Достапни линкови

Дигитализацијата е потреба, а не теорија на заговор


илустрација

Бирото за статистика на Европската Унија Евростат соопшти дека 64 проценти од младите во земјава имаат основни или над основни дигитални вештини. Според стручната фела, овој податок е неповолен и само ја покажува потребата од одржлива дигитализација на македонското општество

Тоа што 64 проценти од младите во Македонија на возраст од 16 до 24 години имаат основни или над основни дигитални вештини, треба да го вклучи алармот дека во македонското општество се уште не може да зборуваме за дигитално писмени генерации, анализира стручната фела откако најновото истражување на Евростат покажа дека нашите млади заостануваат за 33 проценти во однос на дигиталната писменост зад водечката Хрватска, која пак со 97 проценти има најголем процент на млади кои имаат основни и над основни дигитални вештини.

Ваквите податоци треба да не загрижат особено во контекст на фактот дека онлајн образованието останува една од опците за продолжување на учебната година од септември, велат упатените.

„Нормално дека податокот дека кај нас степенот на вештини е под европскиот просек, кој е 80 проценти е неповолен. Токму затоа мора да се земе предвид фактот дека навистина има потреба од реформи на образовниот систем кои што ќе помогнат овој просек да се зголеми, осносно младите да бидат повешти во овој дел“, вели Филип Стојановски од Фондацијата за интеренет и општество „Метаморфозис“.

Стојановски посочува дека е неопходно да се зајакнат капацитетите на сите инволвирани страни во образовниот процес за да може да спроведеме успешно учење на далечина, истакнувајќи дека тоа е потребно не само во услови на здравствена или друг вид криза, туку воопшто во животот.

Од бројката 64 проценти познавања со основни дигитални вештини не е задоволен и Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.Според него податоците само ја покажуваат потребата од правилна и одржлива дигитализација која ќе им ги даде потребните вештини на луѓето.

„Ако земеме предвид и други статистики во однос на користењето на интернетот на пример, ќе видиме дека процентот на луѓето кои правилно го користат интернетот, кои дигитално се описменети не кореспондира со бројот на луѓе кои користиме воопшто интренет. Мислам дека не треба да бидеме задоволни, секако дека не треба да сме незадоволни, но да кажеме дека со оваа бројка сме на добар пат, навистина е неблагодарно, заради тоа што додека не стигнеме барем приближно до 100 проценти немаме право на тоа“, вели Кордалов.

Но, дали само предметите по информатика како дел од наставната програма се доволни за создавање на дигитално писмени ученици?Според Стојановски важни се и другите аспекти.

„Важно е и тоа колку се во можност практично да се применуваат основните вештини стекнати на час по информатика, на кои начини се врши предавањето. Се сеќавате на проектот „компјутер за секое дете“, но нема официјални податоци до кој степен била функционална таа инфраструктура за потребите на тој процес во сите училишта. Исто така според истажувањето поврзано со употребата на отворени образовни ресурси на нашата организација, над 95 проценти од наставниците сметаат дека е потребна модернизација на преку користење на алтернативни ресурси,бидејќи во дигиталната сфера имаме низа други материјали кои се потребни па и неопходни како средства за приближување на наставните содржини до учениците“, апелира Стојановски.

Она што според Кордалов е клучно во насока на дигитално описменување е прифаќањето на дигитализацијата како нужна потреба, а не како конспирациска теорија.

„Она што е важно е ангажирање на сите јавни институции, на локално и централно ниво да им овозможат на граѓаните конкретни веб платформи или апликации преку кои тие ќе можат да увдат дека дигитализацијата не е заговор, туку нешто што им помага. Да аплицираат за субвенции, да не мора да чекаат на шалтери, да чекаат редици. Втората работа е вложување во дигитализацијата. Ние не сме подготвени на алтернатива. Дали ако помине оваа ситуација ќе се откажеме од дигитализацијата и ако пак се случи некоја слична криза пак ќе поќнуваме од почеток. И третатат работа сме ние граѓаните. Мора да почнеме да се прилагодуваме на новото време, вели Кордалов.

Според него прифаќањето на овие три фази, значи комотна позиција и во однос на дигитализацијата во образованието на децата.

„Доста ни се предмети. Нас не ни треба дигитална писменост како предмет, туку ни треба дигитална писменост на секој наставник во образованието, ни треба унифициран курикулум за дигитално образование по секој час и секој степен на образование, кој ќе им служи и на наставниците и на учениците при подготовка на час и пишување домашни. На тoј начин вложуваме во одржлива дигитализација и во ученици кои нема да потпаѓаат под лажни вести, кои ќе знаат каде да ги најдат кредибилните информации и кои ќе знаат дигитално писмено да се однесуваат во интернет просторот“, вели Кордалов.

Истражувањето кое пак деновиве го спроведе „Метаморфозис“, а кое се однесува токму на тоа какви предзнаења имаат наставниците за да ја организираат онлајн наставата, покажало дека дури 42 проценти од просветниот кадар одговориле дека не се чувствуваат подготвени за онлајн настава од септември.

Инаку, по завршувањето на учебната година и средношколците се изјаснија дека ја завршиле годината незадоволни од наставата, во голем дел поради недоволното познавање на професорите за дигиталните алатки. Во таа нсаока тие понудија 13 препораки за далечинско учење во случај на есен да повтори онлајн наставата. Сојузот на средношколци за да дојде до овие заклучоци и препораки спроведе онлајн анкета на средношколци од целата земја. Добиле одговори од 266 средношколци, а како најчест проблем анкетираните велат дека е што професорите немаат доволно познавања за управување со платформите, „па на овој начин предавањето е неквалитетно и тестовите се нереални.“ И во заклучоците на новото истражување за наставниот кадар во основните училишта, а и од Сојузот на средношколци се истакнува дека е потребна помош за дигитализација на образовниот процес од државните институциите, министерствата и општините.

Во меѓувреме од Министерството за образование информираа дека подготвиле акциски план според кој има неколку предлог-модели на организирање на наставата од септември. Можните опции се настава по скратени наставни програми, скратена учебна година, редуцирање на бројот на ученици во училниците, работа во смени,но и веќе користената-настава преку далечинско учење. Доколку се скратени наставните програми, учениците ќе имаат поголеми распусти во текот на годината. Според министерството, планот содржи и протоколи како и на кој начин да се заштитат учесниците во воспитно-образовниот процес доколку се одлучи наставата да се реализира со физичко присуство на учениците во училиштата.

Од друга страна пак, истражувањето на Евростат покажува дека над 80 проценти од младите во Европската унија, на возраст од 16 до 24, во 2019 година имале основни или над основни дигитални вештини, покажуваат најновите податоците на Евростат. Од сите членки на ЕУ, Хрватска, со 97 проценти, има најголем процент на млади на возраст од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини, а по неа следат Естонија, Литванија и Холандија - сите со по 93 отсто, а потоа е Грција со 92 проценти од младите на истата возраст. Во регионот, според статистиката, најмал процент на млади на возраст од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини има Бугарија – 58 проценти, додека Србија има 79 проценти.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG