Достапни линкови

Коронавирус, речиси и да нема други теми во медиумите


Продавач на зеленчук на пазар во Скопје
Продавач на зеленчук на пазар во Скопје

Пандемијата на коронавирусот во земјата и во светот, вонредната состојба во земјава, како и влијанието врз економијата се речиси единствените теми во домашните медиуми.

Речиси сите онлајн изданија на печатените медиуми и на нивните портали, како и неделникот Фокус ја објавија веста од Министерството за здравство: „Нови 19 пациенти заболени од корона вирус, бројката достигна до 67 заразени“. Фокус пишува дека „само за една недела се донесоа ригорозни мерки за спречување на Ковид 19, кои доведоа до воведување вонредна состојба од 30 дена со цел да се спречи ширењето на инфекцијата. Се очекува бројката да се зголемува бидејќи пикот се очекува за следниот месец“. Исто така е објавена и веста дека „Прес-конференциите во Владата од денеска само на онлајн емитување, без присуство на сниматели и новинари заради превенција“.

Неделникот Фокус и со актуелна насловна со испревртени кегли со фотографии на домашни и странски претседатели на држави: „Ковид 19 го тресе светот – Ни во Втората светска војна немало толку многу луѓе во карантин“.

Нова Македонија и други портали на печатените медиуми информираат: „Владата најави антивирусна терапија за стопанството. Обезбедени се 5,7 милиони евра за директни кредити на компаниите чија економска активност трпи од ситуацијата со коронавирусот“.

Порталот Курир го објавува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ: „Македонија се соочува со економски колапс – на бизнисот итно му е потребна голема помош, а не несериозни мерки“. Истиот портал, како и порталот Република пренесуваат дел од интервјуто на Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ Алфа: „Според предложените мерки се испостави дека Владата нема никаков план“.

Само порталот Плусинфо ја објави следнава информација: „Градоначалникот на Пласница, Исмаил Јаоски, од свој џеб купи 10 илјади заштитни маски и ракавици за жителите што ги делат мобилни тимови“.

Порталите ја објавуваат и најновата наредба на Владата: „Водно ќе биде непристапно од 18 ч. навечер до 6 ч. наутро за да се спречи собирање на младите, а во супермаркетите и аптеките се воведува редарска служба што ќе дозволува влез само на ограничен број граѓани, како и линии за да се држи оддалеченост од 2 метра меѓу луѓето“. Вечер со посликовит наслов: „Забранет пристап на Водно и нема собирање во паркови, во аптеките, банките и поштите се воведува редарска служба“. СДК.МК наслови: „Владата забрани журки во Соње, Сопиште и на Водно, ќе се разбиваат групи од над 5 лица и во парковите“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Дојче веле изјави: „Немаат тестови, затоа досега се тестирани само 260 луѓе“ – пренесува порталот на неделникот Фокус. Нова Македонија објавува коментар: „И партискиот антагонизам треба да оди во самоизолација“, при што заклучува: „сите политички чинители истакнуваат дека приоритет се грижата и одговорноста за јавното здравје, но сепак останува зрното на сомнежот за надминатиот партиски антагонизам што провејува низ реторички искрички на политичарите“.

Инаку, онлајн медиумите ја следат состојбата и на граничните премини, каде што „се пропуштаат само камиони и овластени лица со потврда од МВР“, како што насловуваат Вечер, Курир и Нова Македонија, како и тврдењата на институциите: „Храна има доволно: за поскапувања казни до 5.000 евра, па и една година затвор“.

Плусинфо и Фокус информираат дека „Шпанија го предаде во САД документот за ратификација на протоколот за членство на земјава во НАТО – Стејт департментот сега треба да ги извести сојузниците дека сите земји членки на Алијансата ги депонирале ратификациите во Канцеларијата за меѓународни спогодби“.

Печатените и електронските медиуми информираат и за состојбата со Ковид 19 во соседството и во светот. Нова Македонија и Вечер забележуваат дека „Корона кризата го зафати целиот Балкан“, дека „Бројот на починати од Ковид 19 во Италија го надмина бројот на почитани во Кина“, како што објави Вечер, и дека „Азиските земји, Јужна Кореја, Кина и Сингапур се соочуваат со втор бран на вирусот – поради големиот број граѓани кои се враќаат во своите земји“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG