Достапни линкови

ЕК истражува дали имало проневера на пари од Еразмус плус


Илустрација

Европската Комисија (ЕК) отвори истрага за случајот со наводна злоупотреба на ЕУ фондовите Еразмус плус од страна на Националната агенција за европски образовни програми во С.Македонија, јави МИА од Брисел. Во изјава за МИА, портпаролката на ЕК за образовение Сузан Конзе, посочи дека Комисијата е запознаена со случајот.

„Сите наводи за злоупотреба се разгледуваат и онаму каде што станува збор за ЕУ фондови, секое нерегуларно трошење ќе биде идентификувано и ќе се врати назад“, изјавила Конзе за МИА.

Националната агенција за европски образовни програми по втор пат силно ја разбранува јавноста. Колку пари недостасуваат од касата на агенцијата и како се трошат европските пари се клучните прашања што се наметнаа деновиве по објавувањето на аферата, сега веќе позната во јавноста како „Фризерница“. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува за стотици илјади евра проневерени во име на грантови за тренирање на магариња, коњи и фризерници, а сегашната директорка Лидија Димова вели дека поранешната структура е таа што била криминална.

Европската Комисија во моментов не може да даде повеќе детали за истрагата додека е во тек, но она што е познато е дека во случај да биде утврдена криминална злоупотреба на фондовите, случајот ќе биде испратен до ОЛАФ, европското тело за борба против измами. Од Комисијата за МИА објаснуваат дека доколку биде утврдена „само нерегуларност во трошењето, како на пример процедурална грешка”, тогаш државата мора да ги врати финансиите назад во ЕУ. При апликација за фондовите Еразмус плус, државата е гарант за овие пари во случај на нерегуларност или измама и е обврзана да ја врати целокупната сума.

XS
SM
MD
LG