Достапни линкови

Урбанистички див запад во Струга


Дивоградби во Струга, фотографиите се дел од извештајот на Државниот завод за ревизија
Дивоградби во Струга, фотографиите се дел од извештајот на Државниот завод за ревизија

Во Струга не е урната ниту една дивоградба во изминатава деценија. Општинските служби легализирале дивоградби без комплетна документација. Создадени услови за нови дивоградби, а не се почитуваат законските рокови. Ова го покажува последниот ревизорски извештај.

Над 4 илјади барања за легализација на дивоградби се одбиени од струшката општинска власт во изминатава деценија, но ниту една од нив не е урната, покажува последниот извештај на Државниот завод за ревизија. Во оваа бројка не влегуваат дивоградбите за кои воопшто не е поднесено барање за легализација.

Актуелниот градоначалник на општина Струга Рамиз Мерко во изминативе неколку години во медумите тврди дека во Струга нема дивоградби, спротивставувајќи се на извештајот на УНЕСКО, на централната власт и на новинарските истражувања кои го покажуваат спротивното. Последен пат Мерко со такво тврдење излезе во март годинава, кога посочи дека Струга нема проблем со заштита на природното и културното наследство.

„Целосно е запазена зоната покрај езерото да нема градби, ниту диви, ниту со дозвола. Во тој предел и не смееме да дадеме одобрение за градење. Одговорни сме и во никој случај не го загрозуваме природното и културното наследство за зачувување на стаусот во УНЕСКО“,изјави Мерко.

Токму во последниот извештај на УНЕСКО се посочува дека не само што не се решени проблемите, туку се појавуваат и нови проекти и планови кои го загрозуваат Охридскиот регион.

„Пописот на дивоградбите е чекор напред, но уривањето на бесправно изградените објекти се одвива премногу бавно, особено во Северна Македонија,“ се наведува во извештајот на УНЕСКО.

Во него се бара да се забрза уривањето на терасите изградени на брегот на Охридското Езеро кои на места навлегуваат и во езерските води. Вакви појави се забележани во Охрид и Струга, особено во Радожда, каде се посочени најголем број на изградени ресторани на крајбрежјето.

Од друга страна, пак, ревизорскиот извештај не ги опфаќа привремените објекти кои се наоѓаат на плажите на Охридското езеро во Општина Струга и се земени под краткотраен закуп.

Тврдењето на градоначалникот дека во Струга нема дивоградби го демантира и извештајот на државниот ревизор во кој дополнително се посочуваат низа неправилности и прекршувања на законите во целиот процес на легализација на бесправно изградените објекти.

Ревизорскиот извештај кој е неодамна објавен, покажува дека во општината Струга од 2011 до 2020 година не е урната ниту една дивоградба со што се прекршени законите за градење и законот за инспекциски надзор. Во него е посочено дека во тој период 4 илјади барања за легализација се одбиени, што значи дека тие објекти се третираат како дивоградби, но ниту еден од нив не е урнат.

„Постои појава во која решенијата за одбивање на барањата не се доставуваат до општинската градежна инспекција за преземање мерки за постапување со бесправно изградените објекти“ е посочено во извештајот.

Во него се наведени примери со кои се покажуваат урбанистичките проблеми во Општината. Еден од нив е за барање за легализација на објект без сопственик на земјиштето врз кое е изграден објектот.

„Во однос на истиот предмет донесена е Одлука од Советот на Општина Струга во 2016 година, каде се задолжува општинската администрација, во идната урбанистичка - планска документација да изврши вклопување на бесправно изградениот објект бидејќи бесправниот објект е изграден надвор од плански опфат согласно Урбанистичката документација за с. Враништа.“ напишал државниот ревизор.

Во друг пример, пак, што го посочува ревизорот, е забележано дека при постапката за легализација на дивограбата била промената намената на објектот од деловен простор во објект за домување. Таквата промена била прифатена од Комисијата за легализација, иако од увидот на самото место ревизизорот констатирал дека се работи за деловен објект со што се прекршува законот и дополнително со таквата промена во документите општината наплатила 23 илјади денари помалку од потребното.

Во ревизорскиот извештај е посочено дека од вкупниот број 10.723 примени барања за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, решени се 3.049 предмети, одбиени 4.040 предмети, во постапка се 2.775 предмети и 859 предмети се со неодреден статус.

Ревизорот утврдил дека дополнителен проблем во општината е што нема воспоставено процедура според која ќе се утврдува правен статус на дивоградбите. Составот на комисијата која била задолежна за решавање на статусот на поднесените барања бил менуван 17 пати.

Проблематичен е и Регистарот во кој се евидентираат барањата за утврдување на правен статус на дивоградбите каде што половина од барањата не содржат информација за намена на објектите, односно дали станува збор за куќа, стан или пак дуќан. Во втората половина од барањата недостастува информација за локацијата и квадратурата на дивоградбата за која се бара легализација и за која треба да се платат давачки кон општината базирани на квадратурата.

Општина Струга во периодот од 2011 до 2020 година, постојано се соочува со проблем од недостиг на градежни инспектори. До лани имало само еден градежен инспектор, а сега се двајца.

Ревизорот посочува на злоупотреби на законот за легализација на дивоградби со кој се предвидува дека може да станат легални само објекти изградени пред 2011 година. Причините за тоа се недостатоци во законот и негово често менување, некомплетни барања, како и некоординираноста меѓу комисиите и градежниот инспектор и неможноста за постапување на единствениот до лани локален градежен инспектор.

„Тоа доведува до појава на изградба на ново изградени или доградби и надградби на објекти без одобрение за градење, за кои постои ризик да се легализираат, иако се изградени по донесување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти“ се вели во извештајот.

Дополнително утврдени се и разлики во општинските сметки по основ побарување и наплата за легализација, слабост во наплатата, но и погрешно прикажување на финансиските извештаи на Општината. Според ревизорот, градоначаниците не го информирале Министерството за транспорт и врски за што ги потрошиле парите кои ги добиле од одобрените барања за легализација.

Одговорност за таквата состојба во општината ја имаат градоначалниците кои раководеа со општината од 2011 до 2020 година, а тоа се Рамиз Мерко од ДУИ во два мандати и еден мандат Зијадин Села, лидер на партијата Алијанса на Албанците.

Погледнете ја и репортажата за Охрид

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG