Достапни линкови

Во очекување на вакцините, стекнуваме природен колективен имунитет


илустрација
илустрација

И додека во повеќето западноевропски земји, но и оние од соседството процесот на имунизација на населението од корона вирус е во тек, Македонија се уште ги чека ветените дози од течноста која треба да и стави крај на пандемијата и да ја врати надежта дека повторно нормално ќе живееме.

Првите дози вакцини од компанијата „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот треба да пристигнат во земјава веќе следниот месец, а надлежните уверуваат дека здравствениот систем е подготвен за вакцинација. Оттаму додаваат дека вакцините преку системот за солидарност не се стигнати се уште бидејќи земјите кои требало да ни дадат од своите вакцини не ја добиле нарачаната количина. Според најавите, Македонија треба да добие вакцини од Австрија, Полска, Бугарија, Грција, Србија. Во тек е и постапката на потпишување договор за 800.000 вакцини од „Фајзер“, кои ќе пристигнат во земјава во текот на оваа година и ќе бидат доволни за 400 000 граѓани.

Граѓаните нема да можат да бираат која вакцина ќе ја примаат, но здравствените власти уверуваат дека сите вакцини ќе бидат безбедни и проверени.

„Сите вакцини коишто ќе ги донесеме во нашата земја ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни за апликација. Така да не гледам никаква разлика помеѓу вакцините кои ги очекуваме да стигнат и во таа смисла согласно планот за дистрибуција ќе биде направен планот за апликација“, изјави деновиве министерот Филипче.

Во меѓувреме властите подготвуваат едукативни кампањи за важноста на имунизацијата. Министерството за здравство заедно со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ развива комуникациска стратегија и кампања за вакцинацијата за ковид- 19 која, како што велат од МЗ, има за цел споделување на точни и навремени информации околу вакцините и вакцинацијата, како и подигнување на свеста кај населението за значаење на вакцинацијата против ковид-19 во борбата против вирусот. Од Министерството велат дека со точни и релевантни информации, навремено ќе ја информира јавноста околу процесот на вакцинација.

Вакцински национализам
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:14 0:00

Се чини дека кампањата за подигање на важноста за вакцините е многу потребна бидејќи повеќе од половината анкетирани во Северна Македонија веруваат во теории на заговор во однос на коронавирусот и исто толку одбиваат да се вакцинираат против ковид-19. Истражувањето на јавното мислење во земјите од Западниот Балкан, кое пред еден месец го објави мрежата БИПАГ (Balkans in Europe Policy Advisory Group) покажало дека во земјава над 40 отсто од испитаниците одговориле дека „со сигурност“ нема да се вакцинираат, додека уште над 10 проценти рекле дека „веројатно нема“ да се вакцинираат. Околу 15 отсто рекле дека со сигурност ќе се вакцинираат, 20 отсто дека „веројатно“ ќе се вакцинираат и 10 проценти од анкетираните се уште не одлучиле што ќе прават.

И додека некои анкети за тоа колкав процент од граѓаните планираат да се вакцинираат покажуваат речиси изедначен сооднос меѓу оние кои ќе ја примаат и тие кои нема да се вакцинираат, младите немаат дилема дека вакцините се првиот чекор кон враќање во нормалниот живот.

„КОВИД-19 може да остави сериозни и животнозагрозувачки последици, а никој од нас не знае каков ќе биде исходот од болеста доколку заболи, па како резултат на тоа ја потенцирам важноста на вакцинацијата за да бидеме одговорни кон нашето здравје, а воедно и кон јавното здравје, вели Тамара Таневска студентка на Медицинскиот Факултет.

„Секако дека ќе се вакцинирам, постојат повеќе видови на вакцини развиени од повеќе компании, сите одобрени од легитимни научни и регуалторни тела. Ако сакаме оваа пандемија да заврши, единствениот чекор и лек за ова е вакцината“, вели Лука Павиќевиќ, член на Сојузот на средношколци.

„Сметам дека вакцинирањето е во најмала мера минимумот која секоја индивидуа може да го пружи кон општетството и со тоа да го максимизира задоволството и среќата, а ада го минимизира страдањето“, вели студентот Мартин Тошевски.

„Да, јас ќе се вакцинирам против корона вирусот затоа што вакцната е најбрзиот и најефикасен начин за стекнување заштита односно имунитет против одреден вирус“, ни изјави студентот Стефан Митиќ.

Претседателката на Националниот комитет за имунизација, професорката Александра Грозданова во интервју за Радио Слободна Европа неодамна посочи дека вакцинирањето ќе оди етапно и според тоа ќе се одредува кој кога ќе се вакцинира, според приливот на вакцините.

„Со Ковакс механизмот нашата држава обезбедува иницијално , само во првиот момент количини за 20 проценти од популацијата. Во однос на персоналот согласно анализите што ги правиме дали ќе биде потребно да се вклучат и други наши колеги во процесот на имунизација, но треба да имаме в предвид дека самиот процес нема да се одвива во еден наврат. Овие 400 илјади количина нема да ги добиеме одденаш туку тоа ќе биде со одредена динамика и токму врз база на тој дефиниран план на активности ќе се прави и прераспределба на вакцините и ангажирање на колеги,“ изјави Грозданова.

Грозданова додава дека приоритет ќе се вакцинираат сите здравствени работници кои работат во ковид центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни. Таа истакнува дека една од теориите е дека „работоспособното население треба побрзо да биде вратено во функција, преку вакцинација, односно да се заштити. Но, сепак, од етички и научен аспект се заштитуваат првенствено оние кои се најранлива група, а тоа се хронично болните, и пациентите и популацијата над 65 години.

Стручната јавност проценува дека планираните количини вакцина за земјава би требало да бидат доволни за стекнување на колективен имунитет, а со тоа и за справување со епидемијата.

„Би требало да биде доволно, да. Сега се крстиме во тој т-клеточен имунитет, но да разграничиме дека не сите кои ја прележале болеста имаат таков имунитет бидејќи голем дел од нив не биле ни инфицирани, така да, не значи дека тој што бил позитивен не треба да се вакцинира. Донекаде значи дека е имун, но можеби била мала количината на вирусот која ја примил, така да и на тоа треба да се внимава“, вели доктор Никола Пановски, микробилог.

За дел од лекарите прашањето за вакцината и нејзините ефекти не треба да бидат предмет на расправа. Директорот на градската болница „8 ми септември“, Христијан Костов вели дека пред да почне вакцинирањето на здравствените работници треба да се испита колкав процент од нив имаат антитела на САРС КОВ2 вирусот.

„Јас се надевам дека ќе ги добиеме тие вакцини, но според мене потребно е да се направи испитување на медицинскиот персонал, бидејќи околу 30 проценти од нив има прележано ковид 19 и најголем дел од нив имаат создадено антитела. Според последните тврдења се смета дека на тие кои прележале не им неопходна вакцината, затоа велам треба статистички точно да се одреди кои се заштитени,кои не се и на кои им е неопходна таа вакцина“, вели доктор Костов.

Во меѓувреме бројот на заразени од коронавирусот се намалува, а намалување бележи и бројот на хоспитализирани пациенти во ковид центрите.
Дел од стручната јавност пак посочува дека веќе околу половина од населението кај нас практично имало контакт со вирусот и дека ние всушност на природен начин се справуваме со епидемијата.

„Можеби не требаше да се олабават мерките, но тоа е тоа, ќе видиме што ќе се случи. Не верувам дека ќе се случат некакви спектакуларни зголемувања на бројките, но и малку да порасне бројот на нови случаи, со тоа некако пропорционално оди и зголемување на бројот на починатите, така што штета за тие што ќе заминат. Треба малку повеќе трпение да покажеме. Ете полека ќе дојде и до пристигнување на вакцината. Кај нас веќе околу половина од населението практично имало контакт со вирусот. Ние всушност на природен начин се справуваме со епидемијата. Вирусот веќе многу тешко доаѓа до нови жртви, уште малку само треба да издржиме“, вели Даниловски, посочувајќи дека ова е под услов во Македонија да не се појави некоја поопасна мутација на вирусот, вели професорот Драган Даниловски.

Идентичен став има и доктор Пановски.

„Јас се надевам дека вакцината само ќе помогне, дека до јуни ќе имаме природен колективен имунитет доволен да може да живееме прилично нормално, а дека со вакцината некаде од септември децата ќе тргнат во училишта, универзитетите ќе се отворат, спортските натрпревари и се друго, па ако не сосема нормално, барем 80 проценти да живееме нормално“, вели професор Пановски.

За време на пикот во средината на ноември во Македонија имаше во просек по над 1100 нови случаи дневно, а сега има три пати помалку. Во неколку западноевропски земји, божиќните и новогодишните празници донесоа ново зголемување на бројот на случаи, но влијание има и новата мутација на коронавирусот, откриена во Велика Британија, според која, вирусот многу побрзо се шири. Првичните информации велат дека вакцината делува и на таа мутација. Но, додека да пристигнат вакцините, Македонија е на пат на постигне колективен имунитет.

„Ќе се доведеме во ситуација аналогно како со сезонскиот грип. Ќе останат и понатаму незаштитени и ризични оние со хронични заболувања, постарите од 65 години, ќе останат изложени и под ризик одредени специфични професии како што се здравствените работници, така што кога ќе дојдат вакцините овде ќе биде аналогна ситуација како со грипот, пак ќе речам, да треба да се вакцинираат само тие“, заклучува Даниловски.

Вакцински национализам

Љупчо Наќев

EУ имаше тежок старт на новата година кога станува збор за борбата против ковид. Се појавија нови мутации, зголемен број на инфицирани, нови карантини. Но полошо од тоа е бавниот и нерамномерен начин на распределба на вакцината низ европските земји. Трката по набавка на вакцини против Ковид 19 во светот, покажува дека и во услови на пандемија, богатите и моќните земји се во предност. Шефот на Светската здравствена организација изјави дека постои јасен проблем.

„Богатите земји го имаат најголемиот дел од снабдувањето со повеќе вакцини. Сега гледаме и дека богатите и средно богатите земји, кои се дел од КОВАКС, прават дополнителни билатерални нарачки. Тоа веројатно ќе ја подигне цената за сите и значи дека високо-ризичните луѓе во сиромашните и маргинарилизираните земји, нема да добијат вакцини“, изјави Тедрос Гебрејесус, шеф на СЗО.

Тој ги повика државите и производителите на вакцини да престанат да прават билатерални договори и дистрибуцијата да оди преку системот КОВАКС.

„Вакцина национализмот ни штети на сите и е самоуништувачки“, рече Гебрејесус.

Но, апелите на Гебрејесус не помагаат. Европската Унија соопшти дека постигнала договор со Фајзер и Бионтех за 300 милиони дополнителни дози од нивната вакцина. Но, поради големите нарачки, фармацевтските компании, чии вакцини се одобрени, не можат да постигнат. Фајзер доцни со испораката на нарачката за ЕУ, а некои европски држави оценија дека тоа е недозволиво и оти целиот процес на вакцинирање е доведен во прашање.

„Веднаш му се јавив на директорот на Фајзер и тој ми објасни дека има продолгирање во производството во наредните недели, но ме увери дека сите гарантирани дози од првиот квартал, ќе бидат испорачани во првиот квартал“, изјави Урсула Фон Дер Лејен“, изјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

Но, и во рамките на Европската Унија, вакцинирањето не се одвива со исто темпо во сите држави. Во Бугарија, на крајот на декември започна вакцинирањето со вакцините на Фајзер, а досега се вакцинирани околу 20 илјади луѓе. Во минатата недела започна вакцинирањето и со вакцините на Модерна, но стигнаа само околу 2 ипол илјади дози. Бугарија треба да добие околу милион дози од Фајзер и 500 илјади од Модерна до крајот на јули, што е доволно само за 10 отсто од популацијата. Во Албанија, која не е членка на Европската Унија, вакцинирањето започна во минатата недела со вакцини од Фајзер. Албанскиот премиер Еди Рама, изјави дека набавиле 500 илјади дози.

„Ние сме дел од КОВАКС, но не е јасно кога ќе почне да функционира. И решивме да не чекаме на КОВАКС, одиме со билатерални преговори со Фајзер и со неколку други пријателски земји, па сега стартувавме без да го чекаме КОВАКС, без да ја чекаме ЕУ“, рече Рама.

Србија, пак, отиде уште подалеку. Набавува вакцини од Фајзер, од Русија, вакцината Спутинк, но и од кинески Синофарм. Само од Синофарм, Србија би требало да добие околу милион дози. Првите пратки веќе пристигнаа и во тек е вакцинација.

Претставник на СЗО изјави дека дистрибуцијата на вакцини за сиромашните земји би можела да започне од наредниот месец, но нема детали. Како и да е, јасно е дека глобалната масовна вакцинација на населението во светот ќе трае до крајот на годинава, а некаде можеби и подоцна.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG