Достапни линкови

Велешката врска со фејсбук страницата „Ветераните за Трамп“


илустрација

Адвокатот Трајче Арсов за РСЕ изјави дека фејсбук страницата „Ветераните за Трамп“ ја купил неговиот брат Пане Арсов во јуни годинава, само од економски причини.

Не е точно дека сум ја хакирал страницата на фејсбук „Ветераните за Трамп”, тврди адвокатот Трајче Арсов за кој дел од медиумите објавија дека е вмешан во приказната на преземање на конкретната страница преку измама.

„Не само што не сум ја хакирал, туку јас немам ништо со таа страница“, вели адвокатот Арсов и додава дека всушност неговиот брат Пане Арсов е тој кој во јуни 2019 година ја купил оваа фејсбук страница по законски пат.

„Законски ја купи. Во моментот на купување, тој се легитимираше како сопственик и тоа го утврдив со увид во тие коишто ја администрираат таа страница. Во март била преземена од некој дечко од Куманово извесен Андреј Спасовски. Јас не им ги знам релациите и не знам кој е тој. Брат ми ја купи од сосема друго физичко лице кое не е од Македонија. Дали тој Андреј му ја продал на тој или во меѓувреме му ја превзеле и му ја вратиле назад, не знам“, вели Арсов.

Весникот Вашингтон пост пак, деновиве објави текст во кој пишува дека фејсбук страницата „Ветераните за Трамп”, каде што поранешните претставници на армиските служби го советуваа и дебатираа со американскиот ретседател Доналд Трамп, од март годинава е „киднапирана од еден бизнисмен од Северна Македонија. Но, за ова подоле во текстот.

Според изјавата на адвокатот Арсов, оваа страница била во сопственост на Пане само два месеца, односно до август годинава, кога фејсбук му ја превзеле и ја вратиле на првичните креатори на оваа страница.

Во тие два месеца Пане не објавувал текстови, туку само мемиња, уверува неговиот брат.

„Фејсбук не ги знае фактите дали во меѓувреме имало купопродажба, дали имало легално или нелегално плаќање, фејсбук им ја враќа на оние коишто ја креирале“, објаснува Арсов.

Мотивот за купување на вакви страници е само економски, односно како водење бизнис маркетинг, вели Трајче Арсов кој пак од Истражувачката мрежа за организиран криминал и корупција беше посочен како човекот кој ги „измисли“ велешките сајтови за лажни вести. Од 2015 година па до денеска тој е сопственик на страницата USApoliticstoday.org преку која се објавуваат текстови во кои се застапени ставовите на конзервативците, вклучително и на актуелниот претседател Трамп.

Арсов уверува дека неговиот сајт работи професионално и не се занимава со лажни вести, туку објавувал авторски содржини на англиски јазик и токму поради тоа вработувал автори од САД и од Велика Британија, а дел од содржините биле преземени од други американски конзервативни сајтови.

Сепак на посочената веб страница, нема импресум каде што можат да се видат имињата на авторите и соработници за кои зборува Арсов.

„Се рашири лажна фама дека во Велес се креираат лажни вести, што не е точно. Во Велес се крадеа вести од американски сајтови. Значи правеа копи-пејст на тие вести и ги претставуваат како свои“, вели Арсов за Радио Слободна Европа.

Во моментот Арсов вели дека тој и неговиот брат се сопственици само на веб страницата USApoliticstoday.org, а не и на други фејсбук страници.

Вашингтон пост: Велешката група не мирува, ја „киднапирале“ страницата „Ветераните за Трамп“

Весникот „Вашингтон пост“ деновиве објави дека фејсбук страницата „Ветераните за Трамп”, каде што поранешните претставници на армиските служби го советуваа и дебатираа со американскиот ретседател Доналд Трамп, од март годинава е „киднапирана од еден бизнисмен од Северна Македонија“.

„Преземањето на фејсбук страницата на американските ветерани почнува со навидум наивна понуда која пристига до администраторите и сопствениците на групата, и самите ветерани, а доаѓа од лице кое се претставува како Андреј Спасовски и им нуди да им генерира профит преку нивната страница со тоа што ќе му дозволат да постира реклами. Ветува профит од десетици илјади долари годишно, а сето тоа преку нивната компанија „Ад Брејк“. Ветерантие наивно го прифаќаат договорот, за подоцна да сфатат дека се измамени. Тие им даваат административна моќ на лажните соработници за подоцна да сфатат дека се измамени кога го губат својот админ пристап до страницата. Тогаш сфаќаат дека таа повеќе едноставно не е нивна. Додека бараат одговори и се борат со администрацијата на Фејсбук да си ја повратат страницата, ветераните откриваат дека компанијата „Ад Брејк“, всушност, е регистрирана во Куманово, Северна Македонија. Тие до Фејсбук пријавиле непријателско преземање од странски ентитет“, објави „Вашингтон пост.

Како што пишува весникот во приказната е вмешан братот на адвокатот од Велес, Трајче Арсов, за којшто ИРЛ и партнерите од Проектот за известување за организиран криминал и корупција и „Базфид“ објавија дека е вистинскиот сопственик на најпуларниот веб сајт од т.н. наречената велешка фабрика за лажни вести.

„Сагата со фејсбук групата Ветераните за Трамп e студиски случај за тоа како дезинформаците и политичкиот активизам можат да се помешаат и како линијата помеѓу домашната и странската пропаганда може да се помати во онлајн светот каде што профилите на социјалните мрежи можат да бидат купувани, продавани, дури и хакнати. Борбата со дезинформациите би можела да стане уште потешка пред изборите бидејќи Фејсбук ги проширува своите приватни „групи“, кои се помалку транспарентни од „страниците“, како што се Ветс за Трамп. “Вашингтон Пост” пишува за опасноста која следи на следните претседателски избори во 2020,”.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG