Достапни линкови

Владата ги повлече „диктаторските“ ограничувања на протести


Архивска фотографија- Антивладин протест во Скопје

Преку протести оваа влада дојде на власт, а сега сака да го ограничи тоа право, се реакциите во дел од јавноста по предложените рестрикции на јавни собири чиј предлагач е МВР. Владата реагираше и го повлече предлогот, а премиерот Зоран Заев најавува дека измените ќе бидат во согласност со меѓународните практики.

По една ноќ жестоки реакции за предложените рестриктивни измени на законот за јавните собири владата претпладнето го повлече предлогот. Во владиното соопштение се наведува дека ги слушнале забелешките на граѓанските организации и одлучиле да ги повлечат предлог-измените за да се обезбеди поширока консултација.

„Владата смета дека има простор за разговори и за подобрување на содржината со цел овозможување слобода на изразување на став на јавни простори низ јасно утврдени регулативи и исклучиво во согласност со Уставот на РСМ“, се наведува во владиното соопштение.

Ги слушнавме граѓаните, а сега ќе ги видиме и меѓународните пракси и демократиите како тоа го прават, рече премиерот Зоран Заев.

„Се борев заедно со огромен процент од граѓаните за слобода и демократија. Слободата и демократијата се врвни придобивки на ова општество, од нив отстапки нема“, рече Заев.

Што предвидуваа измените?

Со предлог измените на Законот за јавни собири кој министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го испратил во Собранието минатиот месец се забрануваше да се одржуваат јавни собири пред странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив. Покрај ова се предлагаше и минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе, а луѓето кои присуствуваат на јавниот собир да не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет. Се одредуваше и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.

Изненадена и фрапирана од предлог измените се зборовите што ги употреби Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права. За Радио Слободна Европа таа вели дека такви рестрикции и ограничувања на правото на јавни собири се типични само за земји во кои владее диктатура.

„Ваквите измени претставуваат навистина удар за човековите права и слободи, а претставуваат удар и за правото на говор и изразување на мислата бидејќи правото на здружување и на мирен собир е дел од тие фундаментални права. Да не заборавиме дека токму преку протести ние успеавме да се ослободиме од режимот на претходната власт и оваа власт ја презема власта со протести“, вели Пировска.

Жестоки реакции

Во сличен контекст се и реакциите на многумина, дел од нив самите учесници во Шарената револуција на која се приклучија како тогашни опозиционери сегашните функционери од СДСМ.

„Оние кои дојдоа на власт со протести (пред влада, со кампување преку ноќ) со закана да го укинат уставно загарантираното право на протест“, напиша писателката Румена Бужаровска на социјалната мрежа Фејсбук.

Поранешниот пратеник од владејачкото мнозинство, кој се сметаше за едно од главните лица на Шарената револуција, Павле Богоевски пак напиша дека законот треба да претрпи големи измени, но во целосно спротивна насока.

„Прагот од минимум 20 лица треба да се спушти, просторните ограничувања да се ревидираат и прецизираат и организаторите не смеат да бидат кривично одрговорни за однесувањето на секое лице на протестот - иако може да се бара од нив да ги преземат потребните мерки за обезбедување на ЈРМ, како што е редарска служба. И не смееме ниту да размислуваме да забраниме учество на лица со маски или облека што спречува или отежнува идентификација“, напиша Богоевски.

Инаку за време на протестите додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт сегашниот премиер Зоран Заев лично фрлаше боја кон орган на државната власт - Министерството за правда, а актуелниот министер Спасовски го пробиваше полицискиот кордон за насобраните да стигнат до друг орган на државната власт - Министерството за финансии.

СДСМ како опозициска партија за време на протестите речиси секојдневно ја обвинуваше ВМРО-ДПМНЕ загушење на правото на протести и укажуваше дека тоа е неприкосновено право, загарантирано со Устав.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG