Достапни линкови

Охрид - светско наследство во опасност


Охрид.

Охридскиот регион треба да добие статус на загрозено светско и културно наследство, бидејќи тоа е реалност и демонстрација на неспособност на институциите да го одржат статусот, велат од граѓанската организација „Еко-свест“, коментирајќи го новиот извештај на УНЕСКО за Охрид.

Институциите добија нов извештај од УНЕСКО за состојбата во Охрид, со што останува неизвесно дали регионот ќе биде впишан на листата на светско природно и културно наследство во опасност, бидејќи прашање е дали во рок од неколку месеци властите ќе можат да направат напредок во однос на препораките на организацијата на Обединетите нации.

Во извештајот, во кој имаа увид дел медиуми во земјава, се вели дека исполнети се условите за Охридскиот регион да биде впишан во листата на Светско и културно наследство во опасност, бидејќи властите не одговориле соодветно кон обврските што УНЕСКО ги побара од нив уште пред повеќе од три години.

Конечната одлука за статусот на Охрид се очекува да биде донесена до јуни оваа година, но според еколози од земјава „тешко“ дека за неколку месеци ќе биде направен напредок во однос на препораките на УНЕСКО, особено што во новиот извештај пишува за дополнително загрозување на подрачјето со нови проекти и влошување на состојбата во урбаните, руралните и природните предели.

Според Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, ваквиот извештај на УНЕСКО е очекуван. Таа смета дека властите само купиле време во изминатив период преку нивните напори Охрид да не биде ставен на листата на наследство во опасност, а во меѓувреме „не направија ништо.“

„Охрид треба да се најде на лисата на загрозени затоа што тоа е реалност и е демонстрација на неспособноста на институциите да го одржат статусот“, вели Чоловиќ Лешоска.

Во новиот Нацрт-документ кој е пратен до надлежните институции во Македонија е наведено дека властите не ги отстраниле постоечките закани и слабости во регионот на кои посочуваше УНЕСКО во претходните извештаи.

УНЕСКО наведува дека регионот е високо ранлив поради значајни проблеми со управувањето и слабото спроведување на законската рамка, што довело до несоодветни интервенции и негативни ефекти врз градското планирање, зголемен број на проектни предлози кои резултирале со сериозно влошување на урбаните, руралните и природни предели, како и на клучните атрибути на универзалната вредност на Охрид.

„Поради што подрачјето ги исполнува условите да биде впишано на Листата на Светско наследство во опасност“, стои во клучниот пасус од Нацрт-зивештајот на УНЕСКО.

Чоловиќ Лешоска вели дека „не треба да се срамиме“ од впишувањето на Охрид во листата на светско наследство во опасност, туку да побараме помош.

„Сепак власта тогаш реши (во 2019 година) дека може сама да се справи со предизвиците, а после година ипол гледаме дека не било така“, вели Чоловиќ Лешоска.

Можноста Охридскиот регионон да биде ставен на Листата на Светско културно наследство во опасност УНЕСКО последен пат ја разгледуваше во јули 2019 година на 34-сесија на Комититетот за светско и културно наследство одржанот во Баку.

„Поздрав од мојот прозорец“, Охрид , Северна Македонија
„Поздрав од мојот прозорец“, Охрид , Северна Македонија

Тогашниот министер без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, кој ја предводеше македонската делегација во Баку, по одржувањето на сесијата во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека сметале оти е „важна политичка одлука“ УНЕСКО да не го стави Охридскиот регион на листата на светско културно наследство во опасност, но и дека тоа ќе биде „ветер во грб“ за Владата во новиот рок од шест месеци да испорача резултати во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.

Адеми тогаш рече дека Владата ќе испорача резултати до февруари 2020 година во однос на спроведувањето на 19-те препораки на УНЕСКО, главно преку подготовна на Планот за менаџмент и донесувањето на Законот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.

Во меѓувреме владина група составена од претставници на неколку институции го подготви Планот како финален документ за спроведување на сите препораки на УНЕСКО, но новиот закон и натаму не е донесен.

Адеми тогаш рече дека Законот, кој е во собраниска процедура, ќе овозможи шестмесечен мораториум на градби, а оти со Планот за менаџмент Охридскиот регион ќе добие зони и ќе може да се менаџира како една целина.

Исто така Адеми изрази надеж дека освен подготвениот регистар за дивоградби од страна на општина Охрид, оти тоа ќе го направат и општините Струга и Дебарца.

Граѓанските организации за заштита на животната средина, кои ја следат состојбата во Охрид, во 2019 година повеќе пати укажаа дека доколку Охрид во Баку беше ставен на Листата на светско наследство во опасност, ќе добиеше неопходна помош од УНЕСКО за справување со заканите во регионот. Тие велеа дека земјата не ја претставува вистинската состојба во Охрид, особено во однос на дивоградбите.

Во изминатиов период УНЕСКО во извештаите наведедуваше дека властите малку прават во однос на имплементацијата на приоритетните препораки на мисијата на УНЕСКО од 2017 година.

УНЕСКО наведуваше дека во Охрид има несоодветни градби со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, беа дел од заклучоците на УНЕСКО.

Новиот извештај на УНЕСКО се однесува на двете страни на Охридското Езеро, со оглед дека во 2019 година како светско природно и културно наследство беше ставен и делот од регионот кој се наоѓа во Албанија.

Во него, меѓу другото, се вели дека на македонската страна во старото градско јадро се вршат градежни интервенции за реконструкција на куќите со користење на несоодветни градежни материјали со што се влијае врз автентичноста на градот, изградба на високи згради со слаб архитектонски квалитет во близина на езерото, а оти отстранувањето на нелегалните градби се одвива бавно.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG