Достапни линкови

Политиките на САД не се менуваат преку ноќ


Архивска фотографија: Заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји
Архивска фотографија: Заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји

Политиките на САД не се менуваат преку ноќ и затоа надворешната политиката на САД кон Македонија и регионот останува иста, оценуваат експерти, откако во јавноста и натаму се присутни дилемите дали нешто е променето откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа која првично беше објавена на 13 мај 2017.

Познавачите на меѓународните политички односи објаснуваат дека засега нема никакви битно промени во американска политика кон земјава и регионот, потенцирајќи дека Декларацијата за стратешко партнерство и соработка која Македонија и САД ја потпишаа во 2008 година претставува засилена безбедносна гаранција за македонскиот суверенитет и интегритет.

Американската политика кон Македонија не се менува

Кога пред една година тогашниот кандидат за претседател на Соединетите Држави Доналд Трамп го обелодени своето гледање на американската надворешна политика, предизвика загрижување кај американските сојузници. Македонија исто така следеше и дебатираше дали САД ќе го променат односот кон земјава и регионот.

Кога станува збор за Македонија и регионот, универзитетскиот професор и пратеник Стево Пендаровски оценува дека и натаму останува континуитетот на американската политика. Тој вели дека присутноста на САД во Македонија и регионот во изминатиот период била мала, откако Европа го презема менаџирањето со демократијата со балканските земји по 11 септември 2001 година, но сепак посочува дека ситуацијата се променила по последните посети на високи американски дипломати, посебно по посетата на заменик помошникот државен секретар на САД Хојт Ји, откако е направена проценка дека кризата во земјава од политичка станала безбедносна.

„Сега поголемото присуство на САД во регионот и во Македонија конкретно, во врска со нашата криза, се случи поради тоа редефинирање на македонскиот проблем во безбедносен. Моја проценка е дека сега тие мислат оти работата е вратена во колосек, кој и претходно, а и отсега понатаму ќе го менаџира ЕУ. Значи дека политичките, институционални или безбедносни предизвици не се повеќе толку големи да Европа, која е хетерогена по својата структура, самата по себе не ќе може да ги менаџира. Значи отсега натаму ќе може да ги менаџира. Америка доаѓаше во регионот само кога имаше крупни работи за решавање, од Босна преку Косово до Македонија, и тие и овојпат мислат дека, јас мислам дека се во право, крупните работи се повторно земени надвор од агенда, односно се решени“, вели Пендаровски.

Професорот по меѓународно право од Правниот факултет во Скопје Денко Малески вели дека надворешно не се забележуваат никакви битни промени на американската политика кон Македонија. Тој смета дека во изминатите месеци американските институции играле сериозна улога во формулирањето на надворешната политика на САД и оти тие се јавиле како коректив на ставовите на Трамп искажани во изборната кампања, особено оние кои се однесуваат на ЕУ, НАТО и односот кон Русија – работи кои, кои, како што вели професорот Малески, влијаат врз Македонија.

„Се виде дека тие институции имаат свое влијание и ја корегираат таа политика од кампањата, враќајќи ја во оној домен каде што интересите на државата го диктираат поведението на мирните политичари. Така што, надвладеа интересот за зачувување на оваа зона на демократија, транс-атлантската зона која е градена напорно од крајот на Втората светска војна наваму, дека тоа е важно за мирот во Европа и регионот, дека е важно за САД, дека е важен НАТО, односите со Русија се регулираа, не на лична основа, туку од аспект на интересите и сето тоа ги врати работите релативно во онаа колотечина во која што беа и во претходната администрација“, вели Малески.

Професорот на Правниот факултет на Универзитетот во Тетово Беким Кадриу истакнува дека политиката на САД кон Македонија останува конзистентна. Неговиот став е дека американските политики не се менуваат преку ноќ, само поради фактот дека е избран нов претседател. Кадриу вели дека Трамп сега се обидува да реализира некои ветувања од предизборната кампања, но оти тие не се однесуваат на политиката на САД спрема Македонија.

„САД ја поддржуваат Македонија во евро-атлантските аспирации, ја поддржуваат Македонија во правец на враќање кон демократските вредности, кон почитувањето на слободите и правата и исто така ја поддржуваат и од аспект на територијалниот интегритет, унитарноста и т.н. Тоа се работи и стратешки начела на односите меѓу Македонија и САД. Мислам дека беа спинови информациите дека со доаѓањето на Доналд Трамп на позицијата претседател нешто ќе се смени кон Македонија. Мислам дека нема ништо во однос на тоа, политиката останува иста, а таа е политика на поддршка на Македонија кон демократските вредности генерално“, вели Кадриу.

Првите месеци на Трамп со сменета надворешна политика

На изминати неколку месеци откако претседателот на САД Доналд Трамп ја презеде функцијата, тој го смени својот став за низа надворешно-политички прашања. Дел критичари и познавачи на состојбите велат дека на администрацијата на Трамп и фали доследна надворешна политика и оти за американските сојузници многу се важни предвидливоста и стабилноста на американската политика.

Гоце Атанасов

Во слоганот „Америка на прво место“ сојузниците видоа повлекување на Соединетите држави од светската политика. Но, по три месеци во кабинетот, Трамп нагло го смени својот став за низа надворешно политички прашања, од американските односи со Русија и Кина до оценките за НАТО. Некои од неговите критичари велат дека на администрацијата на Трамп едноставно и фали доследна надворешна политика. Тие сметаат дека очигледното трампово вртење кон поконвенционалната надворешна политика доаѓа поради вртењата внатре во неговата администрација, односно намалувањето на влијанието на неговиот главен изборен стратег Стив Бенон.

Американски континуитет кон Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:29 0:00

Така, сегашната надворешна политика повеќе ја обликуваат ставовите на државниот секретар Рекс Тилерсон и секретарот за одбрана Џим Матис, како и советникот за национална безбедност Ејч Ар Мекмастер, кои се скептични кон Русија.

Експертот за евроазиски прашања, поранешниот американски амбасадор во Казахстан и Грузија Вилијем Куртни, смета дека Конгресот, како и Британија, Франција, Германија и Јапонија го подбуцнале републиканскиот претседател кон поортодоксна позиција.

„Па, повеќето претседатели сакаат да се гледаат себе си како носат многу важни одлуки. Беше изненадување за претседателот Трамп кога виде колку се важни и влијателни Конгресот и сојузниците во обликувањето на американската надворешна политика.“

Тој додава дека Трамп едноставно сфатил оти Соединетите држави немаат исти економски влогови со Русија како на пример со Кина.

Поранешниот американски амбасадор во Африканската унија Рубен Брајти вели дека за американските сојузници се многу важни предвидливоста и стабилноста во американската политика.

„Не сум зборувал со никој во светот, било за време на моите патувања во странство или при консултациите со странски гости кои доаѓаат во Вашингтон, не сум зборувал со никој што е убеден во американското лидерство под претседателот Трамп. И тоа е многу загрижувачко“.

Пресвртите во врска со Русија и НАТО може да ги убеди сојузниците во Европа кои беа потресени со навивањето на Москва за време на изборната кампања. Но, најавите на Трамп дека сака да се поврзе со кинескиот претседател Си Џинпинг сега можат да посеат конфузија во Азија, каде што сојузниците се плашат од подемот на Кина.

САД го гарантираат суверенитетот на Македонија

Во мај 2008 година тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, еден месец по Самитот на НАТО во Букурешт по грчкото вето Македонија да стане членка, ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство и соработка помеѓу САД и Македонија.

Во договорот е наведено дека САД ја гарантираат безбедноста на Македонија и оти двете земји за залагаат за зацврстување на своите стратешки односи, преку интензивирање на соработките во областите на безбедност, врски меѓу граѓаните и во трговијата.

САД и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН и на унитарна и мултиетничка Македонија, во своите постоечки граници, се вели во Декларацијата.

Исто така САД и Македонија во документот истакнуваат дека Република Македонија како демократска, безбедна и просперитетна земја, со пријателски и конструктивни односи со своите соседи, е витална за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа и оти во оваа смисла САД продолжуваат да ги поддржуваат нејзината безбедност, стабилност и економски развој.

Исто така во Декларацијата Македонија им изразува длабока благодарност на САД за досегашната помош на граѓаните на Македонија во нивните напори да го институционализираат и да го направат траен демократскиот процес, преку кој се остваруваат заедничките вредности, а оти Македонија ја потврдува поддршката на САД за реформирање и зајакнување на вооружените сили на Македонија.

Пендаровски потсетува дека во однос на македонската криза, договорот претставувал платформа која им овозможува на САД да посредуваат во безбедносни предизвици и проблеми, потенцирајќи оти суштината на Декларацијата се безбедносните гаранции, односно дека македонскиот суверенитет и интегритет нема да биде загрозен од никого.

„Значи таму се зборува и за засилување на економијата и на трговските врски, за човековите слободи и права, меѓутоа вели дека во случај на безбедносни кризи САД имаат право, или САД и Македонија, заедно да решаваат за зголемен ангажман на САД во таа криза, со цел да се стабилизира државата повторно што е есенцијата на тој Договор. Не станавме членка во 2008 година на најсилната воено-политичка формација во светот, но Америка вели ова ви е еден вид на компензација. Најсилната членка на таа најсилна воено-политичка формација ви дава вам низ овој договор дополнителни безбедносни гаранции, дека нема државата да се распадне или да отиде во диктатура. Буквално има една фраза, еден ред во тој договор кој вели дека територијалниот интегритет на Македонија е од витален интерес за САД и со тоа се е кажано“, вели Пендаровски.

Професорот Денко Малески објаснува дека документот тогаш требало да го ослободи македонското општество од стравот кој го зафатил веднаш по грчката блокада за приемот на Македонија во НАТО, откако Албанија и Хрватска станаа членки.

„Во обид да ни помогнат, во обид да не убедат дека стојат зад суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, САД во администрацијата на тогашниот претседател Џорџ Буш кој беше во заминување, го потпиша овој документ со Македонија во којшто се зборува за важноста од сочувување на нашата држава, нејзиниот суверенитет и територијалниот интегритет, се зборува за партнерство со Америка во кое што таа ќе помогне да се изгради просперитет кај нас, каде што ќе работи на јакнење на нашата безбедност и јакнење на сите други форми на соработка, економски и т.н. Значи тоа беше поддршка на нашата земја во 2008 година која во тој прв момент требаше да не ослободи од стравовите дека сме оставени, но од наша страна се очекуваше, претпоставувам, чекори во насока на полноправно членство во НАТО и работење во таа насока“, вели Малески.

Документот значи дека Македонија има целосна поддршка од САД како суверена држава со одредени граници, дополнува Кадриу наведувајќи дека тоа не може да се стави под знак прашање.

Во Декларацијата се вели дека и двете земји го поддржуваат понатамошното проширување на трговските односи, но и дека Македонија изразува задоволство од успешната имплементација на програмите за техничка помош на УСАИД во областите на демократијата, економскиот раст, образованието и потврдува дека соработката сака да продолжи.

Освен Декларацијата од 2008 година, Македонија и САД потпишаа уште два значајни документи кои имаат безбедносни карактеристики – Охридскиот рамковен договор во 2001 година и Јадранската повелба во 2003 година, документи во кои исто така е наведено дека територијалниот интегритет на Македонија е од витален интерес на САД и земјите од Југоисточна Европа.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG