Достапни линкови

Еднакво заздравување на европската економија за спречување нова криза


Илустрација
Илустрација

Еврокомесарот за економија предупредува и од друга, егзистенцијална криза, доколку земјите членки на ЕУ не излегуваат од кризата со еднакви можности и ресурси. Излезот од рецесијата, која се оценува како историски најголема, ќе биде успешен само доколку сите земји успеат еднакво да напредуваат.

Економиите на земјите членки на Европската Унија ќе имаат пад од 7,4% оваа година како резултат на кризата поради коронавирусот. Ова ќе биде најлошата рецесија во историјата на блокот, се наведува во пролетната економска прогноза на Европска Комисија.

Според извештајот, еврозоната ќе се соочи со рекорден пад од 7.7%.

За споредба, за време на претходните економски кризи, 2009 како најлошата година од кризата, ЕУ забележа пад од 4,3% а еврозоната од 4,4%, пишува Еуроактив.

Поради ова, еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, предупредува и од нов ризик кој може да доведе до друга „егзистенцијална криза“.

Според него, тоа е ризикот сите економии да не се опорават подеднакво.

„И големината на рецесијата и силата за закрепнување на економиите ќе бидат нееднакви, условени од брзината со која можат да се олабават мерките, значењето на туризмот за секоја економија и ресурсите со кои располага секоја економија“, изјави Џентилони.

Тој потенцира дека на ЕУ и е потребен „цврст план за заздравување“ со цел да се избегнат ризиците од економски разлики.

Откако земјите ќе почнат да закрепнуваат од здравствената криза и откако ќе се олеснат рестриктивните мерки, Комисијата очекува постепено подобрување на европското производство до крајот на годината.

Италија и Франција во рецесија, Шпанија со најголем пад на БДП

Франција и Италија влегоа во рецесија во првото тримесечје од годината, додека БДП-то на Шпанија бележи најголем пад, велат податоците од локалните статистички бироа за влијанието на коронакризата врз економија, пренесува Еуроњуз.

Франција презеде строги мерки за намалување на ширењето на Ковид-19. Првите ограничувања беа олабавени на 11 мај. Премиерот Едуард Филипе веќе истакна дека долгото траење на рестриктивните мерки имаат катастрофални последици по француската економија.

И Италија, која беше најпогодената европска земја од коронавирусот, е во рецесија и првите знаци на заживување на економијата ги започна оваа недела.

Шпанија се соочува со најголем пад во економијата после седумдесетите години на минатиот век.

„Ситуацијата предизвикана од Ковид-19 во Шпанија и влијанието на мерките кои беа преземени за заштита на здравјето на граѓаните во март претставуваат огромна штета врз економскиот раст за целиот квартал“, се наведува во соопштение на шпанскиот Национален институт за статистика.

И германската економија влезе во рецесија. Како што соопшти министерството за економија, забележан е пад од 2,2% што е најголем пад по кризата во 2009 година.

Но и покрај тоа, Германија и понатаму напредува многу подобро од своите соседи Франција и Италија.

Ова е делумно поради одлуката на сојузните држави да дозволат фабриките да работат како и да нема прекин во градежништвото додека останатите сектори беа затворени во март и април како дел од мерките за заштита од коронавирусот.

Но не само овие земји. Џентилони предупредува дека и Грција и Хрватска немаат исти ресурси и можности за закрепнување од кризата. Секоја земја претстави различни мерки за помош на економијата.

„Она што е јасно е дека нееднаквото ниво на закрепнување и ризикот што е предизвикан од него врз единствениот пазар во ЕУ ќе влијае и на еврозоната. Ова јас би го дефинирал како егзистенцијална закана за градењето на Унијата“, вели Џентилони, пренесуваат европските медиуми.

„Доколку сакаме да гледаме на пооптимистичката страна оваа не е само егзистенцијална закана туку и историска шанса да се пополни празнината која ја имаме поради различните економски и фискални политики“, додава тој.

Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, Брисел, февруари 2020
Еврокомесарот за економија Паоло Џентилони, Брисел, февруари 2020

Џентилони вели дека било вистински предизвик да се подготви пролетната прогноза и дека се уште постојат многу ризици кои можат да ја влошат економијата. Меѓу нив се и продолженото траење или влошување на состојбата со пандемијата од Ковид-19, фрагметирањето на единствениот пазар , финансиски турбуленции и нов бран на протекционизам.

Европската Комисија подготвува план за заздравување откако лидерите на ЕУ во април повикаа на одговор за исклучителниот економски шок. До сега беа одобрени различни инструменти за намалување на економската криза од пандемијата, вклучувајќи и 540 милијарди евра.

Најголем дел од средствата, или 240 милијарди евра, се наменети за еврозоната преку Европскиот механизам за стабилност.

Меркел: Германија ќе помогне другите земји да „застанат на нозе“

Понуда за помош стигна од Германија. Канцеларката Ангела Меркел најави дека Германија ќе им помогне на соседните земји од ЕУ.

„Многу е важно за Германија, како извозна земја, и нејзините партнери од ЕУ да напредуваат исто така“, изјавила Меркел на состанок со претставници на конзервативниот блок, пренесува Ројтерс.

Германската канцеларка Ангела Меркел на редовен состанок на владата, Берлин, април 2020
Германската канцеларка Ангела Меркел на редовен состанок на владата, Берлин, април 2020

Германија покажа најголем успех меѓу европските земји во справувањето со коронакризата и ширењето на вирусот, најмногу преку масовно тестирање. Тоа и овозможи побрзо од другите земји членки на ЕУ да ја отвори својата економија.

„Не е во ничиј интерес само Германија да излезе силна од кризата“, изјавила Меркел на состанокот.

Според очекувањата, Европската Комисија треба да го претстави ревидираниот предлог буџет следната недела.

Подготви Марија Севриева

XS
SM
MD
LG