Достапни линкови

Владата објави „црна листа“ на борци од Македонија во Сирија


Илустрација, мажи и момчиња осомничени дека се припадници на Исламската држава,

Македонската влада за прв пат објави листа со 15 македонски државјани кои учествувале во паравоени формации во Сирија и Исламската Држава. За нив се одредени финансиски санкции поради учество во војната во Сирија и обезбедување пари за други да учествуваат во војната.

Имиња на 15 мажи на возраст од околу 30 години кои ја напуштиле државата за да се приклучат кон терористичката организација „Исламска држава“ во војната во Сирија за прв пат се најдоа на листа која ја објави македонската влада во Службен весник и на веб страницата на Управата за финансиско разунавање. Тие со владина одлука се финансиски казнети поради учество во војната во Сирија која трае веќе 11 години и обезбедување пари за други да учествуваат во војната како дел од ИСИС. Оваа одлука е донесена на 13 септември со потпис на вицепремиерот Артан Груби.

Тоа се луѓе кои не се во државата и против нив веќе имало истраги и меѓународна потерница. Владината одлука за рестриктивни финансиски мерки значи дека на овие 15 луѓе им се забранува користење, трансфер или друг вид на располагање со имот, забрана на ставање на располагање на каков било имот, директно или индиректно, како и забрана за воспоставување или продолжување на деловен однос.

15-мината на финансиската „црна листа“ заминале од земјава во 2014 и 2015 како припадници на ИСИС да се борат во Сирија. Дел од нив биле кривично гонети и затоа што обезбедувале пари за лица кои се заминуваат или се присутни во Сирија, додека друг дел пак потикнувале други луѓе со своите семејства да заминат за Сирија. Додека други, покрај нивното учество во паравоени формации, на товар им се става и дека со реобјавувањето на документарен филм насловен како „ Честа е во џихадот, порака до Балканците “ на социјалните мрежи потикнувале и други луѓе да им се приклучат.

Најголемиот дел од овие луѓе се мажи не постари од 30-тина години. Дел од нив сами си објавувале фотографии на социјалните мрежи за да се „пофалат“ дека се дел од паравоената формација „ Исламска држава“ која делува на територија на Сирија и Ирак.

Што значат македонските финансиски казни за борците во странски боишта?

Ваквиот пристап на објавување на листа на борци од земјава во странски боишта значи исполнување на обврските и критериуми кои произлегуваат од меѓународните конвенции и спроведување на системот за рестриктивни мерки, објаснува за РСЕ професорот од факултетот за безбедност Злате Димовски.

Директен линк

„Тоа би значело едноставно следење или евентуално оневозможување на понатамошни финансиски добивки од странство што би резултирало со евентуално прекинување на нивните активности или евентуално прекинување на тие средства што ги добиваат таму доколку се идентификувани и се наоѓаат на боиштата, и едноставно да не можат да ги префрлуваат тие средства во нашата државата. Што значи целта е да ги попречиме или да ги оневозможиме во нивните основни мотиви тие пари да легнат на нивните сметки или да го користат во кеш“, вели Димовски.

Предизвиците по враќањето на терористички борци од странските боишта

Самет Шабани од невладината организација Хоризон Цивитас која е дел од проектот за реинтеграција на повратниците од странските боишта смета дека ваквите рестриктивни мерки спречуваат проширување на делата повразни со тероризам. Но предупредуива дека треба да се мисли и на други последици.

„Но, сметам дека овие мерки треба да бидат временски ограничени кога станува збор за мерки против одредени лица. Ваквите мерки не можат да се преземаат на неодределено време, како што тоа го направи Владата, бидејќи на тој начин дотичните лица може да се обесхрабрат да се реинтегрираат во својата татковина. Неопределување на временска рамка за вакви мерки може да ги поттикне лицата на дополнителна фрустрација и потрага по други криминални алтернативи,“вели Шабани.

Проект од 600 илјади евра за рехабилитација на повратниците од странските боишта

Македонската влада во 2018 година донесе Национална стратегија за борба против тероризмот како и Националниот план за реинтрегација, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и нивните семејства.

Во земјава е отпочнат и проект на неколку невладини организации меѓу кои и „Хоризон Цивитас“ кои се занимаваат со процесот на рехабилитација и ресоцијализација на повратниците од странските воени боишта вреден 600 илјади евра а финансиран од Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата – ГЦЕРФ со време траење од 2021 до 2024 година.

БиХ за прв пат со стратегија за борба против десничарскиот екстремизам

Целта на проектот е да опфатат повеќе аспекти од создавањето заедница која ќе ги прифати повратниците од странски конфликти и нивните семејства, и која ќе биде активна за подигање на свеста за превенција и борба против насилниот екстремизам, вклучително и крајно десничарски екстремизам и етно -национализам.

Димовски претпоставува дека македонски борци војуваат и во Украина

Професорот Димовски вели дека има потреба да се работи повеќе и на мерките за дерадикализацијата и ресоцијализација во системот. Тој вели дека заминувањето на луѓе од земјава во странски боишта е можно и натаму да се интезивира, затоа што сега има војна и во Украина, која започна во февруари годинава по руската неиспровоцирана инвазија.

„Се уште немаме идентификувани таму лица, но претпоставката е дека имаме луѓе кои по различни канали отишле и се борат на една од страната, а не се легитимни тоа да го прават“, вели тој.

Од Македонија на странските боишта досега заминале најмалку 156 луѓе, покажуваат последните проценки на разузнавачките служби и невладини организации објавени во првото тромесечие од годинава. Според досега објавените податоци во земјава се вратиле 83 од нив. Голем број се соочија со судски процеси и осудени на неколку години затвор. Последните достапни судски податоци покажуваат дека 30 луѓе се осудени на казната затвор која според последните измени на кривичниот законик се движи од 6 до 9 години. Со претходниот закон дел од осудените за учество во странски паравоени формации излегоа од затвор за околу 2 години .

ЕВРОПОЛ: Загриженост на Балканот од повратниците од конфликтните зони

Граѓанскиот бунт со масовни антивладини масовни протести прерасна во децениска крвава војна во Сирија. По судирите на протестите во март 2011 година изби војна меѓу силите на режимот на Асад и опозициските групи кои се собрани во формација именувана Војска на слободна Сирија. Пред војната, Сирија имаше популација од околу 22 милиони жители, а според податоците на Комесаријатот на ОН за бегалци (УНХЦР), најмалку 6,6 милиони Сиријци биле принудени да ја напуштат земјата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG