Достапни линкови

Велешките сајтови повторно актуелни пред изборите во САД


Еден од сајтовите раководен од лице од Велес

Нема тука лажни вести, туку само ре-постирање од меинстрим медиумите, изјави адвокатот Трајче Арсов, еден од сопствениците на сајтови насочени кон конзервативната публика во САД.

Пред одржувањето на претседателските избори во САД како и во минатото, така и денес Велес е повторно актуелен како центар од каде се раководат интернет сајтови насочени кон конзервативната американска публика. Некои, по американските избори во 2016 година престанаа да функционираат, односно повеќе да не објавуваат нови содржини, а во меѓувреме се појавија и нови сајтови.

Нивната мисија, како што стои во описот на еден од овие сајтови, е да известуваат за вестите кои мејнстрим медиумите не ги пренесуваат. Во духот на нивните вести се и нивните имиња како „Отпор кон мејнстримот“, „Конзервативни засекогаш“ или „Конзервативни борци“, односно „Resistthemainstream.com“, „Conservativeforever.com“ и „Conservativefighters.org“.

Иако луѓето зад овие сајтови се обиделе да го сокријат својот идентитет со отворање на мејлови во САД, организацијата „Партнерство за изборен интегритет“, открила дека тие потекнуваат од македонскиот град Велес и дека тие копираат содржини од други американски сајтови, а целта им е финансиска корист. Според организацијата, тие сега ја користат социјалната мрежа „Парлер“,која важи за десничарско ориентирана платформа и која во САД има стотици илјади корисници за да добиваат значителен сообраќај на нивните интернет страници.

РСЕ се обиде да стапи во контакт со нив, но не доби одговор.

Една од интернет страниците раководена од лице од Велес
Една од интернет страниците раководена од лице од Велес

Но, овој пат за разлика од пред неколку години сега само се тврди дека сајтовите преземаат и копираат вести, а не и дека креираат лажни вести или дезинформации како што беше случајот во 2016 година за време на тогашните претседателски избори во САД што предивика бура од реакции во јавноста.

За темата пишувавме и пред 4 години кога дел од сопствениците на вакви сајтови сведочеа дека немаат никаква политичка позадина, туку го работат тоа затоа што им носи пари.

Трајче Арсов кој работи како адвокат во Скопје пред неколку години беше посочен како човекот кој ги „измисли“ велешките сајтови. Неговата интеренет страница USApoliticstoday.org постои од 2015, а функционира до денес. Секојдневно на неа се објавува по некоја вест поврзана со американската политика. Според него, сега повторно се актуелизира темата со таканаречените велешки сајтови за да се фрли сомнеж врз американските избори, иако тоа, како што посочува, не е им е намерата.

„Она што е интересно, е дека постојано се доведува под прашање и јавноста да се запрашува, е дека сега нешто Велешани се спремаат за изборите. Тоа не е точно. Никој од сајтовите коишто ги креирал и порано и сега не се поради изборите во Америка. Тоа се затоа што виделе некој финансиски интерес. Овие сајтови за кои што се зборува сега потекнуваат од 2018 година“, вели Арсов.

Апсурно е да се обвинуваат само Македонците и нивните сајтови дека се мешаат во изборите, додава Арсов во разговорот за РСЕ, бидејќи во тој случај, според него, треба да се обвинат и другите медиуми кои известуваат за САД, а потекнуваат од други држави. Сега за разлика од минатото, како што посочува, се признава дека не се работи за лажни вести, туку дека се реобјавуват содржини.

„Тоа се случуваше и во 2016 година кога сите репостираа постови од артикли креирани во мејнстрим медиумите, особено конзервативните. Сите тогаш пуштија вести дека во Велес се креираат лажни вести. Прво никој до Велес не ја знае реалната политика во Америка за да креира лажна политика или вести. Испаѓа дека Американците се со сеќавање како риба и не знаат што се пишувало во 2016 година дека тука имало лажни вести. Сега тука нема лажни вести, имало само финансиски интерес со репостирање на туѓи вести. Ние до ден денеска си останавме зацрнети дека во Велес се креирале лажни вести што е апсурдно и неточно и е лага“, смета Арсов.

Интернет сајтот „Conservativeforever.com“ на пример, според податоците на „Партнерство за изборен интегритет“ е регистриран во 2017 година.
Една од вестите на овие сајтови е дека противкандидатот на американскиот пртеседател Доналд Трамп на изборите, Џо Бајден носел таен уред за слушање за време на првата претседателска дебата со Трамп, а приложена е и фотографија.

Друга вест е дека новинарката Савана Гатри била цел на остри осуди на социјалните мрежи поради нејзиното непријателско однесување кон Трамп за време на настан во градското собрание кој се одржа наместо дебатата на претседателските кандидати која беше откажана.

Доколу евентуално се утврди дека некој од овие сајтови шири лажни вести или дезинформации тоа не е санкционирано во нашиот Кривичен законик. Од Јавното обвинителството кратко велат дека не постои такво кривично дело за кое евентуално би постапувале по службена должност.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека лажните вести и дезинформациите постојат отсекогаш, но со интернетот и социјалните медиуми информацијата патува низ целиот свет во неколку секунди. Тоа според него, е голема предност, но и ризик, доколку не се интервенира веднаш може да создадат забуна и да влијаат врз одредени процеси. Но, според него, социјалните мрежи од 2016 преземаат многу поголеми мерки за спречување на ширењето на лажните вести.

„Кога доаѓаме до копи-пејст и до ширењето на таквите информации, многу е важно во делот на лажните вести да се најде изворот. Значи првично да го спречите оној што е изворот на лажаната вест или почетокот на синџирот. Што се однесува до Македонија или до Велес генерално колку е посиромашна земја и колку повеќе има потреба кај младите луѓе за заработувачка, особено брзата побарувачка, толку сме поранливи. Истовремено ако ги додадеме и статистиките кои за жал не сместуваат во делот на медиумската, но и дигиталната писменост многу долу, мислам дека е потребна една поширока алка, од тоа само да таргетираме или осудуваме, туку да направиме една целосна стратегија како да понудиме подобри начини за заработка, особено на младите, бидејќи интернетот нуди многу начини на легална заработка“, вели Кордалов.

Сајтот на Арсов функционира секојдневно во изминатите 5 години и како што вели тој работи професионално. Од досега објавени 15 илјади содржини може, според него, да се најдат неколку што се сомнителни и со теории на заговор, кои биле преземени и било доволно за тој да биде окарактеризиран дека шири лажни вести и се меша во изборите во интрес на Трамп. Арсов посочува дека неколку спорни содржини може да се најдат во речиси секој медиум, а сајтовите се насочени кон конзервативната публика, бидејќи такви недостасуваат на американскиот медиумски пазар.

„Мое мислење е дека целиот медиумски простор, зборувам за пишуваните медиуми и тв медиумите кои се најатрактивни, најактуелни и највлијателни во Америка се всушност поддржувачи на либералите, односно демократите. Тоа не значи дека не постои население кое има конзервативни погледи и е приврзаник на такви погледи. Меѓутоа, таа публика единствено место каде што може да се информира е Фоксњуз, која е кабловска телевизија. Тогаш најлогично и најнормално е да се развиваат сајтови со конзервативна содржина затоа што токму публиката која има потреба да чита такви содржини тоа го бара, меѓутоа не може да го најде на телевизија и се префрла на интернет“, додава Арсовски.

Противкандидатката на Трамп на претходните избори, Хилари Клинтон, ги обвини велешките сајтови за лажни вести за изборниот пораз. Таа алудираше дека зад сајтовите стои Русија. Специјалниот обвинител Роберт Мулер го истражуваше руското влијание и мешање во изборите во 2016 година, а лани и објави извештај за неговите сознанија.

Американскиот јавен обвинител Вилијам Бар изјави дека истрагата на Милер нашла докази дека Русија се обидела да влијае врз американските претседателски избори во 2016 година, но дека не биле најдени докази дека Трамп или членови на неговиот тим соработувале со Русите.

Арсов не исклучува дека можеби во 2016 година влијаеле на некој начин врз гласачите за зголемување на рејтингот на Трамп, бидејќи во тој период имало многу сајтови со конзервативна содржина. Но, сега, е поразлично, бидејќи како што порачува тој, Трамп на оваа изборна кампања има поголем рејтинг од пред 4 години.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG