Достапни линкови

Бетонско чудовиште или урбан „зелен објект“ ќе никне спроти „Холидеј Ин“


Прес конференција за парцелата1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Инвеститорот го презентираше проектот кој предизвика низа контроверзи и реакции од архитекти, невладини организации и граѓани

Три дваесеткатници со 400 станови, инвестиција вредна 60 милиони евра наменета за 1200 жители ќе никнат во центарот на Скопје на паркингот спроти Холидеј Ин. Фирмата „МГ Фешн“ која е инвеститор во овој проект денеска во јавноста го презентираше идејното решение со цел, како што велат да и укажат на јавноста дека тоа ќе биде урбано обележје на градот. Управителот на компанијата Илија Божиновски изјави дека целта на проектот била да го разубават градот, а не како што се прикажувало во јавноста со макети кои не соодвествувале на нивниот проект.

„Замислата на проектот Грант е во истиот ДУП да го претвори запоставениот и руиниран простор во центарот на градот во нов даунтаун, урбан и зелен модерен комплекс кој е еколошки и енергетски ефикасен“ изјави Божиновски.

Тој посочи дека во комплексот, кој ќе се реализира во три фази, се внесени многу јавни содржини и многу зеленило, затоа што идејата е тој да претставува ново обележје на градот.

„Градежната парцела 1,4 е со приближна големина колку плоштад Македонија и важечкиот ДУП за оваа парцела не предвидува градба на објекти туку фонтана со спомен обележје. МГ Фешн и нуди соработка на Општината Центар и е подготвена да инвестира во урбан јавен простор во урбан јавен простор на површина од 7 300 метри квадратни со разновидно парковско зеленило налик на светските урбани уредени паркови, и простори оплеменети со современи фонтани и урбани опреми. Сопствениците на приватните парцели од парцелата 1.4 би биле обештетени со истиот сооднос како и останатите сопственици чии парцели се опфатени со новите објекти, “ изјави Божиновски.

Тој додаде дека компанијата дополнително е подготвена да инвестира во соработка со Град Скопје во обновување делот на кејот на 13 ноември, кој се протега во близина на локацијата, иако тој не е предмет на градба во проектот.

Деталниот не е усогласен со Генералниот урбанистички план

Еден од клучните проблеми кои во јавноста го истакнаа во писмена реакција десетина невладини организации е дека овој проект ќе се гради според Деталниот урбанистички план што досега беше под „мораториум“ и не е усогласен со законот од повисок ранг, односно со Генералниот урбанистички план на Скопје донесен на 04.12.2012 година, а со важност до 2022 година, при што дополнително прекршува низа правилници и закони. Една од основните законски обврски е ДУП да биде усогласен со ГУП.

„Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Државната комисија за спречување на корупцијата отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар. Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини, “ се вели во писмената реакција на невладиниот сектор.

Архитектката Јана Гугуловска изјави дека општината Центар е должна во разумен рок да го промени Деталниот урбанистички план согласно ГУП, а зошто не е променет треба да одговорат други институции.

„Сите се повикувате на ГУП-от од 2012 година, јас ќе кажам дека овој детален урбанистички план е донесен два дена пред да стапи во сила Генералниот урбанистички план. А изработката негова е почната и прифатена програма многу години претходно. Не можеме да споредуваме овој ДУП со ГУП- от затоа што не е правен по тој“ изјави Гугуловска.

Граѓани, универзитетски професори и невладини организација против изградбата на големи објекти кај Холидеј Ин

Во изминативе неколку денови на социјалните мрежи кружи петиција против изградба на висококатници спроти Холидеј Ин во центарот на Скопје. „НЕ“ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел Холидеј Ин - се порачува во петицијата во којашто се наведува дека „бетонски чудовишта ќе се градат на 83.000 квадрати“.

„Што се однесува до петицијата, јас колку што знам таа гласи ‘Не за масовни чудовишта’, а не е за неградење или стопирање на градба. Имајќи во предвид дека таа макета изработена од наши колеги, не соодејствува со деталниот урбанистички план, според кој, е правен овој проект, мислам дека е беспредметно да правиме муабет за некаква петиција, која што е направена врз база на некакви си модели кои не се согласни со ДУП. Јавноста треба да види дали била изманипулирана или не“, посочи Гугуловска.

Се бара Заев да реагира за комплексот спроти „Холидеј ин“ во Скопје

Во однос на идејното решение за кое во јавноста се појавија критики дека е копија на други веќе реализирани решенија архитектот Мартин Пановски ,кој е дел од идејниот проект, изјави дека тоа е светски тренд и дека предвидениот законски минимум од 20 проценти зеленило е исполнет и тоа не спаѓа во вертикална линија. На новинарското прашање дали се следи трендот и принципот на „Скопје 2014“ мостови да удираат во јавни површини истакна дека тоа е срамна споредба.

„ А дали урбанистички тоа е по „Скопје 2014“ тоа не знам какво прашање ви е, мостот удира на кеј, нашиот објект за разлика од оние кои што ги срамно ги споредувате со „Скопје 2014“ обејктите се наоѓаат во кејот, а овде удирате на јавен простор кој што се вика кеј“ изјави Пановски.

Иако во новиот комплекс планирано е да се вселат нови 1.200 жители, во ДУП-от на Општина Центар не е предвидена изградба на основно училиште или градинка, што според инвеститорот, не претставува проблем, бидејќи смета дека во самиот комплекс може да се отвори приватна градинка во секое време, но и како што вели, во радиус од сто метри има две основно училишта и две градинки. Засега не ја открија нити цената на становите, нити до каде е постапката со добивање на градежна дозвола и роковите за отпочнување на градба.

Невладиниот сектор во писмената реакција пред прес конференција побара да се спречат опструкциите за изработка на поквалитетни планови, кои, како што велат, доаѓаат од изработувачите на плановите кои одбиваат да постапат согласно стручните барања.

„Тоа се истите изработувачи на планските решенија за катастрофалниот проект „Скопје 2014“, кои и денес ја загрозуваат ефикасноста на целиот процес за квалитативно подобрување на ДУП-овите“ се вели во реакцијата на група невладини организации.

Претседателката на антикорупциската комисија Билјана Ивановска неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека целата постапка околу имотот спроти Холидеј ин остава простор за сомнеж за корупција од неколку аспекти. Еден од нив е процесот на откупување на земјиштето, во неговото окрупнување, со одговор од државното правобранителство дека нема правни пречки да се продаде тој простор, а од друга страна, планот е под одлука за неспроведување таканаречен мораториум.

„Како може да се продава нешто кога се рекло, „чекајте да видиме што ќе правиме таму, дали ќе го штитиме јавниот интерес или ќе го продаваме на приватен газда“. Уште во самиот процес на продажба,“ изјави Ивановска неодамна.

Таа додава дека таму се уште не беше завршен процесот на денационализација на тој процес. Од една страна, семејството чека да се заврши процесот на денационализација, а од друга страна веќе му го продале земјиштето и го обештетуваат со некаква минимална цена, и како што вели таа, и тоа е сомнително.

Компанијата МГ Фешн најавува дека ќе се гради урбан и зелен комплекс и објекти со тројно намалена катност, место привично планираните 60-катни бетонски облакодери.

Министерството за транспорт и врски повикувајќи се на член 68 Законот за гредежно земјиште во 2018 година склучи договор за продажба на ова државно градежно земјиште со фирмите „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и „Обновители“ на МПЦ откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 метри квадратни од физички лица. Станува збор за градежен плац од вкупно 14 илјади метри квадратни.

Купопропродажниот договор го потпишале тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугаревски и консултант кој како полномошник ги претставувал двете компании. Токму овој договор во 4 очи, односно непосредната спогодба, привлече големо внимание во јавност особено поради досегашното искуство кога државата во вакви ситуиации продала актрактивни локации во центарот на градот за ниска цена на луѓе блиски до власта. Негодувањата во јавноста ги предизвика и фактот што имотот во центарот на градот е продаден за цена од 312 евра за метар квадратен, што доколку било со јавно наддавање таа парцела можеби би постигнала и повисока цена, односно повеќе пари во буџетот.

Тековната сметка добиена од Централниот регистар во 2018 година на фирмата „Обновители“ покажува дека основачи се Македонската православна црква со влог од недвижности во вредност од 2 милиони евра и влог од 7 илјади евра од Зоран Антиќ.
Од МПЦ тогаш не го негираа сопственичкиот удел, но посочија дека досега не се занимавале со градежни зафати, дека не учествуваат во купувањето на државното земјиште, туку својата парцела ја отстапиле на инвеститорот. Купувањето, тврдат од МПЦ, го извршила фирмата „Обновители“.

Антиќ кој е партнер на МПЦ и косопственик на М.Г.Фешн е и донатор за изградба на црква. Тој е ктитор на црквата Христос Спасителот во општина Карпош чиј камен темелник е удрен на 19 декември 2015 година. Во дел од медиумите е посочено дека тој имал бизнис релации и со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, а неговите бизниси се поврзуваат со многу атрактивни локации во центарот на Скопје.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG