Достапни линкови

Бомбите нелегални, но партиите не бараат истрага


Прислушување / Прислушувани разговори (архива)

Во изминатите денови повторно беа објавени таканаречени „бомби“ кои се однесуваат на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев. Кој ги снимил и објавил не се знае, ни дали обвинителството ќе покрене истрага. Партиите наместо да бараат правна разррешница ги користат само за политички препукувања.

Политичкo орудие за оцрнување на противникот станаа бомбите откако во јавноста во изминативе денови повторно беа објавени аудио снимки кои се однесуваат на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев во екот на разговорите меѓу партиите за нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери и нивните партии реагираа со меѓусебни обвинувања, но ниту збор кажаа дали имаат сознанија за тоа како снимките се најдоа во јавноста и кој би можел да биде нивниот креатор.

Во четирите аудио снимки објавени на Јутјуб во кои наводно се слуша гласот на Мицкоски и на осудениот во предметот „Рекет“, Зоран Милески, тој раскажува за своите теренски активности во Охрид и за стратегија околу изборите, при што, во дел од разговорите се спомнува и името на осомничениот бизнисмен во „Империја“ и сведок во случајот, Јордан Камчев.

Неколку дена подоцна ист број на снимки на Јутјуб беа објавени на кои наводно се слуша Заев со непознат соговорник. Дел од разговорите се однесуваат на изборите во 2016 година. Потоа дека Заев наводно зборува за граѓански организации кои се под негова контрола, за СЈО, како и за нелегално прислушуваните материјали кои ги поседуваше СДСМ и за лицето Захир Беќири Чауш.

На нашето прашање до ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали Мицкоски знае кој го снимал и дали го пријавил во обвинителството не добивме прецизен одговор од партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ ниту пак Претседателот Христијан Мицкоски се плашат и имаат за било што да се плашат во однос на било какви снимки. Единствен што треба да се плаши е Зоран Заев бидејќи е директно поврзан со криминални афери изминатиот период. Така да би повикал само јавноста и медиумите бурно да следат во наредниот период“, велат од партијата.

Одговор на истите прашања од СДСМ до објавување на овој текст не добивме. На јавноста повторно и е скратено правото на нив, дали со молк или пак со нивно избегнување. Не се знае ни дали обвинителството ќе покрене истрага, бидејќи и оттаму не добивме одговор.

Обвинителката Вилма Русковска денеска изјави дека Обвинителсвото за гонење организиран криминал нема да поведе постапка, бидејќи тоа е во надлежност на ОЈО Скопје. Таа порача и дека секој што има сознанија за сторено кривично дело мора да го пријави или во полиција или во Обвинителство, во спротивно самиот прави кривично дело.

Долго време во нашата држава неовластено се снимаат разговори и се објавуваат, а за жал двете најголеми политички партии коишто треба да инсистираат на почитување на Уставот и на законите ги користат тие „бомби“ за политички поени и веројатно затоа обвинителство е пасивно и не реагира, вели поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

„Мислам дека е под силен притисок бидејќи се работи за носители на високи функции од една или друга партија и се воздржани. Но, верувам после притисокот во медиуми и во јавноста ќе реагира на поефикасен начин. Инаку, штом се објави неовластена снимка мислам дека треба да реагира и да истражува. Каде се снимени. Кога се снимени, Кој ги снимил и кој ги објавува и за тоа да покрене соодветна постапка за одговорност“ смета Трајанов.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека стана практика користење на бомбите во политичката битка за добивање на дневно политички поени и за обвинување за нешта за коишто не се знае дали се вистини или не.

„Мислам дека културата со препукување на бомби на политичката сцена треба да престане, а клучна улога за тоа да се случи имаат институциите, како што е јавното обвинителството. Не може секој да снима неавторизирано, нелегално и потоа истите снимки да се користат за разни цели“, вели Незири.

На нецивилизациско однесување, како што вели Трајанов, со кое се влегува во приватноста на граѓаните треба да се стави крај.

„Тоа може да се направи само ако се заострат казните и ако јавниот обвинител и полицијата реагираат на време и сите тие што ги злоупотребуваат овие разговори, неовластено снимаат и објавуваат да понесат одговорност“, додава Трајанов.

Засега е покренато обвинение само против „Ел Чека“ , од страна на кичевското обвинителство за неовластено прислушкување и тонско снимање. Тој од САД објавуваше аудио снимки за наводни коруптивни дејства на високи челници од ДУИ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG