Достапни линкови

Делумна забрана - делумни ефекти во употребата на пластични ќеси


Илустрација
Илустрација

Од 1 декември 2021 година се забрани употребата на пластични кеси за еднократна употреба во Македонија, но дел од активистите сметаат дека не се постигна намалување на отпадот од пластика како што се планираше. Пропустот, велат, е кај министерството за животна средина кое треба да најде решение.

Производителите се жалат, еколозите не се задоволни во целост од примената, а пластичните кеси се уште се користат во маркетите и на пазарите. Една година од воведувањето на забраната за употреба на пластични кеси, мислењата околу резултатите од оваа мерка се поделени.

Со Законот за управување со пакување и отпад од пакување, од 1 декември 2021 година се забрани употребата на пластични кеси за еднократна употреба на пазарот во Македонија, а во маркетите и на пазарите дозволени се само биоразградливи кеси кои се наплаќаат по 15 денари. Поскапувањето ги натера поголемиот дел од граѓаните кога пазарат да почнат да користат платнени торби.

„Јас користам платнени затоа што почнаа да се наплатуваат пластичните и вака ми е поекономично“, вели Емилија.

„Се навикнав да користам платнени. Ако се случи да заборавам си купувам нова и веќе имам многу платнени кеси, а хартиените не ми се згодни за употреба“, вели скопјанката Горица.

„Користам и платнени и хартиени кеси, но има и биоразградливи пластични кеси кои што мислам дека се најпогодни за употреба “, вели пензионерката Мира.

Делумна забрана - делумни ефекти

Сепак за овошјето и зеленчукот и во маркетите и на пазарите и натаму се користат пластичните кеси. Поради ова од Инцијативата за ослободување од еднократна пластика велат дека не се постигна намалување на ѓубрето од пластика како што се планираше, а пропустот велат е кај министерството за животна средина кое треба да најде решение.

„По една година наместо да се премине на следен чекор на проширување на забраната на пластични ќеси и во дејностите што не се сметаат за широка потрошувачка ние се вративме три чекори назад и се уште се убедуваме со институциите дали кесата останува кеса откако ќе и се пресечат рачките. Тоа е една небулоза која се уште не е решена“ вели Снежана Василевска од Иницијативата за ослободување од еднократна пластика.

Таа додава дека иако има намалување кај биоразградливите пластични кеси, сепак тоа не е случај и кај употребата на остантите пластични кеси.

„На делумна забрана имаме и делумни ефекти. Придобивка од законот е што се помрднавме од мртва точка што без проблем научивме да си носиме торби за пазарање, затоа што закон за забрана на пластични ќеси имаме уште од 2012 година, но сега цената од 15 денари ги стимулираше граѓаните да престанат да купуваат нешто за што не им треба и за што постои замена но за таа замена беа навремено информирани што не е случај кога станува за мрежите за овошје и зеленчук“, додава Василевска.

Производителите се жалат - забраната ги затвори фирмите

Од примената на мерката најнезадоволни се производителите на пластични кеси. Александар Боризовски, сопственик на фирма за производство на пластични кеси вели дека голем дел од производителите биле приморани да ги затворат фирмите, а работниците останале на улица.

„Беа околу 32 фирми во цела Македонија. Дваесеттина се затворија и тие што останаа отворени се борат за да се дадат плати, но до кога ќе успееме не знаеме. Секаде се оди на рециклажа, само кај нас се оди на затворање“, вели Боризовски.

Од друга страна, Боризовски вели дека трговските синџири увезуваат кеси од странство, а и дека се увезуваат полипропиленски торби, што според него е далеку поопасен отпад.

„Овие кеси ниту се рециклираат, ниту се горат. Голем број на црни вреќи за смет се увезуваат однадвор, а нашите машини застанаа“, додава тој.

Министерството за животна средина : 10 пати е намалена употребата на пластични кеси

Од Министерството за животна средина тврдат дека употребата на пластичните кеси е за 10 пати намалена, а особено намалување има во маркетите и тоа за околу 85%.

„За периодот од 1 јануари до 1 декември 2021 продадени/дадени бесплатно се 27 922 721 кеси, додека од 1 декември 2021 до 30 октомври 2022 од кога се применуваат законските измени, продадени се 4 187 746 пластични кеси“, велат од министерството.

Според законот, парите од продажбата на кесите одат во специјален фонд за животна средина. Од донесувањето на Законот досега во тој фонд собрани се средства во висина од 120 милиони денари.

Од министерството велат дека овие пари ќе бидат наменети за поддршка на општините за обезбедување услови за воспоставување на системот на управување со отпад“.

Според Снежана Василевска од Иницијативата за ослободување од еднократна пластика, ефектот би бил најголем ако парите собрани по основ на пластичните ќеси повторно ќе се инвестираат назад за поправање на пропустите што произлегоа од забраната на пластичните ќеси, додека пак за производителите на пластични кеси, очекувањата се дел од овие пари да одат кај нив за да им се помогне на фирмите во прилагодување на производството.

„Нас никој не не праша. Имаше најави дека државата ќе ни помогне и дека ќе има олеснителни околности за нас, списокот беше поднесен и до Министерот за животна средина кој вети помош, но се остана само на празни ветувања“, вели Боризвоски.

Идејата на воведувањето на оваа мерка беше да ги одврати корисниците од кеси за еднократна употреба и да стимулира користење на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „загадувачот плаќа“.

Инфографика - Ефекти од забраната за употреба на пластични кеси за еднократна употреба
Инфографика - Ефекти од забраната за употреба на пластични кеси за еднократна употреба

Еко активистот Борче Кузмановски вели дека крајната цел е да се спречи создавањето на нови количини на отпад.

„Процесот на рециклирање на кесите е многу скап и речиси сто отсто од нив завршуваа на депонии, нема организиран систем на собирање и рециклирање на пластични кеси и затоа се започна токму од нив. Колку повеќе спречиме со толку помалку отпад во иднина ќе се се соочуваме што значи трошоци и загадување на животната средина“, вели Кузмановски од здружението за одрлжив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“.

Отпадот од пластични кеси се вбројува како еден од главните загадувачи на околината. Нивното одвојување од другиот отпад е сложен процес, а нивното разградување може да потрае со години додава тој.

Земјите од Европа веќе почнаа да забрануваат употреба на пластика за еднократна употреба, како цевчиња, чепкалки за уши, чинии, чаши и пластичен прибор за јадење за еднократна употреба. Во некои земји од ЕУ пластичните кеси се целосно забранети, во други се даночат, а во трети се наплаќаат.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG