Достапни линкови

Власта прифаќа, но неизвесно кога ќе ги спроведе меѓународните препораки за Охрид, Маврово и Галичица


Мисијата на Бернската конвенција отвори случај и даде препораки до државата за ризиците од урбанизацијата во Охрид, Галичица и Маврово. Следната години ќе бидат анализирани состојбите на терен.

Препораките на Бернската конвенција за Охрид и Галичица ќе бидат имплементирани, велат од Владата за РСЕ по отворениот случај против државата поради ризиците од урбанизацијата на емералд подрачјата во Охрид и во националните паркови Маврово и Галичица.

Откако Бернската конвенција ги објави препораките до власта за заштита на националните паркови Маврово и Галичица и Охридското Езеро, од Владата уверуваат дека тие ќе бидат спроведени, но не прецизираат во кој временски период ќе биде тоа направено.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање во одговор за Радио Слободна Европа наведуваат дека препораките на Бернската конвенција се „генерално прифатливи“ и дека ќе бидат имплементирани во наредниот период во соработка со останатите институции за заштита на природата.

Повеќегодишен случај против македонската Влада е веќе отворен во врска со хидро-проектите во Националниот парк Маврово, но Бернската конвенција сега реагираше и со нов случај за состојбата со урбанизацијата во Охрид и Националниот парк Галичица.

Оваа меѓународна конвенција, која ја обврзува земјата да ги заштити своите природни богатства, сега даде 13 нови препораки кои се однесуваат на заштита на природните богатства на Охрид, Галичица и Маврово.

„Министерството по однос на случајот за Маврово смета дека виртуелните состаноци не се доволни за да се процени реалната ситуација на теренот и предложи дополнителна мисија со физичко присуство која би требало да се реализира следната година. Поради тоа првата препорака по однос на отворениот случај не е прифатена“, се вели во одговорот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Од МЖСПП исто така наведуваат дека на состанокот на Комитетот во случајот за Охридското Езеро и Националниот парк Галичица бил „ставен како отворен“ и дека по препораката на независните експерти и предлогот на подносителот на жалбата, било одлучено следната година да биде спроведена мисија со физичко присуство.

Какви се препораките на Бернската конвенција

Охридско Езеро: Лево - девет „жешки точки“ на биолошка разновидност на брегот. Десно-планови за понатамошна урбанизација и трансформација.
Охридско Езеро: Лево - девет „жешки точки“ на биолошка разновидност на брегот. Десно-планови за понатамошна урбанизација и трансформација.

Постојниот комитетот на Бернската конвенција на 3 декември оваа година ги усвои препораките за заштита на Охридското Езеро и националните паркови Маврово и Галичица, по жалбите поднесени од дел граѓански организации во земјава.

Жалбата за Охрид и Галичица ја поднесе граѓанската организација „Фронт 21/42“ уште во 2016 година и оттогаш редовно испраќа до Бернската конвенција извештаи со нови информации за развојот на ситуацијата во Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.

„Врз основа на извештаите од последнава година, Бернската конвенција предложи да се најде жалбата на агендата на годинешниот состанок на постојниот комитет“, вели за РСЕ Искра Стојковска од „Фронт 21/42“.

Бернската конвенција е обврзувачки меѓународен правен инструмент за заштита на природата и природното наследство на европскиот континент.

Македонија е меѓу 51 земја потписничка која ја ратификуваше Конвенцијата во 2002 година. Сега, слично како и УНЕСКО, Бернската конвенција даде препораки за заштита на природните богатства.

Според оваа Конвенција, земјите се обврзани да обезбедат заштита на дивата флора и фауна и нивните природни живеалишта во заштитените зони. Тие, меѓу другото, се обврзани да го земат предвид влијанието врз природата при планирањето и развојот.

Стојковска вели дека жалбата за Охрид и Галичица одлучиле да ја испратат поради проблемите со отпадот, загадувањето на езерото, проблеми со пловниот сообраќај...

„Но, најмногу поради проблемот со големиот број на дивоградби“, вели Стојковска.

Градежни активности на брегот недалеку од еколошките жешки точки Св. Богородица Калишка и Калишта. Фото од ноември 2021. Фронт 21/42
Градежни активности на брегот недалеку од еколошките жешки точки Св. Богородица Калишка и Калишта. Фото од ноември 2021. Фронт 21/42

Откако државата неколку години е соочена со притисок да ги спроведе 19 препораки на УНЕСКО за Охридскиот регион, сега ова се нови 13 препораки на Бернската конвенција кои се однесуваат и за Маврово. Во дел од препораките е наведено:

  • Суспендирање и запирање на сите одобрени и планирани хидроелектрани во земјава.
  • Имплементирање на меѓународните стандарди за забрана на изградба на хидроцентрали во локалитети на светско природно наследство.
  • Да се обезбеди правилна примена на европската директива за води.
  • Управувањето со националните паркови да биде финансирано од државниот буџет, а не преку експлоатација на нивните природни ресурси.
  • Забрзување на процесот на подготовка на студијата за ре-прогласување на Националниот парк Маврово и притоа да бидат земени предвид сите меѓународни и национални стандарди за заштита на природата.
  • Да нема дополнителни апликации за легализација на дивоградби во Маврово и другите заштитени подрачја и локалитети на светското природно и културно наследство.
  • Усогласување на просторните и секторски планови, особено за туризмот и урбаните населби, за спречување на натамошна урбанизација и деградација на националните паркови и заштитените подрачја. Да се поттикнат одржливи еколошки прифатливи форми на туризам.
  • Да биде овозможена независна оценка на законската рамка поврзана со просторното и урбанистичко планирање, за изградба, заштитата на животната средина.
  • Усвојување не план за заштита на Балканскиот рис.

Дивоградби, бродови и инвазивни видови

Случајот за Маврово беше отворен уште во 2014 година по жалбата на граѓанската организација „Еко-свест“ кога по препораката на Бернската конвенција, Владата тогаш одлучи да ги суспендира проектите за големите хидроцентрали Бошков Мост и Луково Поле, но продолжи да одобрува градби на мали хидроелектрани. Сега случајот за Охрид и Галичица треба да биде разгледан на терен од страна на експерти.

Она што, меѓу другото, стои во жалбата на „Фронт 21/42“ за Охрид и Галичица е дека најголемата нелегална депонија Буково сѐ уште е главно место на Општина Охрид за отстранување на отпадот, но дека честа слика на брегот на езерото се и помалите депонии.

Потоа, дека Охридското Езеро се загадува преку директно влевање на отпадни води од многу области на брегот, особено преку реките Коселска и Сатеска од каде доаѓа најголемото загадување.

Опасност за ендемските видови има и од инвазивни видови кои се донесени од други краеви на планетава. Како што наведуваат од „Фронт 21/42“, пронајдени се неколку инвазивни видови во Охридското Езеро како Канадска водна трева, некој вид воден полжав, Калифорниска пастрмка, Сребрен крап - видови кои можат да бидат потенцијална опасност за ендемската флора и фауна. Локални рибари велат дека овие видови можат да ја загрозат и Охридската пастрмка, како што наведуваат од граѓанската Фрнт 21/42.

Уништување на Охридско Езеро и во вода и на брегот
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:18 0:00

Закани има и од бродовите и бродскиот туризам. Во езерото се користат бродови со различна големина кои предизвикуваат бранови, бучава, загадување од нафта, бензин и други хемикалии. Според податоците на Фронт 21/42, регистрирани околу 2.268 рекреативни и рибарски бродови од 1999 година, а во моментов во редовна употреба се од 500 до 600 бродови.

Исто така, организацијата ги посочува заканите од туризмот, нелегалните градби чија бројка е повеќе од 2.000 само во Националниот парк Галичица и и околу 16.000 барања само во Општина Охрид за легализација на скоро 20.000 нелегално изградени објекти.

Бернската конвенција е уште една меѓународна конвенција која дава препораки за заштита на Охрид, откако реактивната мисија на УНЕСКО прво во 2017-та, а потоа и во 2019 година предупреди на неприфатлива урбана трансформација и на голем број нелегални градби по што даде 19 препораки до властите за Охрид да го задржи статусот на Светско природно и културно наследство.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG