Достапни линкови

Функционерите корона не ги бие, може да одат и во странство


Човек вежба на плажа во Грција на 28 април

Функционерите ќе може да патуваат во странство и кога ќе се вратат нема да мора да седат во задолжителен 14-дневен карантин. Граѓаните се сомневаат дека си донесоа одлука за да одат на море. Други, пак, иронизираат дека од функцционерите и коронавирусот бега.

Владината одлука функционерите да може да одат на службени патувања во странство без да седат во задолжителниот карантин од 14 дена предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи.

Граѓаните зајадливо коментираат дека од функционерите бега дури и коронавирусот, други цинично забележуваат дека веројатно сината функционерска крв е отпорна на болести за разлика од онаа на обичните смртници. Некои потсетуваат на сатиричната новела на Џорџ Орвел, Животинска фарма, па велат дека сите животно се еднакви, но некои се поеднакви од другите.

Дел од граѓаните се сомневаат дека функционерите може да ја злоупотребат одлуката за да си одат на одмор.

На други, пак, одлуката им замирисува на тврд комунизам.

Трети, пак, иронизираат дека во партизирано општество како македонското, на партиските војници ќе им биде чест да се заразат од функционер.

Градоначалниците на Скопје и на Општина Центар, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, во меѓувреме се пофалија со уредувањето на делот од плоштадот од Порта Македонија до влезот во ГТЦ. Просторот е поплочен, поставени се клупи, канделабри и насадени се дрвја. Парцелата на која требаше да се градат „Шпанските скали“ од проектот 2014 е претворена во тревник, а со оглед на тоа што се уште се работи за приватна парцела, градските власти немаат право да ја уредуваат, па Шилегов рече дека тревата ја платиле „анонимни граѓани“. Тој побара од надлежните институции и Јавното обвинителство да ја поништат продажбата на земјиштето и тоа да се врати во сопственост на град Скопје.

Токму сумата од над половина милион евра за уредувањето на просторот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Градските власти велат дека толку чини целиот проект, но критичарите обвинуваат дека една ливада е платена 500 илјади евра, други бараат да се постават голчиња за мал фудбал, а трети да се посади јонџа за да може да пасат овци.

Граѓани на социјалните мрежи се организираат да протестираат против коронавирусот. И што? Коронавирусот ќе се уплаши од нивниот протест или ќе побараат средба со директорот на коронавирусот за да направат спогодба, коментираат други граѓани на социјалните мрежи. Други предлагаат, ако коронавирусот може да се реши со протест, тогаш да се протестира и против други болести.

Одамна во Македонија немало контрапротести. Велат македонското општество е толку поделено што и ако Македонец игра тенис против ѕид, половина ќе навиваат за ѕидот. Веројатно ќе може да се најдат и поддржувачи на коронавирусот.

Во меѓувреме, целата политичка ситуација во земјава се врти околу тоа дали и кога ќе има избори.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG