Достапни линкови

Закон за дивоградби- награда за криминалот, казна за легалистите


Уривање дивоградба во Охрид според Акциониот план и според препораките на УНЕСКО
Уривање дивоградба во Охрид според Акциониот план и според препораките на УНЕСКО

Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти кој го изгласа Собранието отвора можност од судски процеси да се спасат обвинетите за бесправно градање, а го отвора и прашањето каква порака се праќа ако е можна легализација дури и во национални паркови.

Десет години по првиот закон за легализација на дивоградбите за едно евро квадрат, Собранието изгласа нов закон за легализација. Овој пат оние што граделе нелегaлно ќе треба да платат поскапо од регуларната цена. Има уште неколку разлики. Со овој закон може да се легализира секаде, па и во национални паркови, освен на охридското крајбрежје, а не може да се легализираат згради. Со амандамнски вметнатиот член од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, за кој гласаа и пратениците од владејачкото мнозинство, овој закон им дава можност и на оние за кои се водат постапки за нелегална градба да не одговараат, како на пример поранешниот градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски за кој се води таква постапка.

Имено, членот 41 од Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти за кој гласаа 72 пратеници предвидува „управните и судските (кривични и граѓанските постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти со наведената намена се запираат за сите видови на објекти согласно Законот за градење и други закони со денот на влегување во сила на овој закон“.

Единствен пратеник, кој според извештајот од собраниската комисија за транспорт и врски гласал против овој член, е Мирослав Богдановски, пратеник од ДОМ, партија која е дел од владејачкото мнозинство.

Богдановски за Радио Слободна Европа вели дека со ова се фрла во вода целата работа на градежните инспектори кои што влегле во управни постапки и кои како што вели си направиле непријатели, а можно е да трпеле и закани.

„Едноставно пак се праќа пораката кој што сака нека прави и може да биде амнестиран со некаков ад хок закон донесен за легализација на криминално изградени објекти“, вели Богдановски.

Каква порака се праќа?

Другото прашање што се поставува, пак, е зошто е потребен овој закон сега и каква порака праќа тој до сите граѓани, не само до оние што биле надлежни да спречат дивоградби.

„Се праќа лоша порака. Наместо државата да ги санкционира оние што нелегално граделе, за што и кривично се одговара, со овој начин се оштетуваат сите граѓани кои на легален начин, со плаќање на сите пропишани давачки изградиле куќа или купиле стан, а се привилегираат сите оние што нелегално изградиле и со тоа одземале и простор и средства од државата и од граѓаните“, вели архитектката Сања Раѓеновиќ Јовановиќ.

Првиот закон за легализација на дивоградби го донесе владата на поранешниот премиер Никола Груевски во 2011 година. Три пати беше продолжуван рокот до кој требаа да се поднесат документите, а пресекот на 30 јуни 2018 година покажа дека со тој закон беа легализирани 202.110 објекти.

Следната, 2019 година владата предводена од СДСМ почна да зборува за носење на нов закон за легализација на бесправно изградените објекти. Проценките тогаш беа дека останале уште околу 70 000 дивоградби. Актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски овој закон го поднесе до Собранието лани во септември и во него тогаш се предвидуваше да се легализираат објектите изградени до први октомври 2019 година.

Потоа месецов е поднесен дополнет предлог со вградените забелешки од расправата во собраниската комисија за транспорт, врски и екологија и сега се предвидува да се легализираат сите објекти изградени до моментот на стапување во сила на законот.

Поскапа легализација, ќе има ли некој ќар?

Поранешната влада ниската цена за легализација на дивоградбите ја правдаше со тоа што 95 проценти од дивоградбите биле на лица кои се со ниски примања или корисници на социјална помош. Со овој закон за да се дојде до легален објект ќе треба да се плати поскапо односно 50 отсто повисоки комуналии.

„И сега ние треба ли да се радуваме на тоа? Па ако некој 20-30 години користел дивоградба и тоа што му било нелегално, тој пак ќарил од државата затоа што со години егзистирал на туѓа сметка...што имаме ние од тоа што ќе се покачат комуналиите за 50 отсто кога целиот процес е нелегален, а кога државата очигледно нема урбана политика за целата земја“, вели Раѓеновиќ Јовановиќ.

Дополнително нејаснотии предизвикаа и недокрај прецизните законски одредби за тоа каде може да се легализира дивоградба во однос на заштитените подрачја бидејќи како исклучок е споменато само Охридското езеро. Давор Пехчевски од невладината организација Еко Свест главниот проблем со законот вели дека е што не прави разлика меѓу различните категории на заштитени подрачја без разлика дали станува збор за заштита на природа или заштита на извори на вода за пиење.

Според различни закони, вели Пехчевски, за различни категории постојат различни правила, а овој закон додава не ги предвидува тие, туку само посочува дека Министерството за животна средина треба да даде согласност.

„Е сега во теорија, ова би значело дека Министерството за животна средина ќе се повика на законите за заштита на природата и Законот за водите и согласно тамошните критериуми ќе даде или нема да даде согласнот за легализација. Меѓутоа во пракса тоа не секогаш функционира идеално и искуството во досегашните 30 години покажува дека коруптивното работење секогаш стапува во сила кога некој треба да даде согласност за нешто“ , вели Пехчевски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG