Достапни линкови

Општинските должници чекаат спас од Владата


Банкноти по 1000 денари

Во пресрет на локални избори Владата сака да им ги отпише долговите на јавните претпријатија основани од општините. Предлог законот е во Собрание. Опозицијата обвинува дека со ова се прикрива „неспособното менаџирање“ на градоначаниците.

Вкупно 63 милиони евра изнесувал долгот на општинските јавни претпријатија во септември минатата година, од кои 54 милиони евра се доспеани и неплатени обврски кон државата заклучно до септември 2020 година. Останатите 9 милиони евра се долгови кои јавните претпријатија формирани од општините ќе треба да ги платат оваа и следната година, покажуваат податоците од третиот квартален извештај на министерството за финансии.

Во првите десет најголеми должници влегуваат и јавните препријатијата за Водовод од Куманово и Скопје, од кое првото должи речиси 8 милиони евра, додека скопското претпријатие има 6 милиони евра неплатени доспеани обврски.
На листата во првите десет најзадолжени се и општините Тетово со 9 милиони евра и Охрид со речиси 7 милиони евра долг, и општина Карпош со 5 милиони евра неплатени доспеани обврски.

Во пресрет на локалните избори годинава Владата ќе им помага на општините да ги покријат долговите на јавните претпријатија, кои со години трупаат долгови. Ваквото работење на јавните претпријатија чии основачи се општините, спас ќе добијат од Владата доколку во Собрание помине предлог законот доставен од министерството за правда. Ова е втор пат во изминативе три години владата да им помага на општинските татковци да излезат од наталожените долгови.


Во законското решение е наведено дека се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите, како и репрограмирање на долговите и трошоците на јавните претпријатија, со цел нормално функционирање на јавните претпријатија и непречена реализација на нивните развојни активности.

Но, еден од проблемите е што во законското решение не се наведени конкретните финансиски последици, односно за колку пари ќе остане пократок буџетот, откако Владата ќе им ги прости долговите на јавните претпријатија.
„ Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати и за репрограмирање на главниот долг и трошоците на јавните претпријатија кон јавните органи кои произлегуваат од предмети поднесени за извршување пред извршителите и Управата за јавни приходи заклучно со 31.12.2017 година, “ се вели во законското решение.

Според податоците од Центарот за граѓански комуникации и нивното последно истражување на 30 јавни претпријатија во период од 2015 до 2019 година покажува дека речиси една третина од претпријатијата се загубари.
Од општинските јавни претпријатија со најголема загуба во 2019 година според завршните сметки се појаува јавното претпријатие „Стрежево“ Битола со загуба од 3,5 милиони евра, додека во 2018 година неговата загуба изнесувала 3,8 милиони евра. Веднаш по него на листата се наоѓа и „ЈСП“ Скопје.


„Изворите на финансирање на средствата покажуваат дека претпријатието целосно ги има подјадено сопствените извори на финансирање и дека се работи за компанија што ја поседуваат доверителите.Кредитната способност покажува дека финансиските можности на претпријатието се слаби и дека самофинансирањето е неодржливо“, се вели во анализата.

Скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ во три од анализираните четири години работи со загуби. Освен за 2016 година, за останатите години искажана е загуба во вкупен износ од 555.000 евра. Во исто време, бројот на вработени е намален за 5%. Односот на финансиските приходи и финансиските расходи е негативен во просек и изнесува - 92%.

Од друга страна пак, работењето на јавното претпријатие Водовод и Канализација Скопје покажало подобрување. Претпријатието за 2019 остварило нето добивка, за разлика од 2018 година кога искажало загуба во износ од 883 илјади евра. Со загуба работело и во 2015 година, се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

За разлика од нив, пак, јавното претпријатие за комунални дејности Комуналец, Струмица работи со добивки. Во анализираниот период, вкупните расходи ги покрива со вкупните приходи и остварува вишок од 3% во анализираниот период од 5 години.
„Претпријатието има најголем процентуален пораст на бројот на вработени од сите 30 анализирани претпријатија за 5те години, со процент на пораст од 59,2% (од 240 вработени во 2015 на 382 вработени во 2019 година)“, се вели во извештајот.

Честопати јавните претпријатија заглавуваат со затворени сметки поради извршители. Извршувањето на судските пресуди за наплата на неисполнети финасиски обврски со некои институции оди полесно, но со некои многу потешко, вели претседателот на комората на извршителите Ванчо Марковски.

„Можам да ви потврдам дека не се спроведува извршување кон јавни претпријатија кои се основани од единици на локална самоуправа или многу тешко се изведува извршувањето“, вели Марковски.

Во изминатава деценија во јавноста не се забележа дека некој од директорите на јавните претпријатија загубари или вечни должници презел одговорност за лошото менаџирање кое довело до таква ситуација.

Дополнително со новото законско решение не се предвидува казна за оние функционери кои не си ја завршиле добро работата и дозволиле претпријатијата да заглават во долгови, па извршители им ги блокираат сметките.
„Членот 4 утврдува дека должник кој измирил дел од каматата, долгот и трошоците нема право на поврат на исплатениот износ“ се вели во законот.
Во законот за отпис на камати се предвива казна само од 2 500 евра за тој што нема да изврши отпис на каматите и репрограмирање на долговите.
Од друга страна, во законот за финансирање на локалната самоуправа, е предвидена казна од 1500 до 3000 илјади евра за градоначалникот кој нема навремено да го сервисира долгот.

Опозицијата обвинува за срамен проект

Опозицијата обвинува дека со овој закон власта наместо да работи на децентрализацијата прави сосем спротивно на тоа и дека локалните власти служат само за полнење со партиска војска.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски вели дека повторно се турка срамен проект за враќање на долговите.
„Зошто сега повторно да се покрива долгот на Теута Арифи во Тетово, или на оној неспособниот од Охрид што го пушти статусот на УНЕСКО низ вода? Затоа што за само две години градоначалниците потрошиле околу два милиони евра за набавка на службени возила. Ако на ова се додаде и оној срамен потег, парите од карго аеродромот кој што не е изграден да се пренаменат за финансирање и реализација на општински наводни проекти, приказната е сосема јасна,“ вели Стоикловски.

Пред само две години државата им прости на општините половина од вкупните долгови, односно им даде 50 милиони евра од Буџетот на државата за да си ги платат долговите. По две години и натаму локалните самоуправи се со големи долгови. Заклучно со септември лани, општините должеле 63,8 милиони евра.
Вкупно 306 милиони евра должат општините, јавните претпријатија но и институции и друштва основани од единциите на локалната и централна власт за давачки кон државата покажуваат податоците од министерството за финансии за третиот квартал од 2020 година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG