Достапни линкови

ЕВРОПОЛ: Загриженост на Балканот од повратниците од конфликтните зони


Затвореници од Ирак и Сирија, осомничени дека се дел од Исламската држава во затворската ќелија во Хасака, Сирија, 11 јануари 2020 година.
Затвореници од Ирак и Сирија, осомничени дека се дел од Исламската држава во затворската ќелија во Хасака, Сирија, 11 јануари 2020 година.

Во 2020 година, терористичките организации се обидоа да ја искористат глобалната пандемија за ширење пропаганда на омраза, се наведува во извештајот на Агенција за спроведување на законот на Европската унија - ЕВРОПОЛ за состојбата и трендовите на тероризмот во Европа. Мелиха Кешмер

Во извештајот се вели дека милитантите ја користат секоја можност да ги уништат демократските структури, да шират страв и да го поларизираат општеството. Во текот на 2020 година, Европол забележа 57 изведени, неуспешни и оневозможени терористички напади во Европската унија (Австрија, Белгија, Франција, Германија, Италија и Шпанија).

Исто така се вели дека 21 лице починало како резултат на тероризам во Европската унија, а дека 449 лица биле уапсени под сомнение дека извршиле злосторства поврзани со тероризам во 17 земји-членки на ЕУ, што е намалување за една третина во споредба со претходните години.

Потенцијални закани?

Иако во Западен Балкан лани не се случија терористички напади, земјите-членки на ЕУ сметаат дека настаните во регионот се потенцијални закани што можат да влијаат на терористичката состојба во ЕУ. Особено, сè уште постои загриженост за можноста од милитанти, вклучително и повратници од зоните на конфликтот, кои ги користат патишта што минуваат низ регионот.

Во извештајот се наведува дека една група, во која биле поранешни припадници на таканаречената Исламска држава, кои се вратиле од Сирија, била разбиена во Северна Македонија. Исто така, се наведува дека се евидентирани индивидуални случаи на повратници од зоната на конфликтот во Сирија и Ирак.

Словенија навела дека враќањето на граѓаните на балканските земји од Сирија досега немало директно влијание врз терористичката закана, но дека е потребно да се следат лицата што се враќаат и откако ќе излезат од затвор.

Србија не пријавила никакви терористички акти или инциденти лани, како ни случаи на вражање на борци од зони конфликтните зони.

Косово покрена три случаи на тероризам во 2020 година. Уапсени се вкупно три лица. Од затвор лани излегоа 21 лице, откако ја издржаа казната. Нема пријавено повратници од зоната на конфликтот во истата година.

МВР: Разбиена ќелија на ИД во Северна Македонија

Црна Гора лани спроведе седум истраги за злосторства поврзани со тероризам, вклучувајќи обвинувања за тероризам, финансирање и врски со странски борци и странски терористи и организации. Немаше значајни апсења.

Босна и Херцеговина не пријави терористички инциденти во 2020 година и немаше заминување на граѓаните во зоните на конфликтот. Во извештајот се наведува дека вкупно 59 возрасни лица (48 мажи и 11 жени) и 20 деца се вратиле од Сирија и Ирак. Во октомври 2020 година, БиХ прими еден свој државјанин, кој беше депортиран од Турција по влегувањето во земјата од Сирија.

Албанија пријави девет истраги поврзани со тероризам против 14 лица. Осомничените не формирале група, но вклучувале повратници, радикализирани затвореници и приврзаници на џихадизмот.

Просторот создаден од ковид-19

Терористите, според ЕУРОПОЛ, ја користат поларизацијата во општеството за да ја загадат социјалната клима со насилни идеологии. Во последниве години, поларизацијата на политичкиот дискурс се зголеми во Европската унија, а пандемијата на ковид-19 дополнително го забрза овој развој.

Во Албанија ќе се гради центар за балкански повратници од ИД

Забележливо е зголемување на нетолеранцијата кон политичките противници, додека исто така се зголемува и бројот на лица кои вршат вербално или физичко насилство.

Менталното здравје останува проблем поврзан со тероризмот и насилниот екстремизам. Ситуацијата создадена од пандемијата може да биде дополнителен фактор на стрес, потенцијално охрабрувајќи ги ранливите лица да се свртат кон насилство.

„Екстремистите и терористите најдоа нови можности во зголеменото време поминато на интернет за време на пандемијата ковид-19. Со големиот број дезинформации што активно се шири на интернет, екстремистите и терористите го користат социјалното незадоволство за да ги достигнат и пропагираат своите идеологии“, се оценува во извештајот.

Илва Јохансон, европски комесар за внатрешни работи вели дека последниот извештај на Европол илустрира дека ризикот од радикализација на интернет е зголемен во годината на пандемијата.

„Ова е особено точно за десничарскиот тероризам. Ние сме посветени на справувањето со оваа растечка закана“, вели Јохансон.

Кетрин Де Боле, извршна директорка на Европол, смета дека интернетот игра клучна улога во овозможувањето ширење на терористичка и екстремистичка пропаганда.

„Ширењето на омраза и насилни идеологии преку интернет стана императив за екстремистите. Со споделување на информации во реално време и користење на најновите технолошки достигнувања за заштита на податоците, можеме да ја подобриме борбата против тероризмот“, вели таа, додавајќи:

„На крајот на краиштата, главната цел на безбедносните агенции е насочување кон насилниот екстремизам и радикализација со цел да се спасат животи и да се намалат насилните напади врз нашето општество и нашиот демократски систем“.

Најголемите стравови на Западен Балкан

Шефот на центарот за борба против тероризмот на Европол, Клаудио Галзерана, нагласува дека извештајот покажува дека терористичките закани остануваат големи во ЕУ.

„Земјите-членки на ЕУ претрпеа десет напади од џихадисти, сите извршени од поединци кои дејствуваат самостојно. Некои од нив имаат врски со истомисленици или терористички групи, како што се џихадисти или десни екстремисти. Внимателната проценка на заканите и координираните напори се од најголема важност за идентификување на ранливостите и борба против терористичкото и екстремистичкото насилство и преку онтернет и офлајн “, вели Галзерана.

„Осамени волци“ стојат зад сите смртоносни напади

„Џихадистичкиот тероризам“ останува најголемата закана за Европската унија и сè уште е под влијание на случувањата во странство, се заклучува во извештајот.
Таканаречената Исламска држава која останува активна во Ирак и Сирија, им се обраќа на приврзаниците во Европа за да ги охрабрат да извршат напади. Глобалните филијали служат за одржување на имиџот на групата - особено оние во Африка.

Иако стотици лица се уште се во затвори и логори во Сирија, многу малку се вратија во Европа во текот на изминатата година. Во 2020 година, бројот на завршени напади се зголеми во споредба со 2019 година. Во десет напади беа убиени 12 лица, а повеќе од 47 повредени. Значајна закана беа таканаречените „осамени волци“, поединци кои дејствуваат сами.

Некои милитанти кои дејствуваа сами, беа во контакт со терористички групи. Еден пример е и напаѓачот од Виена

кој успеа да испрати видео порака за „Исламската држава“.

Некои „осамени волци“ покажаа комбинација на екстремни идеологии и проблеми со менталното здравје. Социјалната изолација со помалку контакти предизвикува зголемен стрес и може да игра улога во некои случаи. Други фактори може да вклучуваат полемики околу објавувањето на цртани филмови со пророкот Мухамед и антиисламските активности на некои десничарски актери во различни земји.

Десничарски тероризам: Зголемена активност

Извештајот покажува дека десните екстремисти иако се многу хетерогени во однос на организациската форма, основните идеолошки елементи и политичките цели, се повеќе се обединуваат против различностите и демократскиот уставен поредок.

Десните екстремисти ги вклучуваат наративите што се појавуваат во нивната идеологија со цел да се инфилтрираат во заедниците кои можеби нема да делат цела низа фундаментални десни екстремистички ставови. Како пример, движењата на идентитетот успеаја да допрат до помлада, пообразована популација, покажа извештајот. Некои се поврзани со протести против владините мерки насочени кон сузбивање на пандемијата.

ЕУ не може сама да ја брани Европа од закани од тероризам и Русија

Зголемената јавна свест за климатските и еколошките проблеми влијаеше и врз десничарската пропаганда. На пример, обвинувајќи ја климатската криза за зголемената имиграција и пренаселеноста, еко-фашизмот се обидува да дејствува како мост кон идеологиите засновани врз анти-семитизам и национализам.

Осомничените, поврзани со заедници од различен степен на организација, се се помлади - некои од нив биле малолетни за време на апсењето. Десничарската пропаганда главно се шири на интернет, а платформите за игри се повеќе се користат за ширење екстремистички и терористички наративи. Сторителите на нападите во 2019 година, како оној во Крајстчрч (Нов Зеланд), се поврзани со транснационални виртуелни заедници. Припадниците на таквите заедници беа уапсени и во 2020 година.

Левичарски тероризам: Нови теми во познат наратив

Бројот на левичарски и анархистички терористички напади остана стабилен во 2020 година, додека заканата од нив за јавниот ред и мир е сè уште значителна во многу земји.

Италија пријави 24 од 25-те левичарски и анархистички терористички напади во Европската унија, додека преостанатите напади ги пријави Франција. Нападите биле насочени кон приватни и јавни имоти како што се финансиски институции и владини згради, а бил пријавен и обид за бомбашки напад.

Покрај темите како што се антифашизмот, антирасизмот и перцепцијата на државната репресија, левичарските наративи имаат интегрирано нови, вклучително и скептицизам за технолошкиот и научен развој, ограничувачките мерки за ковид-19 и еколошките проблеми.

Оружје и експлозивни направи „лесни за правење“

Рестриктивните мерки поврзани со пандемијата и затворањето на јавните простори за масовни собири веројатно имаат влијание врз употребата на експлозиви во терористички напади.

Во 2020 година, терористите примарно користеа едноставни средства за напад, како што се ножеви, возила и пожари.

Терористите претежно користат рачно изработени експлозиви, а ширењето на инструкции за правење бомби и нови идеи за правење бомби се намалија до 2020 година. Ова може да ја објасни намалената употреба на пософистицирани импровизирани експлозивни направи. Терористите и екстремистите, исто така, видоа можност во коронавирусот.

Пропагандата на џихадистите и екстремистите од десницата предложија различни начини на употреба на вирусот против различни цели. Сепак, во Европската унија не се пријавени обиди за употреба на вирусот како биооружје.

Терористичка пропаганда преку интернет: Поголема закана

Со зголемената употреба на интернет за време на пандемија, виртуелните заедници стануваат сè поизразени во ширењето на екстремистичката и терористичката пропаганда. Милитантите користеа разни настани за да ја интензивираат својата пропаганда.

Ал Каеда го искористи прашањето за дискриминација во западните општества за да се претстави како алтернатива за заштита на правата на угнетените, додека различни групи користеа полемики за да објават цртани филмови со пророкот Мухамед за да добијат нови поддржувачи и да поттикнат напади. Интернет-заедниците имаат сè поголема улога во ширењето на десниот екстремизам.

Во последниве години, ваквите заедници се обединија околу ставовите на белите врховисти или неонацисти. Интеракциите на овие групи дополнително ги радикализираат членовите со идејата дека опстанокот на нивната расно дефинирана група зависи од уништување на сегашниот систем, заклучува извештајот на Европол.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG