Достапни линкови

Палеж на трски, булдожери во езеро, продолжува уништувањето на Охридско Езеро


Отстранување на дивоградби на брегот на Охридското Езеро од страна на Општина Охрид. Еколошки здруженија реагираат дека тоа се прави на несоодветен начин со кој се уништуваат екосистемите. Фото: Општина Охрид.

Поединци го уништуваат крајбрежјето на Охридското Езеро со палење на трски, со што го загрозуваат еко-системот. Истовремено, на брегот се отстрануваат дивоградби, за што граѓанското здружение „Охрид SOS“ реагира дека тоа се прави без стручна проценка на начин со кој се нанесува штета во езерото.

Крајбрежјето на Охридското Езеро е зона на најстрога заштита, според Планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион. Но и покрај тоа, не запираат активности за негово уништување.

Некои од последните случаи се палење на трски во струшко, поради што пред неколку дена реагираше Државниот инспекторат за животна средина.

Од институцијата по увидот на терен соопшти дека е опожарено земјиште на потегот од плажите „Версус“, „Аквариус“ и ресторанот „Аполонија“ во насока кон селото Калишта. Биле опожарени трски на брегот на Охридското Езеро во должина од околу 450 метри и ширина од околу 50 метри.

„Овој настан се случи и покрај предупредувањата до сопствениците на земјиште што граничи со пешачката патека дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште“, велат од Државниот инспекторат за животна средина.

Палење на трски во Струга на брегот на Охридското Езеро. Државен инспекторат за животна средина.
Палење на трски во Струга на брегот на Охридското Езеро. Државен инспекторат за животна средина.

Оттаму наведуваат дека против сторителите е спроведена истрага и дека полицијата ќе поднесе кривични пријави.

Поради величествените убавини, Охрид повеќе од четири децении е под заштита на УНЕСКО како Светско природно и културно наследство.

Но, во последните години градот, езерото, крајбрежјето и целиот регион се под ризик од несоодветна урбанизација, инфраструктурни проекти, дивоградби и загадување на животната средина, поради што е можно регионот да го загуби таквиот статус и да биде ставен на листата Светско природно и културно наследство во опасност, како што повеќепати укажа УНЕСКО.

УНЕСКО во неколку извештаи побара од македонските власти да ги исполнат препораките за зачувување на статусот, но реализацијата се одвива бавно.

Од Државниот инспекторат за животна средина за РСЕ велат дека палењето на трските на охридското крајбрежје се зачестени појави. Институцијата посочува дека е потребно да бидат спроведени зајакнати контроли на брегот заедно со општинските власти.

На прашањето зошто се пали трската, од Инспекторатот велат дека обично тоа се прави за одземање на плацеви, поставување плажи, приколки и сл.

Оттаму посочуваат дека со палењето се загрозуваат живеалиштата на повеќе видови риби, а трската е нивно место за мрестење.

Несоодветно отстранување дивоградби

Освен уништувањето, долготраен проблем е и узурпацијата на крајбрежјето на Охридското Езеро. Поради тоа деновиве градските власти спроведоа активности со кои велат дека „конечно“ ќе воведат ред.

Општина Охрид соопшти дека ги ослободуваат плажите од нелегални градби, платформи, ѕидови и дека овозможуваат нивно непречено користење. Според градските власти, бесправни објекти се отстрануваат на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани.

Отстранување на дивоградбина брегот на Охридското Езеро од страна на Општина Охрид.
Отстранување на дивоградбина брегот на Охридското Езеро од страна на Општина Охрид.

Но, од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ реагираат дека и покрај тоа што акцијата е во насока на ослободување на брегот од неплански градежни зафати, некои од платформите се отстрануваат со булдожери кои ораат во литоралот.

„Тоа е оној плиткиот дел на езерските води блиску до брегот – исклучително важен за екосистемот, бидејќи во него е застапен највисок степен на биолошка разновидност. Литоралот е клучен за мрестење на рибите и тоа особено во овој период од годината и токму во тој дел каде се отстрануваат платформите, каде што се мрестат кленот, крапот, мрената, плашицата“, наведуваат од „Охрид SOS.“

Од граѓанската иницијатива посочуваат дека конструкциите на самиот брег, изградбата на трајни објекти и уништувањето на трската придонесува за уништување на крајбрежната функционалност на езерото, односно уништување на можноста брегот да ја врши својата еколошка функција во водната целина.

„Или накратко – езерото да биде езеро. Како резултат на тоа на македонската страна на Охридското Езеро сега само 28 проценти од брегот се со задоволителен еколошки статус“, велат од „Охрид SOS.“

Според „Охрид SOS“ со ваквите акции Општина Охрид покажува дека нема план за справување со нелегалните градби, но ,исто така, и дека нема знаење оти „за секое чепкање“ во езерото е потребна стручна проценка.

Инаку, институциите на земјава во јануари оваа година добија нов извештај од УНЕСКО за состојбата во Охрид. Во извештајот се вели дека исполнети се условите Охридскиот регион да биде впишан во листата на Светско и културно наследство во опасност, бидејќи властите не одговориле соодветно кон обврските што УНЕСКО ги побара од нив уште пред повеќе од три години. Конечната одлука за статусот на Охрид се очекува да биде донесена до јуни.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG