Достапни линкови

„Едуино“ прослави една година со над 3800 видео лекции


Образовниот портал ЕДУИНО
Образовниот портал ЕДУИНО

Порталот „ЕДУИНО“ кој започна да функционира минатиот март денеска има заедница од над 25000 едукатори, над илјада придонесувачи и над 3800 видео лекции.

„Нашето главно достигнување е тестаментот, односно доказот дека наставниците и едукаторите може да работат сплотено и заедно кон решавање на системски проблеми, дека тие сакаат да бидат заедница која ќе ја вреднува нивната работа, која ќе ги поттикнува и ќе им помогне во нивниот професионален развој и во нивното изразување и исполнување на нивната креативност“, истакна Александар Лазовски, проектен менаџер за платформата „ЕДУИНО“ од СмартАп – Лабораторија за иновации на денешното одбележување една година од постоењето на платформата.

Порталот „ЕДУИНО“ содржи дигитални образовни содржини, соработка и професионален развој кој содржи платформа за настава, а најавена е и платформа за ран детски развој. Во платформата за настава има е-занимални и тоа за преучилишно, основно и средно образование, видео упатства, вебинари, ресурси за образовен кадар и ресурси за личен раст и развој. Додека во делот за ран детски развој ќе има едукативни активности и игри, образовни ресурси, како и професионален развој за едукатори.

„ЕДУИНО“ започна како проект кој треба да го надополни образованието, односно да биде во комбинација со настава со физичко присуство.

„Дигиталното учење никогаш не требаше да биде замена за училниците, туку да додаде вредност во образованието“, изјави претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, која додаде дека сепак поради пандемијата е имплементирана дигитилната настава за поголем број ученици.

Според ДиЏовани, Македонија е една од ретките кои добро се справиле пандемиската криза во образованието.

„Немаме поголема обврска од онаа која ја имаме кон децата“, истакна ДиЏовани.

Говорниците на настанот се заблагодарија на едукаторите за придонесот кон развивање на платформата. Според Лазовски, наставниците се скулптори на сегашните и идните генерации.

Онлајн конференција „Една година ЕДУИНО“
Онлајн конференција „Една година ЕДУИНО“

„Моето уверување е дека добрите учители се двигатели на нашите животи. Улогата на наставникот драстично се менува. Дневните обврски на наставникот се само манифестација на поголемата цел заради која вие сте станале едукатори и тоа е она што навистина се трудиме да ве потсетуваме и се обидуваме да сфатиме дека вам ви е потребен простор заради заеднично разменување идеи и за да се подготвите за новите времиња“, изјави Лазовски.

Говорниците заклучија дека „ЕДУИНО“ е траен ресурс за македонското образование.

„Платформата прерасна во ресурс со трајна вредност за нашето образование. На волонтерски принцип, сите наставници се вклучија бесплатно да снимаат лекции кои ќе можат понатаму да се користат без оглед на пандемијата. Но, во овој случај тие се клучен извор за информирање на најранливите“, изјави министерската за образование, Мила Царовска.

Во интерес на поттикнување на наставниците, надлежните за платформата „ЕДУИНО“ ја започнаа програмата Амбасадори на знаењето. Со оваа програма имплементираат јавно признание на најактивните наставници на „ЕДУИНО“.

Оваа платформа беше дел од наставната програма уште од крајот на минатата учебна година, пред се за предучилишна возраст и за учениците од прво до четврто одделение. Додека, од почетокот на актуелната учебна година е поактивно користена во образовниот процес заедно со Националната образовна платформа. Според прелиминарните податоци од истражувањето за тоа што се користи во образованието, над 50 проценти изјавиле дека се користи „ЕДУИНО“.

Образовната платформа „ЕДУИНО“ ја создадоа СмартАп – Лабораторија за иновации, во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Бирото за развој на образование, Амбасадата на Велика Британија, УНИЦЕФ и други партнери.

XS
SM
MD
LG