Достапни линкови

Македонски донатори во време на коронавирус


Коронавирусот ја извади хуманоста на дело. Фирми, организации, но и граѓани донираат, прават маски, делат храна и помагаат на начинот на кој што знаат и можат. И додека кај некои оваа криза го разбуди негативното, која други ја поттикна солидарноста. Во светот познатите личности донираат и по неколку стотици илјади евра или долари, во земјава донациите се поскромни, но сепак, говорат дека и македонското општество е солидарно.

Речиси еден милион евра во пари донирале македонските фирми и поединци на сметката на Министерството за здравство за помош во борбата со коронавирисусот. Во овие пари не влегуваат странските донации и помошта за Министерството во медицинска и друга опрема, како и друга помош што ја даваат фирмите и поединците.

Донирале фирми од фармацевтската индустрија, енергетски компании, банки, обложувалници, компании за армиска опрема, увозници на автомобили, тутунски и нафтени компании, државни агенции, ланци на маркети, фирми за прехранбени производи, понатаму градежни и металуршки компании, ПР агенции, но и здруженија на медари, адвокати...

Тие донирале пари, медицинска опрема, апарати за клиниките, лекови, но и немедицинска опрема за потребите на клиниките како возила, машини за перење и сушење, бојлери за топла вода, болнички кревети, софтверски апликации итн.

Една од донаторите е компанијата од прехранбената индустрија Витаминка од Прилеп. Откако е почната кризата предизвикана од коронавирусот Витаминка донирала повеќе од 4 милиони денари (околу 65 илјади евра). Од компанијата велат дека донирале на државни органи, установи, општини, верски заедници, невладини организации. Витаминка донирала медицинска опрема, медицински заштитни средства, средства за дезинфекција и прехранбени производи. А во време на криза, не ги заборавиле ниту своите вработени, на кои им се доделени пакети со прехранбени производи.

„Во овие вонредни услови на работење и живеење повеќе од кога било претходно треба да се покаже општествената одговорност на компаниите на дело. На овој начин помагаме да се зачуваат здравјето и безбедносна на граѓаните, да се ублажат последиците и со тоа сите побргу да излеземе како победници од кризата со коронавирусот. Витаминка и понатаму како и досега останува посветена да помага на заедницата, на своите вработени, на граѓаните, таму каде што има потреба од помош секогаш излегувала во пресрет, дали тоа било во областа на спортот, културата, другите социјални дејности, тука сме доколку има потреба“, вели Орде Георгиоски, директор на правни и општи работи во Витаминка.

Тој додава дека ги почитуваат мерките за заштита на вработените и тие во овие услови работат со целосна заштитна опрема, а артиклите се произведуваат според најстроги стандарди за квалитет и безбедност на храна. Од Витаминка на граѓаните им препорачуваат да купуваат домашни производи.

„Алкалоид АД Скопје“ донираше 200 илјади евра на посебната наменска донаторска сметка на Министерството за здравство, плус средства за дезинфекцијa, а ги намали и цените на 158 свои производи. ЕВН -Македонија донираше 200 илјада евра за медицинска опрема и материјали, плус дополнителни 10 илјади евра за приклучок на новата монтажна болница. Комерцијална банка АД Скопје донираше 100 илјади евра и плус заштитна опрема во вредност од 20 илјади евра. НЛБ Банка донираше 50 илјади евра. Исто толку донираше и ОКТА.

Заразна солидарност - платформа за помош
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:23 0:00

Дел компании како помош на економијата предвреме го уплатија данокот на добивка. Приватни болници ставија на располагање на државата дел од своите болнички капацитети, опрема и кадар. Хотелиери ги понудија своите објекти за сместување на лица во изолација.

Од Министерството за здравство им се заблагодарија на сите оние што донирале. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека кризите се време кога човечноста е ставена на тест.

„Ова е можност да се развиеме како општество, да ги надминеме стигмата и поделбите, да се обединиме во хуманоста и да покажеме дека можеме подобро“, рече Филипче на една од редовните прес-конференции.

И Владата отвори сметка за донации за помош во борбата со коронавирусот. Собраните пари ќе се користат за помош и поддршка за активностите за спроведување на мерките за справување со кризата од коронавирусот во земјата. Тие што ќе донираат ќе имаат право на даночно олеснување.

Кризата ја разбуди хуманоста кај граѓаните, па поединци почнаа да изработуваат заштитни визири за медицинскиот кадар, се произведуваат заштитни маски, делат пакети со храна, обезбедуваат бесплатни оброци и кафе за медицински лица, дуќанџии нудат стока по намалени цени, пред продавници граѓани оставаат продукти за да ги земат оние кои не можат да си дозволат да пазаруваат, а општини го ставаат на располагање својот кадар да им однесе намирници на они кои не може да излегуваат од дома.

Едни од оние кои и во време на кризата со коронавирусот им помагаат на граѓаните се од организацијата Банка за храна. Претседателот на организацијата Душко Христов вели дека некаде од 10 март, од почетокот на кризата поделиле над 30 тони храна во Скопје и во Кавадарци, каде што се најприсутни. Тој вели дека имаа доста храна во нивните складишта што планираат да ја поделат на граѓаните за велигденските празници.

„Акцијата сега е малку поспецифична, бидејќи се одвива во време кога сакајќи на некого да му помогнеме, можеме несакајќи да му одмогнеме и да му однесеме дома вирус, затоа преземаме строги мерки секоја храна, донација која ќе ни дојде во магацинот ја дезинфицираме, оние што пакуваат се со заштитна опрема и оние што им ја доставуваат храната, некаде ја доставуваме пред врата, некаде им ја даваме на луѓе, исто така се со заштитна опрема. Водиме максимална грижа и за нашите волонтери и да биде сигурна храната што ја делиме“, вели Христов.

Тој вели дека голема помош има од градоначалниците на Општина Центар и на Кавадарци, Саша Богдановиќ и Митко Јанчев. Преку општинските власти оди комуникацијата со луѓето на кои треба да им се однесе храна и тоа не само социјални случаи, туку и луѓе кои останале без работа поради кризата.

„Се трудиме да стигнеме до сите на кои им е потребно, зборувам за овие две општини, мал дел имаме и во Битола и во Охрид. Поради кризата имам одредено зголемување на компаниите коишто сакаат да донираат, како компаниите Тинекс, Кам, Рамстор, Жито Југ од Кавадарци ни даде 700 кила брашно, Жито лукс ни донираше четири тона брашно, Европа. Компаниите ако правилно им пристапиш и ако правилно ја разберат пораката сакаат да донираат, имаат верба во нас, бидејќи тие сакаат храната што ја донираат да не заврши во погрешни раце“, вели Христов.

Банка за храна – Македонија и партнерите во рамки на проектот „ВСС ефект“ поддржан од ЕУ, до крајот на годината очекуваат да можат да овозможат во државата храната да стигне до сите оние на коишто им е потребна.

Кризата го покажува и лицето и опачината на народниот менталитет, вели социологот, професор Ѓорги Тоновски. Од една страна е позитивното, хуманото, солидарното, од друга страна имаме омраза и непријателство, вели тој. Тоновски вели дека на македонското општество му фали солидарност, а до израз доаѓаат стигматизацијата, непризнавањето на заслугите на поединци или групи за определени објективни придонеси кон општеството.

„Кризата по дефиниција треба да го предизвика тоа чувство кај граѓаните дека треба да помогнат на овој или на оној начин, но исто така се појавуваат и доста поединци и групи кои сметаа дека во овој момент може и добро да се профитира. Додека во светот се натпреваруваат тајкуните и познатите фаци да донираат и да спонзорираат работи кои се во функција на борбата против коронавирусот, кај нас сè уште не беше таков случај, немавме некоја посилна акција кај оние луѓе кои имаат и објективно речено можат да одвојат некоја сума. Сега гледам во последно време поттикнати можеби од срам од ова што се случува во светот, како познатите донираат, има некои пројави на такви активности и кај нас, но не е така помпезно“, вели Тоновски.

Во светот познати пејачи, спортисти, актери, модни дизајнери, интернет гиганти донираат пари во борбата против коронавирусот. Донираат пари за деца погодени од кризата, потоа пари за универзитетски истражувања на вирусот, донираат и за медицинска опрема. Светски познати брендови за производство на козметика своите капацитети ги искористија за производство на средства за дезинфекција, автомобилски компании произведуваат респиратори. Модни куќи произведуваат заштитни маски и скафандери за медицински лица.

Спортистите донираат во болниците во родните градови

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев донирал во струмичката болница. Фудбалскиот репрезентативец Илија Нестороски донирал за прилепската болница. Фудбалери на Шкендија донирале за тетовската болница. Капитенот на ракометната репрезентација Кире Лазаров донирал пари за набавка на заштитни маски и скафандери за медицинските лица во болницата во неговиот роден град Свети Николе. Ракометарот Горан Кузмановски со уште неколку негови колеги покрена иницијативна #спортистипротивкорона, односно отворија сметка на која ќе се собираат пари за заштитана медицинска опрема и пари за ранливи категории.

И во регионот фирми, организации и граѓани донираат за борбата против коронавирусот.

Српскиот тенисер и светска ѕвезда Новак Ѓоковиќ, преку неговата фондација донираше еден милион евра на Србија за помош во справувањето со кризата предизвикана од коронавирусот, а повика тоа да го сторат и неговите фанови. Неговата колешка Ана Ивановиќ преку УНИЦЕФ набави 35 респиратори за Србија. Тренерот на Црвена Ѕвезда, Дејан Станковиќ, донира респиратори и медицинска опрема на здравствениот систем на Србија, а неговиот пример го следеа и играчи од тимот. Спортисти од Србија волонтираат за подготовка и доставува на пакети со храна. И спортистите во Црна Гора донираат по десетици илјади евра за набавка на медицинска опрема за здравствениот систем во земјата.

Како што пишува бугарскиот сервис на РСЕ и во Бугарија фирми и организации донираат илјадници евра за опрема во болниците. А донираат и храна за ранливите категории. Компании даваат пари и за финансирање на проекти за справување со последиците од пандемијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG