Достапни линкови

Даночна правда пред прогресивен данок на имот што не се користи


Илустрација, Битола

Три пати повисок данок за куќа или стан што не се користат е предвидено со измените на законот за данок на имот. Тоа значи дека граѓаните кои се сопственици на викендички во државава ќе треба да плаќаат повеќе данок.

Планот на Владата е овие законски измени да стапат во сила од 1 јануари следната година. Даночните експерти сметаат дека овие измени ќе паднат на грбот на оние граѓани кои веќе си ги плаќаат давачките и дека со овие измени нема да се помогне во зголемено полнење на општинските каси. Тие велат дека овие зголемени давачки нема да имаат никакво значење за приходите на општините, а тоа е главната цел за која се прават измените.

Даночниот експерт Павле Гацов вели дека зборот „реформа“ за прогресивниот данок на имот е пресилен, затоа што се работи за најлесен начин да се зголеми стапката на оданочување.

„Бидејќи ова е работа на општинската даночна администрација собирањето на данокот на имот не е многу успешно, со исклучок на најголемите градови во Македонија, другите имат слаб процент на наплата. Така што истите тие што плаќале, ќе плаќаат уште повеќе“ вели Гацов.

Владата очекува поинакви резултати

Во владиното соопштение кога беше објавен предлог измените на законот за прогресивно оданочување на имотот е наведено дека се очекува да прикажат позитивно влијание врз општинските каси. Со него се опфаќа недвижен имот кој е во сопственост на државата или на општините, општините во Градот Скопје и на Градот Скопје, како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи подолго од шест месеци во текот на една година, ќе се зголеми за три пати во однос на стапките пропишани со законот.

„Со одредби од овој закон се пропишува и дека државата, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат ќе платат данок кој ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот“, соопштуваат од Владата.

Од друга страна, еден од клучните проблеми во данокот на имот е селективното плаќање на оваа давачка. Според последното истражување на Центарот за граѓански комуникации, десетте скопски општини собираат пари од данок на имот колку сите други 70 општини заедно. Гацов вели дека решението лежи во реформи со кои ќе се сузбие селективноста во плаќањето на даноците за имот.

„Мислам дека вистинската даночна реформа би била, да се уредат алатки и механизми, проверки и надзор. Да се натераат тие што не плаќале данок да плаќаат, да се воведат катастри, постојано да се проверуваат тие катастри, да се проверуваат вредностите на имотот, да се прави проценка на тие вредности и мислам дека така би била поуспешна даночна реформа, отколку само зголемување стапките на данокот за оној имот кој што не се користи од страна на даночните обврзници. Затоа мислам дека за сето ова е потребно покомплексен пристап за да го наречеме реформа“ вели Гацов

Во период од 2017 до 2019 година граѓаните и фирмите во просек годишно исплаќале по 21 милион евра на своите општини за имотот што го поседуваат на нивното подрачје. Од нив 10,2 милиони евра собираат општините што го сочинуваат градот Скопје. Данокот се пресметува како 0,1 отсто од вредноста на имотот, што покажува дека земјиштата и градбите во Скопје вредат колку што вреди сѐ друго заедно.

Прилеп, Велес, Гевгелија, Кавадарци, како и скопските Центар, Карпош, Ѓорче Петров, собрале над 90 отсто од предвидените суми. Тетово, Кичево, Липково и други не наплатувале ни по 60 отсто, а Гостивар, како поголема урбана општина со најслаба наплата, собрал само 40 отсто од предвидените пари. Послаби од тоа се само некои рурални општини, како Долнени, Маврово и Ростуше и Студеничани.

Спора фискална децентрализација

Но, скопското Арачиново не наплатила ниту еден денар од своите околу 13 илјади жители по основ данок на имот. Според податоците од Центарот за граѓански комуникации општината ниту наплатувала даноци на имот, ниту издавала решенија, ниту имала даночно одделение. Во нивниот извештајот се вели дека таа немала база на податоци за даночните обврзници, односно не знаела колку и кои луѓе поседуваат имоти на нејзината територија и колкава е нивната вредност. Од друга страна скопската општина Центар е рекордер од општините за наплата на оваа давачка во буџетот. Просечната годишна вредност на наплатениот данок на имот во општина Центар е 2,3 милиони евра.

Гацов очекува дека за брзо ќе се увиди дека е потребно нешто посериозно да се направи за да се зголеми процентот на наплата на данок на имот. Данокот на имот не е голема ставка во општинските буџети како што се комуналиите. Со овој данок нема да се покријат оние дупки што им фалат на општините за општинските активности.

„Се разбира дека ќе соберат извесна сума на пари, но од друга страна зголемените стапки секогаш ја потикнуваат по дефиниција даночната евазија. Така да математиката треба да биде во насока да се прибираат даноците од тие што не го плаќале до сега, бидејќи тоа е вистинскиот начин за враќање на даночната правда на голема врата која е еднаква на која било правда“ вели Гацов.

Според него селективноста во плаќањето на даноци е опасна работа која го руши системот и ги демотивира плаќачите да се обидат да најдат начини да го избегнат плаќањето на давачките кон државата. Податоците на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека и по деценија и пол од почетокот на фискалната децентрализација, изворните приходи на општините покриваат само мал дел од нивните трошоци. Само седум општини успеале да го надминат прагот од еден милион евра наплатен данок на имот, а 36 одвај стигнале и до 50 илјади евра годишно.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG