Достапни линкови

БиХ за прв пат со стратегија за борба против десничарскиот екстремизам


Споменик од Втората светска војна во Мостар, на кој се нацртани нацистички и усташки графити

Растот на десничарскиот екстремизам е сериозна закана за безбедноста на Босна и Херцеговина, се вели во Нацрт-стратегијата за борба против тероризмот во БиХ 2021-2026 година. Претходните документи не вклучуваа екстремно десничарски групи како безбедносни закани. Автор на текстот: Мелиха Кешмер

Босна и Херцеговина немала државна стратегија за борба против тероризмот се до крајот на 2020 година кога стапи во сила претходната стратегија. Токму ова беше истакнато како недостаток во борбата против радикализмот и тероризмот, во извештајот на Стејт департментот за 2021 година.

Како да се запрат десничарските, ултраконзервативните и етнонационалистичките закани?

Нацртот на новата стратегија ги наведува ултраконзервативните, етнонационалистичките и десничарските организации и здруженија како една од безбедносните закани, кои можат да бидат поврзани со тероризам или насилен екстремизам што води кон тероризам.

Мајда Халиловиќ од Атлантската иницијатива, организација која го поддржа тимот на институциите на БиХ во подготовката на стратегијата, за Радио Слободна Европа изјави дека новата стратегија обезбедува поширока рамка за борба против тероризмот, препознава и опфаќа различни форми и начини на екстремизам, почитувајќи ја недискриминацијата и стигматизацијата.

„Новата стратегија, исто така, дава зголемено значење на превенцијата и клучните приоритети на превентивните активности на новата стратегија, а вклучуваат и широк опсег на владини и невладини верски безбедносни актери во превентивниот процес“, вели Халиловиќ.

Претходните стратегии го немаа овој карактер. Тие главно се фокусираа на т.н безбедносно-репресивен пристап, вели Халиловиќ.

„Ова е важно за нас, бидејќи тероризмот е чин што го препознаваме и е јасно дефиниран во законот. Сепак, важно е да се препознаат, да се спречат и радикализацијата и насилниот екстремизам кои не мора да доведат до тероризам, туку создаваат можност што придонесува за поларизација и тероризам“, нагласува Халиловиќ.

Достапните податоци покажуваат дека во периодот 2016-2020 година во БиХ бил присутен етнички или национален екстремизам со негативно влијание врз безбедносната средина. Процесите поврзани со подемот на етно-националниот радикализам, често поврзани со религиозни наративи и симболика, како и порастот на десничарските и евроскептичните сили и движења во Европа, се забележани како сериозна закана, не само за БиХ, туку и во регионите.

Се издвојуваат активностите на навивачките групи во одредени спортски и други јавни настани кои би можеле да бидат злоупотребени од радикални групи. Одредени навивачки групи блиски до ултрадесничарските групи и движења се исто така идентификувани како закана, што влијае на дестабилизација на безбедноста.

„Важно е да се признае дека екстремно десничарскиот екстремизам носи раздор, говор на омраза и ги поткопува демократските вредности бидејќи повикува на насилство. Важно беше да се санкционира и признае“, рече Халиловиќ за РСЕ.

Според документот, во БиХ не е извршено кривично дело кое може да се класифицира како тероризам од 2016 година, но не е исклучена можноста БиХ да биде основа за подготовка или извршување на терористички акт, со оглед на сложеноста тенденциите во врска со тероризмот.

Повратниците од странски боишта остануваат безбедносен предизвик

Босна и Херцеговина успешно се соочи со предизвикот на првото организирано враќање на граѓаните од Сирија во декември 2019 година, се вели во документот. Тогаш од Сирија во БиХ беа вратени 25 државјани на БиХ, кои се наоѓаа во кампови или затвори во делот од земјата под контрола на курдските сили, а кои претходно живееја на територијата на т.н. Исламска Држава. Тие беа уапсени или предадени на Курдите по ослободувањето на последното упориште на „Исламска држава“, во февруари и март 2019 година.

Репатријацијата на шест жени и 12 деца и гонењето на седум мажи, кои беа вратени во декември 2019 година, беа оценети како успешни, но процесот на реинтеграција и ресоцијализација се уште трае.

Во документот се наведува и дека безбедносните показатели во изминатиот период се поврзани со заминувањето и престојот на граѓаните на БиХ на украинското боиште во 2014 година, нивното учество во вооружени конфликти, враќањето од странски боишта, откривањето на можни безбедносно-интересни активности на повратниците.

Во БиХ, пред Судот на БиХ досега се осудени 46 лица за регрутирање и поттикнување тероризам и организирање терористички групи, одење на странски боишта, обид за одење на странски боишта, престој на странски боишта, финансирање терористички активности, обука и какви било активности во терористички организации.
Едно лице беше обвинето затоа што отишло во Украина и било обвинето дека се борело на страната на проруските сепаратисти, но подоцна е ослободено.

Последиците од пандемијата со ковид 19 влијаат на безбедноста

Преку создавање негативно економско и социјално опкружување кое го зголемува незадоволството на граѓаните и ја проширува потенцијалната основа за различни деструктивни, па дури и криминални активности, последиците предизвикани од пандемијата со ковид 19 индиректно влијаат на безбедносната состојба, се вели во документот.
Кога станува збор за БиХ за време на пандемијата, не се собрани никакви информации кои би можеле да ја поврзат пандемијата со можни терористички активности.

Во рамките на групите кои припаѓаат на радикалниот и екстремистичкиот идеолошки спектар во БиХ не се забележани нови и различни трендови отколку што биле во периодот пред избувнувањето на пандемијата.
Ултраконзервативните религиозни групи ги намалуваат активностите?
Во периодот од 2018 и 2020 година е забележана намалена активност на лица од ултраконзервативни верски структури од територијата на БиХ кои би биле интересни за безбедносните служби.

Сепак, во оваа категорија сè уште е присутно нивното вербално противење на уставниот и правниот поредок на БиХ, демократијата, Исламската заедница во БиХ, традиционалните верски определби и модалитетите на однесување.

Мал број од најрадикалните меѓу нив, во своите говори, вербално или преку Интернет и социјалните мрежи, изразија и позитивни ставови за идеологијата што ја промовира „Исламска држава“.

Сепак, во документот се наведува дека ваквите активности се плодна почва за радикализација што може да доведе до насилен екстремизам и тероризам.

Злоупотреба на Интернет и социјалните мрежи

Екстремните радикални структури во БиХ целосно го препознаа огромниот потенцијал, големата предност и придобивка од онлајн просторот, бидејќи обезбедуваат максимални перформанси со минимални трошоци, со мало техничко знаење и без многу користење на сопствените ресурси.
Освен за комуникација и пропагирање на радикални идеологии, некои социјални мрежи се повеќе се користат за собирање и размена на податоци и информации за собирање средства, регрутирање, мобилизирање и обука на нови членови, како и за вмрежување и поврзување едни со други, се вели во документот.

Кога станува збор за финансирањето на тероризмот, секторот што најмногу се злоупотребува е банкарскиот сектор, Western Union и секторот за недвижнини - продажба на сопствениот имот, во смисла на заминување на странски терористички борци на странски боишта.
Стратегијата, исто така, го препозна прашањето на миграцијата како можно безбедносно прашање, особено во однос на користењето на мигрантските текови за придвижување на потенцијалните терористи.

„Акцискиот план што ќе ја придружува стратегијата предвидува поширока работа, односно работа во центрите за социјална работа, училиштата во соработка со невладините организации. Предвидено е и зајакнување на одговорот на делата од омраза и говорот на омраза“, додаде Халиловиќ.

Стратегијата ја препознава и родовата компонента и нејзината важност во спречувањето на тероризмот и насилниот екстремизам. Стратегијата ги зема предвид повредите на човековите права на жените, родовото насилство врз жените и децата извршено или повикано од терористички и насилни екстремистички групи.

Нацрт-стратегијата беше доставена до меѓународните организации, амбасадите, верските заедници, невладиниот сектор и беше консултирана со цел да се подобри документот и всушност да се добијат различни перспективи кои може да бидат важни за стратегијата, изјави Халиловиќ за РСЕ.

Документот, подготвен од работна група експерти назначена од Советот на министри на Босна и Херцеговина (БиХ), беше објавен на веб-страницата Е-konsultacije, платформата на Министерството за правда за јавни консултации за правни документи.

По консултациите и усогласување со конечниот текст, документот треба да биде испратен на конечна потврда до Советот на министри.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG