Достапни линкови

Законски опции за спречување на градбата на парцелата кај Холидеј Ин


Презентација на идејното решение на инвеститорите за парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј ин во центарот на Скопје

Малку законски опции се во игра за да се сопре изградбата на висококатници спроти скопскиот хотел „ Холидеј Ин“. Првата е суспензија на ДУП-от, а втора е Државното правобранителство да ја ревидира одлуката за продажба на државното земјиште во 2018 година, вели архитектката Даница Павловска.

Рокот за издавање на дозвола за градба на инвеститорот за проектот Гранд на локацијата спроти Холидеј Ин во центарот на Скопје веќе почна да тече. Со уплатата на комуналиите од 2,4 милиони евра кон општините Град Скопје и Центар на 10 април, почнува да тече рокот од две недели во кои градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, треба да ја потпише дозволата за градба. Во тој краток временски период малку законски опции се на маса за да се заштити јавниот интерес, велат упатените, кои додаваат дека по тој рок сите други опции може да предизвикаат и дополнителна штета врз буџетот.

Суспензија на ДУП

Една од законските опции што влегуваат во овој краток рок е градоначалникот да достави елаборати до Министерството за транспорт и врски со кој ќе почне постапка за суспензија на спорниот ДУП, вели советничката во Општината Центар Јана Белчева. Таа појаснува дека тие уште лани во декември биле изготвени, но не биле испратени до Министерство за транспорт и врски.

„Сето ова оддолговлекување на неиспраќање на елаборатите кои се веќе изготвени и се изготвени подолго време од стручните служби практично се искористило за купување време, малку за замајување на јавноста, за да дојде до одобрување на проектот, да се овозможи чист терен за издавање дозвола за градба“, вели Белчева.

Но, на вчерашаната седница на Советот на Општината, градоначалникот Саша Богдановиќ изнесе информација со која ги предупреди советниците за можни последици доколку ја почнат постапката за суспензија. Тој посочи на, како што вели, недостатоци во Законот за урбанистичко планирање со кој се предвидени рокови за носење на нов детален урбанистички план од 6 до 12 месеци по суспендирање на спорниот ДУП.

„Морам да го предупредам Советот и јавноста дека ако се тргне во постапка за суспензија бидејќи имаме временско ограничување и не се постигне посакуваниот ефект може да се соочиме со штета која ќе треба општината да ја плати“, изјави Богдановиќ.

Богдановиќ во изминатава недела откако во медиумите се објави информацијата за исплата на комуналии во вредност до 2,4 милиони евра, бара од другите институции да засукаат ракави и да покренат постапки со цел да им помогнат за суспендирање на контроверзните и спорни детални урбанистички планови. На ова министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека не добил елаборат и дека суспендирањето е во рацете на советниците во општината.

Дебатата дали на таа локација ќе никнат „бетонски чудовишта“ или, пак, урбан зелен објект како што вели инвеститорот, се вжешти откако во неа, од една страна застанаа невладини организации и универзитетски професори во одбрана на јавниот интерес, а од друга страна, се вклучија инвеститорот МГ Фешн и жителите на Ново Маало во одбрана на приватниот интерес. Сопствениците на куќи во Ново Маало преговараат со инвеститорот да добијат станови во новите висококатници во замена за нивниот имот.

„Во преговори сме со Антиќ, и сакаме да се договориме да земеме стан“, изјави Игор Стојанов, еден од жителите на Ново Маало.

Одговорност од државното правобранителство

Од друга страна, поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти Даница Павловска смета дека и другите институции треба да се вмешаат во оваа постапка за продажбата и изградба на таа локација која е сомнителна по неколку основи и да покажат повеќе од само интерес.

Павловска: Кривично дело е спроведување на ДУП-от спроти Холидеј Ин
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:55 0:00
Директен линк

„Министерот дава умерени изјави без да го осознае проблемот до крај, неинформирани политичари се неквалитетни политичари. Треба да има една спрега меѓу локалната и централната власт. Да не зборувам за Градот кој како субјект е најодговорен за вакво нешто и не е инволвиран ни во дискусиите и стои сосема на страна. Тотална неодговорност“, вели таа.

Таа смета дека Државното правобранителство треба да ја ревидира одлуката со која му овозможи на Министерството за транспорт и врски да го продаде државниот имот во центарот на Скопје спроти Холидеј Ин. Станува збор за согласност на државното правобранителство во 2018 година со кое се отвори патот за изградба на три висококатници во склоп на комплексот „Гранд“.


Павловска посочува дека одлуката на Правобранителството во 2018 година е донесена врз основа на нелегитимни документи, односно на нерасчистени имотно правни прашања поврзани со денационализација. Таа додава дека до сега требаше да реагира Државното правобранителство, но тоа не го сторија, па затоа треба и да се повикаат и на одговорност.

„Кој е тој што потпишува нешто што не смее, непроверено, штетно по државата, по јавниот интерес, продава земјиште кое не е со план предвидено такво нешто. Изводот од планот кој што е есенцијална информација за министерот да го продава земјиштето е лажен, не е тоа тоа, нема легитимен“, вели Павловска.

Павловска - Да не се спроведува план кој нема легитимитет

Таа додава дека клучна законска опција во ситуацијава е да не се спроведува план кој што нема легитимитет, затоа што со негово спроведување се прави кривично дело.

Според инвеститорите и архитектите на проектот „Гранд“, усогласувањето на деталниот со урбанистичкиот план е во надлежност на општината која досега имала доволно време во изминативе години да го стори тоа.

Идејата за три облакодери на потегот меѓу Холидеј Ин и Олимписки базен во центарот на Скопје е стара 14 години. По укинувањето на мораториумот на Општина Центар од страна на Уставниот суд, сега е на чекор до реализација. Деталниот урбанистички план за оваа зона беше под мораториум, одлука која два пати „падна“ на Уставен суд, затоа што уставните судии сметаат дека општината не смее да презема такви мерки. Односно Уставниот суд оцени дека Општината не смее да не спроведува ДУП.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG