани.

Од Здружението на новинари велат дека извештајот се осврнува на сите проблеми што постојат во медиумскиот простор.

„Извештајот е многу реален, ги нотира сите проблеми, почнувајќи од реформите коишто се закочени, преку нападите врз новинарите, јавните пари во медиумите коишто продолжуваат да бидат проблем и на крајот предизвиците со пандемијата на Ковид 19 коишто во одреден сегмент влијаеја врз транспарентноста на институциите, но ова е генерален проблем, не само македонски, вели Младен Чадиковски“, претседател на ЗНМ.

Факт е дека во последните 4 години условите за слободно и критичко известување од страна на медиумите се подобрени, но сепак, имаме ограничено ниво на прогрес во оваа сфера, забележува директорката на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска. За жал ,според неа, забелешките кои беа поставени како домашна задача за нашата земја во извештајот на Прибе, тука не се адресирани.

„На пример непочитувањето на етичките стандарди во известувањето кај порталите и цел еден корпус на прашања што ја засегаат оваа сфера остануваат еден голем проблем. Понатаму финансирањето и финансискиот опстанок на целата медиумска индустрија е под знак прашање, а јавните пари секако дека не се решение за тоа, иако многумина го преферираат тој пристап“, вели Петковска.

Според неа, за да се решат сите прашања адресирани во извештајот како проблеми, потребно е проактивна улога и на медиумската заедница во целина но и на државата преку соодветните релевантни институции.

Во делот на забелешките за пораст на заканите и насилства врз новинарите, Чадиковски истакнува дека е загрижувачки фактот што институциите не реагираат на таквите случаи, што пак според него има влијание на слободата на говорот, односно предизвикува цензура или автоцензура.

„Ние во овој дел ќе преземеме сериозни акции како ЗНМ, дури најавивме и протестен марш доколку институциите не одговорат на нашите барања за да се реши овој проблем со физичкото и вербалното насилство врз новинарите,“ вели Чадиковски.

Универзитетскиот професор и комуниколог Сефер Тахири вели дека реформите кои се бараат во медиумската сфера не можат да се случат во недостиг на политичка волја.

„Ова што ни се случува во медиумскиот систем најблаго речено, покажува какво ниво на демократски систем имаме, бидејќи слободата на медиумите и нивната политичка и финансиска независност покажува каква демократија ние имаме. Фактот што две години по кандидирањето на различни кандидати за членови на Советот на Агенцијата за медиуми и на Програмскиот совет на МРТВ нема никаква информација до нив, зборува само по себе за нашите институции“, вели Тахири, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Тоа што во извештајот на ЕК се бара поголема независност на јавниот радиодифузен сервис исто така треба да биде сигнал дека реформите во овој сервис мора да почнат, нагласува Тахири.

„Крајно време е да се отвори процесот на реформирање на овој сервис во вистински јавен сервис во служба на граѓаните, а не во служба на партиите бидејќи тој си продолжува како во старите времиња и функционира како владин, државен, партиски и пропаганден сервис“, посочува професорот Тахири.

Еден од проблемите кој останува предизвик за решавање е платената политичка програма со јавни пари. Тоа што политичките партии користат јавни фондови за пласирање пари во медиумите создава опасност од политичко и економско влијание во медиумите и таквиот тренд е неодржлив, велат упатените.

Во извештајот ,меѓу другото, се наведува дека од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирање на професионализмот, непристрасно известување и истражувачко новинарство и градење на отпор за ефикасна борба против дезинформации. Предизвик останува финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите.

Во меѓувреме, пандемијата со ковид 19 се покажа како плодна почва за ширење на лажни вести и дезинформации. Упатените велат дека борбата за спречување на ширењето на заразата со короновирус вклучува и борба против лажните вести оти ширењето дезинформации во време на здравствена криза прави луѓето да бидат незаштитени и поподложни на болеста, а дополнително се шири параноја, страв и стигматизација.

Инаку во годинашниот извештај на Фридом хаус “Земји во транзиција” Северна Македонија бележи подобрување во областите изборен процес и независни медиуми. Сепак, Северна Македонија е во категоријата на преодни влади, односно хибридни режими. Напредок од земјите на Балканот бележи и Косово, додека Србија и Црна Гора не влегоа во категоријата преодни, хибридни режими.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG