Достапни линкови

Брнс: Ќе ги поддржам напорите во борбата против корупцијата


Новата американска амбасадорка ги предаде акредитивите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00

Новата американска амбасадорка ги предаде акредитивите

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска го прими акредитивното писмо на новоименуваната американска амбасадорка во Скопје Кејт Мери Брнс.Таа најави дека ќе ги поддржи напорите на власта во борба против корупцијата и за зајакнување на владеењето на правото.

Новоименуваната амбасадорка Кејт Мери Брнс останува да ги следи досегашните американски политички насоки спрема нашата земја. Таа доаѓа на местото на Џес Бејли, кој од функцијата замина во март годинава. Брнс денеска порача дека ќе работи на зацврстување на билатералните односи и на интеграција на земјава во НАТО и ЕУ.

„Нашите две земји се посилни поради нашата соработка. Нашите војници служат рамо до рамо на бојното поле, исто како што нашите лидери работат заедно на унапредување на нашите цели за безбедна и просперитетна Северна Македонија и Европа. Се обврзувам дека ќе промовирам стабилност преку силни институции и дека ќе ги подржам напорите на вашите власти во борба против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото, дека ќе го унапредам просперитетот преку помошта и партнерството со приватниот сектор и дека ќе работам на зацврстување на безбедноста преку нашето партнерство во одбраната, изјави Брнс при предавањето на акредитивното писмо на Пендаровски.

Брнс веќе 25 години работи како дипломат. Во Скопје дојде од Атина каде што ја вршеше функцијата заменик-амбасадор. Претходно, таа била заменик-шеф на мисија и заменик на постојаниот претставник на Мисијата на САД во ОБСЕ во Виена.

Нејзините претходници од осамостојувањето па до денес покажуваат цврста поддршка на земјава, вели аналитичарот Никола Дујовски.

„Нашата држава црпи силна поддршка од САД осведочена многу пати, дури и во време на кризата во 1999-та година и нападите на НАТО врз СРЈ имавме поддршка од Американците, потоа и во 2001 година, и целиот период на возобновување на довербата меѓу Македонските и Албанците во општеството, нема потреба да потенцирам дека не признаа под уставното име во време на претседателот на Џорџ Буш помладиот. А особено за одбележување се активностите и силната поддршка што ја добивме од амбасадорот Бејли во време на последната политичка криза од 2015 година. Така што не треба да има сомневање дека имаме силни пријатели во САД и очекувам дека и новата амбасадорка ќе продолжи да придонесува за дополнителен развој на македонското општество“, објаснува Дујовски.

Тој додава дека побрзо од очекувањата се движи протоколот за ратификација на нашето членство во НАТО.

„Очекувам Американците дополнително да дадат поддршка на сето ова откако ние ќе станеме членка на НАТО. Стратешки, Македонија се покажува како многу важна земја, во овој момент имаме и политичка ситуација која одговара на интересите на САД на Балканот и ние треба да бидеме мудри и добро да го искористиме тоа за зајакнување на економските односи“, вели Дујовски.

Последните податоци покажуваат дека трговската размена со САД во првите пет месеци од годинава изнесува 114 милиони долари, додека во минатата година изнесувала 312 милиони долари.

САД веќе неколку години вложуваат во развојот на земјава преку програми за размена, мировниот корпус и мисијата на УСАИД програми за размена.
Со помош на УСАИД во земјава се реконструирани стотина училишта, цркви и манастири, како и други објекти од културно значење.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG