Достапни линкови

Пластичните ќеси-лоша навика или немање свест за животната средина


илустрација
илустрација

Европа ја забрани, а Македонија и покрај првичната забрана за употреба на пластични ќеси од пред 9 години, се уште ги користи. Новата забрана е предвидена во Новиот закон за управување со отпад, но законот е заглавен во собрание повеќе од година и половина.

Не само во Европа, туку и во Македонија постои забрана за употреба на пластичните ќеси уште од 2012 година, но истата не се применува бидејќи непосредно по донесувањето на забраната беше донесен правилник за стандарди за биоразградливост, со кој пак се поништува напишаното во Законот за управување со пакување и отпад од пакување.

Новиот закон кој предвидува нова забрана на пластичните ќеси е во собраниска процедура од декември 2020 година, иако според изјавите на надлежните требаше да стапи во сила на први јануари 2021 година. И овој закон, како и низа други останува заглавен во законодавниот дом и го чека својот ред на некоја од идните собраниски седници.

Во меѓувреме, веќе од 3 јули, во земјите од Европската Унија не смеат да се користат и продаваат пластични ќеси, односно стапи на сила забраната за продажба на 10 типови производи од еднократна пластика.

Од Иницијативата за забрана на пластичните ќеси велат дека недонесувањето на овој закон во земјава повеќе од година и половина ја покажува незаинтересираноста на институциите и политичарите да се обрне минимално внимание на заштитата на животната средина.

„Ние веќе ја немаме привилегијата да ги игнорираме стандардите за животна средина бидејќи се наоѓаме среде климатска криза која се влошува и мора да почнеме да ги менуваме нашите животни навики, инаку оние работи кои денеска ни се случуваат како што се топлотните бранови, појава на глад и сл. се поврзани со нашата способност или неспособност да се менуваме“, вели Здравко Савески од Иницијативата за забрана на пластичните ќеси.

Но, навиките и менталитетот граѓаните тешко ги менуваат. Во продавниците и маркетите најмногу се користат пластичните ќеси, а само во некои од нив истите се наплатуваат по еден или два денари. Има граѓани кои користат платнени торби за пазарување, но нивниот број е незначителен во споредба со мнозинството кое користи пластични ќеси.

„Убедена сум дека ќесите прават големо ѓубре низ Скопје, еве и Вардар е полн со ќеси, тоа е страшна неодговорност“, вели 60 годишна пензионерка.

„Јас мислам дека тоа (забраната за употреба на пластични ќеси) е добар потег затоа што пластичните ќеси ја загадуваат животната средина и со тоа ќе се намали загадувањето, вели Емилија, сопственичка на фризерски салон.

„Би требало да се исфрли пластиката, повеќе хартија треба да се употребува, ако секаде е така, би било добро и кај нас“, вели Иван, студент од Скопје.

Балканската криза со дивите депонии
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:59 0:00

Измените на Законот за управување со отпад предвидува во иднина повеќе да нема бесплатни пластични ќеси по маркетите, односно тие да се продаваат по цена од 10 денари. Од организацијата „Флорозон“ пак сметаат дека за да има ефект, односно за да се намали употребата на пластичните ќеси потребно е истите да се продаваат по многу повисока цена.

„Европските земји постепено направија укинување на пластичните ќеси. Едната варијанта е радикално зголемување на цената на тие ќеси за да го натераат потрошувачот да не купува такви ќеси. Другата варијанта е нивно целосно укинување, но и нудење варијанта како да се променат тие ќеси, па тука влегуваат во употреба платнените ќеси, кои имаат значително помал импакт врз животната средина“, посочува Кирил Ристевски од невладината организација „Флорозон“.

Ристовски потсетува дека првичната замисла била парите од продажбата на ќеси во маркетите да се рефундираат во активности поврзани со заштита на животна средина и јакнење на свеста за добри еколошки практики, но наместо да се направи тоа, целиот приход од тие ќеси завршува на сметката на маркетите.

Отпад и диви депонии во Скопје, пластика во Вардар
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:40 0:00

Македонија е преплавена со пластични ќеси, а токму тој отпад се вбројува како еден од главните загадувачи на околината. Нивното одвојување од другиот отпад е сложен процес, а нивното разградување може да потрае со години.

Во однос на отпадот од ПЕТ амбалажата со закон предвидено е отпадот да се складира во регионални депонии во кои ќе функционираат рециклирачки центри. Во моментот има четири приватни фабрики кои се занимаваат исклучиво со откуп и преработка на ПЕТ амбалажа и се грижат тој отпад да не заврши на депониите, туку да влезе во рамки на нивните преработувачки капацитети. Подоцна во вид на гранулат таа амбалажа се извезува во европските земји каде се произведува полуфабрикат од тие производи.

Тука треба да се споменат и неформалните собирачи на отпад кои селектираат и носат на рециклирање голем процент од целокупниот отпад кој се рециклира.

Активистите апелираат надлежните да изнајдат соодветни решенија кои ќе бидат во насока и на едукација на граѓаните за штетните влијанија на пластичните ќеси за еднократна употреба врз природата и да воспостават механизми со кои ќе ги мотивираат граѓаните да одбиваат употреба на пластика за еднократна употреба.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG