Достапни линкови

Македонија во 30-дневна вонредна состојба


Претседателот Стево Пендаросвки во обраќање до нацијата рече вонредната состојба ќе трае 30 дена, а доколку има потреба може да се продолжи и за уште 30. Тој очекува од Владата да биде на ниво на задачата и да одолее на искушението што го носи оваа состојба.

Вонредна состојба на цела територија на државата прогласи денеска претседателот Стево Пендаровски со цел заштита, превенција и справување со економските последици од ширење на коронавирусот.

Пендаровски во телевизиското обраќање до јавноста истакна дека оваа вонредна состојба ќе биде на сила 30 дена и дека ќе очекува редовни извештаи од Владата за преземените мерки и резултатите од нив.

Од оној момент кога Собранието ќе може да се состане, оваа одлука ќе му биде поднесена на потврдување. Пред истекот на тие 30 дена тој очекува од Владата да му поднесе извештај за ефектите од преземените мерки и образложен предлог за потребата од евентуално продолжување на мерката за дополнителни 30 дена.

„ Пред нас се тешки денови. Но јас како претседател немам никакви дилеми во исправноста на одлуките што ги носам. Јас очекувам дека владата која во претстојниот период ќе има најголема одговорност дека ќе биде на ниво на задачата и на искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент“ изјави Пендаровски.

Ништо веќе не е исто

Ова следува откако Владата денеска донесе одлука со која бараше од Собранието да донесе се состане и да прогласи вонредна состојба. Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека според Уставот, Собранието не може да се состане и предлогот го препрати до Пендаровски.

Претходно техничкиот премиер Оливер Спасовски на прес конференција изјави дека вонредната состојба не значи по автоматизам ограничување на слободите и движењето на граѓаните. Доколку дојде до нови рестрикции и мерки, тие одлуки ќе се носат на дневно ниво, и за тоа ќе бидат известени граѓаните. Но ќе значи дека со таква состојба Владата ќе може да носи уреди со законска сила, како и да носи мерки за економијата кои ќе може да се справи државата со економските последици.

„Ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени, како кај нас, така и во целиот свет. Потребно е секој од нас да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување“, изјави Спасовски.

Владата ќе продолжи да функционира како техничка, а ќе има зголемени надлежности и ќе може да ги користи сите ресурси на државата, и државни и приватни за подобро справување со ситуацијата – поголемо ограничување за движење и поголеми средства за поддршка на економијата.

„Парламентарните избори ќе бидат закажани дури кога ќе се создадат услови за фер и демократско изјаснување на граѓаните. Сите политички дебати да се остават на страна, зашто се безвредни во однос на заштитата на нашето здравје“ изјави Пендаровски.

Ова е првпат од независноста да се прогласи вонредна состојба, што ,според Пендаровски, укажува на тоа колку е сложена состојбата и колку е голем ризикот.

Економски мерки за ублажување на кризата


Владата пред да побара вонредна состојба на прес конференција соопшти низа на економски мерки чија цел е да се ублажат последиците врз економијата од блокирањето на работата на компаниите поради коронавирусот.

Владата апелира да не се патува без итна потреба. На седница е донесен заклучок секој што сака да оди во странство да потпише документ дека нема да бара да се врати во рок од три месеци.

Бескаматно кредитирање на малите и средните претпријатија со грејс период од 6 месеци, субвенционирање на придонеси за туризам,угостителство и транспорт до 50 проценти, ослободување од аконтации од данок на добивка за април мај и јуни во најпогодените сектори, намалување на затезната камата, забрана за извоз на брашно и пченка, како и препорака за фабриките да го реорганизираат работното време во 4 смени и по секоја смена да врши дезинфекција со цел намалување на ризикот за евентуално ширење на коронавирусот. Ова се дел од мерките кои денеска ги соопшти вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Во Македонија засега бројот на заразени изнесува 35 лица. Засега една пациентка е излечена.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG