Достапни линкови

Искушенијата на вонредната состојба


Плоштадот Македонија во Скопје во време на полициски час - 22 март 2020

Вонредната состојба не ги ограничува правата, туку помага во остварувањето на заштитата на граѓаните, велат од Владата. Ограничувањата мора да бидат јасно дефинирани, за да ја остварат својата цел, смета професор Мирјана Најчевска.

Вонредната состојба значи и ограничување на правата на граѓаните, но треба да се внимава тоа ограничување да биде со точно утврдена цел, а да не премине во волунатаризам. Не смее да се дозволи тие ограничувања да направат поголема штета, отколку што ќе донесат користи. Дури и претседателот Стево Пендаровски, при прогласувањето на вонредната состојба, рече дека очекува владата да „биде на висина на задачата и на искушенијата“.

Првиот позитивен случај во Македонија е регистриран на 26 февруари 2020 година, по што Владата почна да воведува мерки и да забранува одредени активности, кои резултираа со затворени граници, нема авионски сообраќај, затворени се школи, градинки, универзитети, има временски и просторни забрани за одредени места, нема јавни и приватни собири, откажани се парламентарните избори.

Откако повеќе случаи беа регистрирани во Дебар и во Центар Жупа, властите на 13 март воведоа кризна состојба во тој регион, со што е забранет влез и излез од овие општини, а се воведува посебен режим на движење на граѓаните внатре во општините. По порастот на регистрирани заболени од Ковид-19, претседателот на државата, Стево Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба на територија на целата држава во траење од 30 дена, а на 21 март воведен е и полициска час почнувајќи од 21 часот до 6 часот наутро. Властите најавуваат и построги мерки, доколку е потребно.

Од Владата велат дека во вонредната состојба сите функции на државата продолжуваат да се остваруваат, а правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Од таму велат дека заложбата им е ограничувањето на правата да биде минимално и само кога е тоа нужно.

Професор Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања вели дека во Уставот се јавно одредени ониe права на човекот, кои не смеат да бидат ограничени со вонредна состојба, a тоа се правата поврзани со тортура, дискриминација, искажување на мислењето, вероисповед и слично.

„Во она што претставува функционална потреба може во некоја димензија во вакви услови да биде ограничено било на цела територија, било во одделни делови, за одделни групи, меѓутоа секое ограничување мора да биде јасно дефинирано и временски и функционално, да се знае зошто се прави, колку време ќе трае и на кој начин ќе придонесе за она што претставува јавно добро и заштита на јавното здравје. Значи, не може од ракав да се вадат ограничувања, туку тие да бидат многу јасно образложени, временски ограничени и во секој случај да бидат минималистички за постигнување максимална цел“, вели Најчевска.

Таа посочува дека демократските држави ќе најдат баланс во кој ќе можат повторно да бидат соодветно аплицирани и основните слободи и основните права.

„Се надевам дека нема да отидеме во онаа крајност која сега одвреме-навреме почнува да се споменува, како Џорџ Орвел, лов на вештерки и слично, кое дефинитивно може да претставуваа големо враќање наназад во однос на демократските права и слободи“, вели таа.

Професор Башким Селмани од Факултетот за општествени науки, пак, вели дека се потреби дополнителни ограничувања.

„Оваа вонредна состојба е поради коронавирусот, а епидемијата е пострашна од војна, заради тоа движењето на граѓаните треба да се ограничи уште повеќе“, вели тој.

Селмани вели дека државата треба да води сметка и за социјалниот момент, за економските мерки, оти како што вели, ако не им се помогне на луѓето, вонредната состојба може да премине во социјална криза.

Професор Темелко Ристески од универзитетот ФОН, вели дека треба да се најде златна средина во ограничувањето на движењето на граѓаните.

„Факт е дека потполната слобода на движење, во услови на постоење на недисциплина во почитувањето на мерките на Владата е недопуштена крајност. Друга крајност е 24-часовната забрана на движењето. Владата, ценејќи ја ситуацијата, се одлучи за деветчасовна забрана на движењето - меѓу 21 часот навечер и шест часот наредниот ден. Доколку тоа ограничување не ги даде потребните резултати, може да се продолжи. Но, се разбира во границите на „мерата“. А мера е моментот кога од ограничувањето на движењето ќе има повеќе штета отколку корист“, пишува Ристески на својот Фејсбук профил.

Соседните земји воведоа и поригорозни мерки од нас. Во Србија и во Албанија полицискиот час почнува од порано.

Црногорските власти ги објавија имињата на луѓето на кои им се издадени решенија за самоизолација поради опасност од ширење на коронавирусот. Имињата се поделени според градовите во кои се наоѓаат. Владата соопшти дека одлуката е донесена откако е утврдено дека поединци на кои по влегувањето во Црна Гора од странство им е изречена оваа мерка, не ја почитувале и ги напуштале своите домови.

Во Бугарија претседателот Румен Радев, пак, стави делумно вето на Законот за мерки и дејства за спречување на ширењето на коронавирусот кој претходно го усвои бугарското собрание на 20 март. Радев рече дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се крајно рестриктивни, а во оние за помош за економијата има недостатоци.

„Гладот ќе надвладее над стравот“, рече Радев.

Меѓу мерките со кои претседателот не се согласува е дозволата на властите да ги следат мобилните телефони на граѓаните за да се осигураат дека тие го почитуваат карантинот.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG