Достапни линкови

Агенцијата за разузнавање има нови сознанија за „Диво Насеље“


Апсење на терористичка група во Куманово на 10 мај 2015
Апсење на терористичка група во Куманово на 10 мај 2015

Имаме нови сознанија за кумановските настани од 2015 година и очекуваме средба со Јавното обвинителство да видиме како може да помогнеме за целосно расветлување на случајот, вели за РСЕ директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.

Сите тајни за „Диво Насеље“ не се закопани со смртта на водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај. Агенцијата за разузнавање има нови сознанија, а обемна анализа за настанот е предадена во Јавното обвинителство, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела. Тој најавува дека Агенцијата претходно била неискрена со Јавното обвинителство и оти очекуваат средба со обвинителите да видат како ќе може да помогнат во расветлувањето на случајот.

„За мотивите на групата, јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се споменува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме и нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на двоецот Ризај и Ндрецај“, вели Муслиу во интервјуто за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Радио Слободна Европа на 9 мај 2015 година беше во кумановско Диво Насеље:

РСЕ во кумановската Дива Населба
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Во судири меѓу македонската полиција и вооружена група во кумановско Диво насеље на 9 и 10 мај 2015 година загинаа 8 полицајци, а 42 беа ранети. Загинаа и 10 припадници на вооружената група. Вооружениот инцидент заврши така што преживеаните членови на групата ѝ се предадоа на полицијата. Две години подоцна, 33 членови на групата и нивни соработници беа осудени за тероризам и терористичка организација на долгогодишни затворски казни. Седуммина од осудените добија доживотен затвор, 13 осудени добија 40 години затвор по што ќе треба да бидат протерани од државата, додека останатите добија од 12 до 20 години затвор. Четворица беа прогласени за невини.

Групата претходно, на 21 април 2015 ја нападна караулата Гошинце на границата кон Косово, по што, оружјето украдено од караулата го користеле во инцидентот во Куманово.

Според обвинителство, целта им била да предизвикаат чувство на несигурност и страв меѓу граѓаните. Дел од осудените, пак, на судењето тврдеа дека биле искористени за нечии политички игри и оти нивниот план не бил да има судири, туку само да пукаат во воздух.

Еден од осудените, Руфки Догани, пак, пред судот тврдеше дека четворица членови на групата: Бег Ризај, Мирсад Ндрецај, Ваљон Кабаши и Сами Кастриоти, ѝ се предале на полицијата и биле убиени отпосле, но обвинителството негираше.

Два дена по кумановските настани оставки поднесоа тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

На еден од протестите пред МТВ на 4 април 2015, само еден месец пред престрелката во кумановско Диво Насеље, претседателот на политичката партија Достоинство, Стојанче Ангелов, рече дека тогашната власт им платила на криминалци да нападнат припадници на безбедносните сили за да предизвикаат меѓуетнички инцидент.

„Имам информации дека се дадени 2 милиони евра на Албанци коишто немаат врска со УЧК, на криминалци, коишто денес се наоѓаат во Липковскиот регион. Нивната задача била да се претстават божемски се УЧК и да извршат убиство на неколку припадници на полицијата или армијата и на тој начин да предизвикаат меѓуетнички конфликт, рече тогаш Ангелов на протестот на кој бараа МТВ да ги емитува нелегално прислушуваните разговори или таканаречени „бомби“ кои лидерот на СДСМ Зоран Заев тогаш ги објавуваше.

Косовската телевизија Дукаѓини еден месец по престрелката објави дека веќе убиените во инцидентот во кумановско Диво Насеље Бег Ризај и Мирсад Ндрецај имале силни врски со еден агент од Агенцијата за разузнавање на Македонија. Двајцата лидери на кумановската група познати по прекарите командант НАТО и командант Бегу, наводно, снимиле и разговор со агентот кој беше емитуван на медиумот.

Како што се пренесува, разговорот се одвивал неколку недели откако Ризај и Ндрецај го нападнале граничниот пункт во планинското село Гошинце, а потоа поради интервенцијата на македонската полиција се сомневале дека се издадени од македонскиот агент.

На настаните од кумановското Диво насеље им претходеа низа работи кои создадоа политичка криза во државата. Три месеци пред нив, почна првото објавување на нелегално прислушуваните телефонски разговори од страна на тогашната опозиција, по што следуваше и почетокот на масовни граѓански протести. Тогашната опозиција најавуваше меѓународна истрага за настаните во Куманово.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG