Достапни линкови

Дозволата за градба спроти „Холидеј Ин“ се уште не е потпишана


Презентација на идејното решение на инвеститорите за парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Висококатници спроти ГТЦ ќе има, прашање е само колку ќе бидат високи, објаснува градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ. Тој посочува дека и доколку има одредена суспензија на спорниот ДУП, сепак на таа локација одредени објекти ќе никнат.

На паркингот спроти Холидеј Ин ќе никнат висококатници, но какви ќе бидат и со која висина ќе зависи од исходот на постапките за суспензија на дел од деталниот урбанистички план во тој регион вели градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде емитувано во целост в недела.

Тој вели дека засега не е потпишана дозволата за градба на проектот Гранд кој е на чекор до реализација затоа што досега ги поминал сите фази во институциите. Имено, инвеститорите МГ Фешн и Обновители чекаат само на потпис на градоначалникот на дозволата за градба за да почне со расчистување на терен и поставување на темели.

Од друга страна пак, граѓаните од соседството и неколку невладини организации чекаат одговор од општината на нивното барање за суспензија на спорниот Детален урбанистички план, за кој градоначалникот вели дека ќе го спроведе без да прецизира дали ќе биде на целиот план или само на дел.

„Што и да се случи, таму е предвиден некаков развој кој што го дозволува и претходно со детален урабанистички план општината, а и доколку дојде до некои промени повторно ќе има некаков развој – дали деловен или станбен простор, зависи како ќе заврши на крај планот“ вели Богдановиќ.

Во однос на тоа што може да изгради таму инвеститорот, Богдановиќ вели дека се ќе зависи од исходот на постапките и одлуките по претставките кои пристигнале во Општината.

„Зависи каков ќе биде развојот, и кои параметри ќе бидат запазени, кои моменти сметаме дека ќе бидат задржани за интерес на општината, дали парк или градинка “ вели тој.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска неодамна најави дека ќе покрене иницијатива за кривично гонење на Богдановиќ, доколку не поднесе барање за суспензија на планот за градба.

ДКСК бара Обвинителството да покрене истрага за „Голем ринг“

Претходно, Антикорупциската комисија поднесе до обвинителството барање за истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“. На дел од просторот во план е да никнат три висококатници. Антикорупционерите сметаат дека Тодоровиќ и Жерновски заедно со планерската компанија „Билт“, го прекршиле Законот за урбанизам при носењето на Деталниот урбанистички план „Голем ринг“. Во него е опфатено и земјиштето спроти хотелот „Холидеј Ин“, коешто се најде во фокусот на јавноста по најавите дека ќе никне нов „ бетонско чудовиште“ срцето на градот и предизвика бурни реакции во јавноста.

Компанијата „МГ Фешн“ соопшти дека доколку Општина Центар донесе одлука за суспензија на деталниот урбанистички план со кој е засегната „МГ Фешн“ како инвеститор на проектот „Гранд Скопје, компанијата има основа за целосно легитимна правна постапка за претрпена штета.

Поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти Сања Раѓеновиќ Јовановиќ вели дека проблемот на таа локација е во инфраструктура и сообраќајот. Онаа мала можност што ја имавме да видиме некои визуелизации не покажува дека е направен проект врз основа сериозни анализи на локација која е единствена и значајна локација останата во центарот на државата вели таа

„Тие приказни со смалување на катноста, со смалување на површината за градење и колку биле доблесни инвеститорот и проектантите, не се точни, затоа што ние знаеме дека со тој план има предвидено на сите три парцели вкупно 600 илјади метри квадратни за градење, што значи по 200 илјади метри квадратни на една градежна парцела. “ вели таа.

Бетонско чудовиште или урбан „зелен објект“ ќе никне спроти „Холидеј Ин“

Рагеновиќ објаснува дека она стечено право за кое инвеститорите „љубат да се повикуваат“ не е точно.

„Стечено право не значи право на метри квадратни, туку право на градење. Стеченото право на метри квадратни се стекнува кога објектот ќе се впише во катарстар и кога ќе добие свој сопственик. Се дотогаш метрите квадратни се идно право, кое може да се оствари но и не мора, во зависност ако се докаже – стручно со ревизија, дека плановите не се добри. На инвеститорот правото за градење не му се одзема, туку му се одзема правото на предвидените квадрати со лошо испланираните урбанистички планови“ вели таа.

Законски опции за спречување на градбата на парцелата кај Холидеј Ин

Идејата за три облакодери на потегот меѓу Холидеј Ин и Олимписки базен во центарот на Скопје е стара 14 години. По укинувањето на мораториумот на Општина Центар од страна на Уставниот суд, сега е на чекор до реализација. Деталниот урбанистички план за оваа зона беше под мораториум, одлука која два пати „падна“ на Уставен суд, затоа што уставните судии сметаат дека општината не смее да презема такви мерки. Односно Уставниот суд оцени дека Општината не смее да не спроведува ДУП.

За првата парцела кај „Холидеј Ин“ фирмата МГ Фешн“ и МПЦ преку фирмата Обновители имаат проект за изградба на три згради од 16, 20 и 22 ката. До сега во јавноста е познато дека инвеститорите платиле комуналии од 2,4 милиони евра на Општина Центар и Град Скопје за дел од проекот и чекаат дозволата за градба да стане правосилна, односно градоначалникот да ја потпишше. Богдановиќ вели дека ќе поднесе елаборати за суспензија на планот, но се уште не го сторил тоа. Конечната одлука за суспензија на ДУП-ови е во рацете на советниците во Општина Центар.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG