Достапни линкови

Вакцини против сезонски грип на крај на месецов


илустрација

Од министерството за здравство велат дека 40 000 дози четиривалентни вакцини ќе пристигнат до крајот на месецов, откако и официјално е финализиран договорот со фирмата, која била единствен понудувач на тендерот за набавка на вакцини

Иако традиционално овој период од годината беше наменет за вакцинацијата против сезонскиот грип, годинава имунизацијата ќе почне подоцна, односно најверојато на крајот од месецот. Од Министерството за здравство нема детали зошто се доцни, но уверуваат дека вакцинацијата ќе почне во текот на месецов.

„Економскиот оператор Елбијор беше единствениот понудувач, а во петок на 02.10.2020 беше финализиран договорот во однос на тендерот за набавка на вакцините. Вакцинацијата ќе започне во текот на октомври, согласно препораките“, уверуваат од Министерството за здравство.

За претстојната вакцинација против сезонски грип 2020/2021 година, ресорото министерство ќе набави 40.000 дози четиритипни вакцини против сезонски грип за бесплатна вакцинација и 4000 дози за комерцијална употреба.
На сметка на државата со четиривалентна вакцина ќе можат да се имунизираат лицата над 65 години, оние кои имаат хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата од 6 месеци до 5 години.

Сепак, матичните лекари се уште не добиле термини за почнат да ги закажуваат заинтересираните пациенти, ниту пак упатства како ќе се реализира целиот процес во време на пандемијата на Ковид-19.

„Кога е во прашање вакцинацијата против сезонскиот грип сите релевантни институции вклучени во процесот треба да бидат максимално одговорни, на ниво на задачата и да не дозволат задоцнувања особено кај имунизацијата на постарите и хронично болните. Оваа популација веќе е навикната на почетокот на октомври да ја примат дозата. За жал за мене е несфатливо како може да се допушти во време на пандемија од ковид 19 да се доцни со имунизацијата против грипот“, вели матичниот лекар Илир Љума.

Иако преораките на СЗО се секоја година да се вакцинираат 40 проценти од населението против инфлуенца, кај нас епидемиолозите велат дека просечно се вакцинираат околу 5 проценти од населението. Комерцијалните вакцини пак ги набавуваат Центрите за јавно здравје од сопствен буџет, согласно проценката на самата установа. Директорот на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, Александар Стојанов вели дека мал е процентот на граѓани што се вакцинираат против сезонски грип.

„Колку што јас паметам ние преку 30 години и повеќе вакцинираме за сезонски грип и пак не можеме да ги убедиме луѓето да се вакцинираат затоа што по некои статистики или предвидувања од СЗО се вели дека барем 20 проценти од населението треба да е вакцинирано за да не се случи епидемија. Ние имаме 40, 50 илјади вакцини на 2 милиони тоа е многу мала бројка, односно до 5 проценти од население. Лани имавме 5000 вакцини за здравствени работници, а се потрошија 1500. Значи здравствени работници не се вакцинираат. Има отпор кај населението. А сега го имаме и ковидот и ќе го имаме и грипот“, ни изјави неодамна Стојанов.

Поради пандемијата од коронавирус, лекарите сега апелираат граѓаните што помасовно да се имунизираат против грип, за во случај на респираторни симптоми да се исклучи ова заболување.

„Сепак, сите кои ќе се вакцинираат со надеж дека ќе се заштитат од сезонскиот грип треба да знаат дека според светските истражувања имунолошки одговор на вакцината може да се постигне кај 50-60 проценти од населението. Другите 40 проценти или ќе имаат благи или потешки симптоми, при појава на грип. Значи целосна заштита не постои, но сепак е подобро да се вакцинираат лицата особено оние кои се хронично болни“, сугерира доктор Љума.

Минатата сезона, според податоците на министерството, дадени се 28.525 бесплатни вакцини. За една недела речиси сите се потрошиле, а дополнително уште 15.000 граѓани си платиле за да се заштитат.

Според последните податоци на Еуростат пак објавени во јули годинава, Северна Македонија во 2017 година била една од земјите во Европа со најниска стапка од 6,5 проценти на вакцинирани лица над 65 години против сезонски грип. Просекот изнесува 44,45 отсто. Највисок степен на вакцинација имало во Велика Британија од 72, 5 отсто, а најнизок 4,8 проценти во Естонија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG