Достапни линкови

Далеку од „одлучно постапување“ со дивоградбите во Охрид и Струга


Багер отстранува нелагално изграден објект на брегот на Охридското Езеро кај туристичкото место Лагадин. Градоначалникот на Охрид Георгиевски вели дека се посветени на имплементација на препораките на УНЕСКО.

Отстранување на дел од привремените конструкции и опрема од плажите на Охридското Езеро, не е спроведување на препораката на УНЕСКО за справување со дивоградбите, велат од граѓанската организација „Фронт 21/42“.

Општинските власти во Охрид и Струга деновиве отстрануваат нелегално изградени објекти и платформи на брегот на Охридското Езеро, во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион да го зачува статусот на Светско природно и културно наследство.

Иако градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиевски вели дека отстрануваат нелегално изградени објекти на плажите, градоначалникот на Струга Рамис Мерко вели дека издале решенија за отстранување на платформи бидејќи сакаат да бидат солидарни со колегите во Охрид, но според него во неговата општина нема диви градби. Сопствениците на платформите кои се отстрануваат и во Охрид и во Струга, пак, велат дека граделе легално со сите дозволи кои ги добиле од општинските власти.

Отстранување на платформи во Струга. Градоначалникот Мерко на 14.06.2021 изјави: „Ако Владата не ни дава можности да урбанизираме, да има планови за села, да има планови за градот, сигурно дека ќе градат на диво“, рече Мерко.
Отстранување на платформи во Струга. Градоначалникот Мерко на 14.06.2021 изјави: „Ако Владата не ни дава можности да урбанизираме, да има планови за села, да има планови за градот, сигурно дека ќе градат на диво“, рече Мерко.

Граѓанските организации од земјава кои ја следат ситуацијата во Охридскиот регион сметаат дека и покрај отстранувањето на некои објекти, властите и натаму не ги спроведуваат препораките на УНЕСКО, што според нив е противзаконски. Тие наведуваат дека Законот за управување со Охридскиот регион јасно дефинира дека одлуките на УНЕСКО имаат сила на закон, а нивното неспроведување значи прекршување на овој закон.

УНЕСКО од 2017 година бара нелегалните градби на брегот на Охридското Езеро да бидат отстранети, а општините да стават мораториум на било каква урбана трансформација во Охридскиот регион.

Ова се само две препораки кои се повторени и во последниот извештај на Реактивната мисија од јануари 2020 година. Во него јасно е наведено дека доколку не бидат исполнети сите 19 препораки препораки, Охридскиот регион ќе биде ставен на листата Светско природно и културно наследство во опасност.

УНЕСКО вели дека властите треба да подготват и Инвентар на диви градби, да направат проценка како тие градби влијаат врз животната средина и да ги урнат сите кои претставуваат закана за природните и културни вредности на целиот Охридски регион, во кој се вклучени општините Охрид, Струга и Дебарца.

Охрид тоне и урбано и еколошки
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:42 0:00

Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ велат дека деновиве се отстранува опрема и објекти на дел од крајбрежјето на Охридското Езеро, но сметаат дека отстранување на дел од привремените конструкции и опрема од плажите, не е спроведување на препораката за справување со дивоградбите.

„Во јули 2017 година УНЕСКО побара итно да се стопира легализацијата на дивоградбите во рамки на светското наследство. По предлог на Владата, во декември 2017 година Собранието изгласа продолжување на рокот за поднесување на нови барања за легализација. Овој закон важеше до март 2021 година, но на почетокот на оваа година Владата предложи продолжување на истиот до 2026 година“, велат од „Фронт 21/42.“ Оттаму додаваат:

„Истовремено, Владата испрати во Собранието и втор контроверзен нов Закон за справување со дивоградбите кој навидум, но не и суштински, спречува легализација во рамки на светското наследство. Доколку се усвојат двата закони, не само што нема да има никакви пречки, туку до 2026 година ќе може да се легализираат и подоцна изградените дивоградби во Охридскиот Регион“, велат од „Фронт 21/42.“

Исто така од организацијата велат дека досега, во јуни 2021 година, сѐ уште не е изработен Инвентар на сите дивоградби на територијата на светското наследство, иако тоа УНЕСКО го побара во 2017 година од трите општини: Охрид, Струга и Дебарца.

„Во јули 2017 година УНЕСКО побара, откако ќе се изработи Инвентарот на сите дивоградби, да се спроведат проценки на нивното влијание врз исклучителните универзални вредности на природното и на културното наследството и да се отстранат сите за кои ќе се установи дека имаат негативно влијание. Во 2021 година нашата држава до УНЕСКО испрати лажна информација дека нема правна основа за спроведување на проценките на влијание – во реалноста директивите за проценка на влијанието врз природата се дел од нашето законодавство повеќе од една деценија и до сега се спроведени стотици проценки“, велат од „Фронт 21/42.“

Инаку, до Општина Охрид се поднесени 15.939 барања за легализација на 19.935 нелегални градби. Од нив 2.348 се во рамки на Националниот Парк Галичица. До Општина Струга се поднесени над 10.000 барања за легализација.

Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека Државниот завод за ревизија констатирал бројни законски прекршувања во постапувањата на општината во однос на нелегалните градби.

„Знаејќи го сето ова, отстранување на дел од конструкциите на плажите, главната активност на нашите институции пред да заседава Комитетот за светско наследство, е многу, многу далеку од „одлучно постапување“ со дивоградбите“, велат од „Фронт 21/42.“

Отстранување на дивоградби на брегот на Охридското Езеро од страна на Општина Охрид. Еколошки здруженија реагираат дека тоа се прави на несоодветен начин со кој се уништуваат екосистемите.
Отстранување на дивоградби на брегот на Охридското Езеро од страна на Општина Охрид. Еколошки здруженија реагираат дека тоа се прави на несоодветен начин со кој се уништуваат екосистемите.

Од организацијата посочуваат дека го поддржуваат ослободувањето на брегот на Охридското Езеро, но наведуваат дека не знаат дали, како што била досегашната пракса, дел од отстранетите конструкции ќе се вратат откако ќе заврши Сесијата на Комитетот за светско наследство на која ќе се разгледува напредокот на државата во исполнувањето на препораките на УНЕСКО.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG