Достапни линкови

Ѓаволот се крие во деталите: обидот на Украина за членство во НАТО


Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Не очекувајте дека Украина ќе се приклучи на воениот сојуз многу брзо, како што вети претседателот Володимир Зеленски при поднесувањето на кандидатурата за „забрзано“ членство во НАТО. Не очекувајте многу за ова прашање, оти секое придвижување напред секако ќе бара консензус, пишува во својот блог дописникот од Брисел за РСЕ, Рикард Јозвијак

Потегот на Украина да поднесе барање за членство во НАТО во петокот беше дочекан со големо изненадување во Брисел. Многу малку претпоставуваа дека тоа ќе се случи и иако таму има многу симпатии за Киев, не очекувајте дека земјата ќе се приклучи на воениот сојуз „забрзано“ како што вети претседателот Володимир Зеленски кога го објави последниот потег. Всушност, не очекувајте многу за ова прашање во скоро време.

Најчестото читање што го слушам кога разговарам со претставници на НАТО е тајмингот на објавата на Зеленски - само неколку часа по големото шоу на Владимир Путин во Москва, во кое рускиот лидер ја потврди намерата да анектира дополнителна украинска територија и уште еднаш му се закани на Западот со нуклеарна војна.

„На Зеленски му требаше нешто за да му ја украде славата на Путин“, ми рече еден функционер и судејќи според медиумското покривање, тој успеа да ги натера луѓето да зборуваат за нешто друго, а не само за последниот потег на Кремљ. Разговорот, сепак, веројатно нема да трае толку долго.

Тоа, исто така, ме потсети на уште еден потег што Киев го направи претходно во војната: поривот од Западот да создаде и да спроведе зона на нелетање над Украина.

Неколку дена, украинските власти се залагаа за тоа, а експертите дебатираа за добрите и лошите страни на тоа. Но, практично неможноста за тоа значеше дека целиот муабет наскоро згасна и за тоа не се зборува сериозно од почетокот на март.

Путин ја формализира анексијата, Зеленски аплицира за НАТО
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:11 0:00

Истата судбина најверојатно ќе ја снајде и украинската кандидатура за членство во НАТО и од истата причина: Западот, претставен од НАТО овде, не сака на кој било начин да биде вовлечен во овој конфликт. За да разберете зошто, не гледајте подалеку од прес-конференцијата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Брисел подоцна истиот ден.

Да, тој рече на прашањето за кандидатурата на Украина за НАТО дека „секоја демократија во Европа има право да аплицира за членство во НАТО, а сојузниците во НАТО го почитуваат тоа право. И ние постојано изјавивме дека вратата на НАТО останува отворена“.

Тоа во суштина беше линијата на НАТО да ја преземе Украина (како и другите земји аспиранти за НАТО, како што се Босна и Херцеговина и Грузија) уште откако беше одлучено на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година дека еден ден е добредојдена да се приклучи во клубот. Ништо не се смени. Но, она што е поважно од таа прес-конференција беа уште две реченици кои Столтенберг ги кажа.

Првиот беше „НАТО не е страна во конфликтот“. Токму таа реплика ја повтори уште два пати во текот на своите 18 минути пред новинарите. НАТО е подготвен да ја брани секоја педа од својата територија, а членките на Алијансата сè уште се многу заинтересирани да му помогнат на Киев со оружје и муниција да ја порази Русија.

Но, не очекувајте НАТО да помогне на кој било друг начин. Воената конфронтација со Москва е нешто што треба да се избегне без разлика на се. Значи, се додека има руско присуство на украинска територија, целата идеја Украина уште повеќе да се приближи до членството е прилично спорна. А истото важи и за Грузија и нејзините замрзнати конфликти.

Втората реченица што ја кажа Столтенберг што го прави потенцијалниот влез на Украина уште пошпекулативен беше оваа:

„Го поддржуваме правото на Украина да го избере својот пат, да одлучи во какви безбедносни аранжмани сака да биде дел. Потоа, одлуката за членство, се разбира, мора да биде донесена од сите 30 сојузници и ние ги носиме овие одлуки со консензус“.

Потребата од консензус е вистинскиот убиец на украинските надежи. И тоа ќе го продолжи чекањето колку и да турка Киев. Не гледајте подалеку од Финска и Шведска овде. Нивните кандидатури за НАТО беа целосно поздравени кога се пријавија во мај оваа година. Тоа беше целисходен процес, исто како оној што го бара Зеленски со некои чекори прескокнати или многу брзо одлучени.

А некое време дури се зборуваше за приклучување на нордискиот пар на крајот на летото. Сега сме во октомври и нема знаци на зелено светло на турскиот парламент или претседателот додека Стокхолм не ги направи потребните отстапки. И згора на тоа, унгарските пратеници, исто така, сè уште не брзаат да гласаат за.

Плановите за членство на Украина беа одобрени од 9 претседатели на земји од Централна и Источна Европа и во продолжение, потенцијално може да има уште неколку симпатизери во зависност од тоа како ќе се одвиваат воените напори и како ќе се менува геополитичката пејзаж во Европа во наредните месеци. Но, сè уште сме далеку од консензусот од 30 (32 кога конечно ќе се приклучат Финска и Шведска).

Она што може да се промени е тоа што НАТО го ажурира начинот на кој постапува со земјите аспиранти. Досега, тоа беше направено преку Акциониот план за членство (Мembership Аction plan-MAP) - еден вид претпристапна програма на НАТО за совети, помош и практична поддршка прилагодена за потенцијална членка, иако МАП автоматски не подразбира идно членство во НАТО.

Финска и Шведска целосно ја прескокнаа оваа фаза, додека Босна и Херцеговина има една од 2010 година и сè уште не се придвижила премногу напред. И за Украина и за Грузија, дури и добивањето МАП досега се покажа недостижно.

За претстојниот самит на НАТО во Вилнус, закажан за летото 2023 година, може да се случи МАП да им се даде на Киев или Тбилиси - или и на двете. Но, МАП стана политички чувствителен збор во круговите на НАТО, особено кога се споменува заедно со источните аспиранти. Можеби тоа би можело да биде „МАП во целина, но не и самото име“, нешто што може да биде прикриено како „патоказ“ или „консултации за членство“?

Во секој случај, секое придвижување напред секако ќе бара консензус, а исто едногласност е потребно и за следните чекори – потпишување на пристапен протокол и негова ратификација.

Најдобрата работа за Украина кога станува збор за нејзината кандидатура за членство во НАТО е дека многу работи ќе се променат на подобро и на бојното поле и во политичките салони низ Алијансата во наредните девет месеци пред следниот самит.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG