Достапни линкови

Дигитализација за елиминација на бирократијата


Илустрација
Илустрација

Македонската Влада најавува закони кои ќе овозможат граѓаните да креираат електронски идентитет и со тоа сите услуги кои им се потребни од институциите, да ги добиваат онлјан. Во меѓувреме Естонија цели кон дигитализација на владата за целосно бришење на бирократијата.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 2 февруари 2019.

Компјутерите прилично долго време се присутни во нашите животи, дигиталната технологија е секаде околу нас, а науката забрзано работи на нејзиниот натамошен развој.

Паметните телефони ги користиме се по интензивно, а во домаќинствата присутни се уреди во кои се инсталирани чипови за да можат да бидат контролирани преку интернет.

Сето тоа води и кон трансформација на јавните услуги. Владите во целиот свет се во процес на напуштање на аналогните оперативни модели и замена со дигитални.

Целта на дигитализацијата на јавниот сектор е да се заштедат пари од даноците кои ги плаќаат граѓаните, јавните услуги да бидат поквалитетни, да се зголеми транспарентноста и да се олесни пристап до податоците.

Естонската Влада во оваа насока го започнува најамбициозниот проект досега. Таа сака да ја избрише бирократијата со тоа што владата ќе стане целосно дигитална. Сè што се однесува на документи за браковите, разводите и трансферите на пари, ќе биде онлајн.

Во Македонија засега, според експертите, постои некаква полудигитализација, но може да се кажа дека Владата исто така има амбициозен план во однос на дигиталната трансформација.

Плановите за дигитализацијата се до средината на оваа година да бидат донесени закони кои ќе овозможат граѓаните да можат да активираат таканаречен електронски идентитет.

„Невидлива влада“ во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:14 0:00

Но, за користење на е-услугите, неопходен е развојот на инфраструктурата, бидејќи според сегашната состојба се уште има места во земјата каде жителите немаат пристап до интернет.

Според Националниот бродбренд план, предвидено е до 2021 година најмалку еден голем град во земјата да биде покриен со 5G сигнал, а до крајот на 2027 година со 5G да бидат покриени сите урбани средини.

Исто така до крајот на 2029 година, сите јавни институции, како училишта, универзитети, истражувачки центри и други образовни институции, здравствени установи, министерства, судови, локални самоуправи и други државни органи и тела, треба да имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1Gb/s, стои во документот.

Граѓаните ќе добијат електронски идентитет

Министерството за информатичко општество и администрација во моментов е во фаза на реализација на овие планови.

Првите чекори кои треба да бидат направени оваа година, е да биде инсталирана опрема и софтвер за Електронски регистар на населението, како и да биде креиран нов Национален портал за електронски услуги, проекти кои се финансирани од Европската унија.

„Откако еднаш ќе се активираат регистарот и порталот и ќе се донесат законите за електронски идентитет (три закони), граѓаните ќе треба еднаш да се појават на еден шалтер за да бидат идентификувани со нивниот личен документ, дека тие се истиот човек за кој што ги имаме податоците во регистарот, и се активира електронскиот идентитет. Тие ќе добијат опција, од тогаш па натаму, без повеќе да имаат потреба никогаш да се појавуваат на ниту еден шалтер, да користат потпишување, дали со некаков токен или некакво потпишување кое исто така ќе го понудиме, со јузер нејм, пасворд или друг вид на идентификација, која можат да ја прават преку својот мобилен уред“, вели за РСЕ министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Граѓаните одредени услуги од институциите во моментов можат да ги добијат електронски, преку нивните интернет страници или мобилни апликации, но за голем број услуги и натаму мораат лично да се појават на шалтерите во институциите.

Процесот на дигитализација на јавните услуги во Македонија е започнат на почетокот на 2000-те години, но експертите велат дека и покрај тоа добивањето е-услуги во земјава и натаму не е целосно.

„Последниот пример за е-услугите кон граѓаните е системот на УЈП којшто заглави на неколку пати и каде што повторно треба да се испечати електронската пријава и да се однесе во УЈП. Зошто има потреба од појавување на лице место? Тука одговорот не е само во институциите, туку и во нас граѓаните. Ние се уште не сме измериле и не знаеме колку граѓаните ни се писмени за онлајн и електронска работа“, вели Виолета Глигоровска – проектен координатор во Фондацијата Метамофрозис.

За случајот со УЈП и други институции кои се уште бараат идентификација на лице место за да активираат електронска услуга, Манчевски објаснува оти тоа е поради потребата порано да започнат одредени процеси, пред да биде донесена новата законска регулатива.

Владата минатата година дигиталната трансформација ја посочи како еден од нејзините приоритети, преку развој на дигиталното општество и системски реформи во администрацијата.

Квалитетот на е-услугите зависи од инфраструктурата

Според Глигоровска главниот проблем околу дигитализацијата на јавните услуги во Македонија е нееднаквиот пристап на граѓаните до информациите за електронските услуги, главо поради недоволно развиената инфраструктура во периферните места.

Таа вели дека вториот аспект на проблемот е дигиталната писменост, посочувајќи оти државата мора да знае колку граѓаните се дигитално писмени и која е нивна старосна возраст.

„Повторно државата е таа која нема точни пописни податоци. Веројатно доколку има попис и добра дата база на тоа колу обучени жители има и со какви вештини располагаат, веројатно ќе знае како да го реши овој проблем“, вели Глигоровска.

Според неа приватните компании во моментов обезбедуваат подобри онлајн услуги за граѓаните за разлика од јавните институции.

За новите закони Манчевски вели до крајот на февруари ќе бидат донесени во владина процедура за подоцна да влезат во Собрание, кое треба да ги донесе во период од околу два месеци.

„Ова е основата. Ако ова го немаме, тешко можеме понатака да зборуваме за организираме дигитализација на институциите. Сега ќе го имаме електронскиот регистар на граѓаните, ќе го имаме новиот национален портал за електронски услуги, каде што сите институции ќе можат своите услуги да ги прикачуваат на едно исто место, но не само за граѓаните, туку тука ги интегрираме сервисите и за бизнисите“, вели Манчевски.

Во однос на инфраструктурата, Манчевски вели дека многу важен на дигитализацијата е новиот оперативен бродбенд план, кој меѓу другото предвидува градење на една национална оптичка транспортна мрежа.

„Државата ќе инвестира во оптичка инфраструктура, во оние мапирани бели зони каде што немаме во моментов инфраструктура, за не државата, туку било кој од приватните оператори, понудат брз и супер брз интернет, особено во руралните области кадешто сега нема пристап до брз интернет. Овие два процеси се паралелни. Кога имаме понуда кон граѓаните, тие да можат да користат електронски услуги, мора да им обезбедиме и пристап до доволно брз интернет“, вели Манчевски.

Тој посочува дека за оваа година имаат буџет за почеток на градење на таа мрежа, која ќе биде надградувана со јавни средства и со меѓународни донации, за како што вели, да може да се стигне и до последното село во Македонија.

Манчевски вели дека примената на новите технологиии треба да биде вклучена во реформата на јавната администрација, особено поради недостатокот на инфраструктура, со што ќе се овозможат побрзи поефикасни и поевтини услуги за граѓаните и бизнисите.

Во бродбенд планот проценката на Европската комисија за да се постигне бродбенд таргетот за обезбедување пристап до интернет брзини над 30 Mbps, е дека ќе бидат потребни до 60 милијарди евра инвестиции.

За постигнување бродбенд таргетот најмалку 50% од домаќинствата да обезбедат интернет конекции над 100 Mbps, ќе бидат потребни и до 270 милијарди евра, цели кои не можат да бидат постигнати без поддршка од јавни средства, се вели во документот.

Дигитализација ја зголемува транспарентноста

Една од придобивките на дигитализацијата е зголемување на транспарентноста на институциите. Во оваа насока министерот за финансии Драган Тевдовски неодамна најави дека работат на отворање на трезорот на веб, по примерот на Словенија.

„Тоа е едно силно отворање на транспарентноста, бидејќи во основа значи дека граѓаните од своите компјутери ќе можат да следат како се троши секој денар од парите преку даноците и мислам дека за нормализација на состојбите во земјата и одење напред, тоа е еден од клучните чекори“, рече Тевдовски.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, пак, вели дека дигитализацијата е потребна и за индустријата и за економијата. Тој зборува за тоа како процесот на дигитализацијата влијае врз економијата.

„Компаниите кои целосно ќе ја имплементираат дигитализацијата на дневно ниво, ги зголемуваат нивните приходи 26,4 проценти. Тоа значи дека прават оптимизација на нивното портфолио, ги намалуваат и ги контролираат нивните трошоци поефикасно и имаат информации за сите нивни активности на дневно ниво во реално време “, вели Анѓушев.

Тој истакна дека имплементацијата на целосната дигитализацијата на компаниите од земјите на Западен Балкан изнесува само 10%, но додаде дека добра информација е тоа што 63% од компаниите сметаат дека со дигитализацијата тие можат да ги зголемат нивните перформанси од економска гледна точка.

Естонија целосно ја брише бирократијата

Никаква документација и нула бирократија. Милион и триста илјади луѓе во Естонија одат на дигитално ниво. Целта на малата балтичка земја е да ја намали бирократијата, да ја зголеми транспарентноста и да го поттикне економскиот раст. Веќе е на пат. Кога оваа балтичка земја прогласи независност во 1991 година, економијата беше толку падната што мораше да биде повторно градена од нула.

Раководството бараше индустрија во која земјата би можела да конкурира и се реши за информатичката технологија и интернетот, бидејќи тоа беше нешто ново, како и Естонија впрочем.

Проектот, започнат во 1997 година, ги постави темелите за растечкиот технолошки сектор. Скајп услугата за видео повици „Мајкрософт“ ја купи за 8,5 милијарди долари во 2011 година и е најпознатиот естонски хај тек извоз.

Но, импактот беше многу поширок. Информациите и комуникациите учествуваа со скоро 6 отсто во естонската економија. Електронската идентификација и дигиталните потписи веќе овозможуваат комуникација без хартии во приватниот и јавниот сектор.

Гласањето на избори е онлајн, а компјутерските апликации им кажуваат на родителите дали нивните деца ги предаваат домашните задачи. Малиот Оскар Лунде со неколку клика ќе стане граѓанин на овој храбар нов свет. Лунде ја внесува лична карта во читачот на картички и неговата сопруга гледа како во рок од неколку минути Оскар Лунде станува најновиот граѓанин на Естонија.

„Сега, откако името на детето е регистрирано, можеме да аплицираме за детски додаток преку истиот систем“.

За многу земји кои сега бараат да ги префрлат услугите преку интернет, експериментот на Естонија нуди увид каква може да биде интеракцијата со државата за идните генерации.

Единствените работи што не можете да ги направите електронски е да се ожените, разведете или да префрлите имот, а тоа е бидејќи владата реши дека е важно за некои работи луѓето да се појават лично. Владата има за цел да оди понатаму. На пример, ако Оскар се родеше неколку месеци подоцна, тој би се регистрирал автоматски, а неговите родители преку мејл би биле известени за тоа.

Граѓаните можат да ги следат нивните податоци и да видат дали некоја владина или приватна институција има пристап до нив.

Индрек Оник од проекторт „е Естонија“ вели: „Ние многу силно веруваме, да речеме, дека на луѓето им е неопходно да имаат доверба во системот, но со цел да генерирате доверба навистина треба да имате транспарентност. И затоа луѓето имаат пристап до нивните сопствени податоци и затоа можат да видат дали владата ги користела нивните податоци“.

Естонците во голема мера се чини дека го прифатија системот и покрај глобалната загриженост за истекување податоци.

Но, владата, плашејќи се од обидите на Русија да ги компромитира своите граници, исто така, има резервен план.

Дигиталните услуги во случај на инвазија или сајбер напади ќе ги прави со користење на таканаречени „амбасади на податоци“ во други земји како Луксембург на пример.

Како и традиционалните амбасади, серверите се сметаат за естонска територија и ќе и дадат на владата шанса да работи од друго место доколку е потребно.

Националниот дигитален советник Мартин Каватас вели дека целта е да се обезбеди влада која ги поддржува граѓаните кога е потребно и останува надвор од патот кога не е посакувана.

„Невидливата влада во основа е влада со која граѓанин и компанија никогаш нема да мора повторно да комуницираат со неа, бидејќи вообичаената причина зошто нејзините граѓани и бизниси комуницираат е дека е нешто оди лошо.

Значи сакаме во суштина да ги отстраниме сите бирократски проблеми од секојдневната работа на владата“.

Владата сега има и програма за таканаречен „е-престој“ која им овозможува на бизнисмените од целиот свет да го регистрираат својот бизнис во Естонија и да стекнат основа во Европската унија. Повеќе од 51.000 луѓе од 167 земји аплицираа по цена од 100 евра.

Дали системот на Естонија може да се примени во поголемите земји е неизвесно според експертите од Светскиот економски форум, бидејќи она што функционира во мала прогресивна земја не мора да успее во САД или во Индија.

Поголемите економии се посложени со многу различни засегнати страни и владини слоеви на градско, државно и локално ниво. Естонија го смета својот пристап како прототип за современа демократија, контрапункт на авторитарните земји кои имаат намера да ја користат дигитализацијата за да ги контролираат своите граѓани.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG