Достапни линкови

logo-print

Ја читаат ли гласачите на ВМРО-ДПМНЕ партиската програма?


Запрашани што најмногу им се допаѓа, повеќето од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не знаеја конкретно да одговорат. Велат и дека не ги засега што дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ се обвинети и осомничени од СЈО.

Со програмата на ВМРО-ДПМНЕ за изборите не се запознаени, но им се допаѓа, а не им е важно што на изборите листи има осомничени и обвинети од СЈО. Вака некако може да се толкуваат одговорите на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ кои присуствуваа на централниот митинг на партијата во Скопје. Запрашани дали ја прочитале програмата и што најмногу им се допаѓа, повеќето од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ не знаеја конкретно да одговорат.

„Уште не сум ја прочитал, немав време, имав доста работа. Имам стока си чувам, дојден сум до село, од Волково. Само напред да одат, да се вработува народот, па после сè друго и фамилии ќе се шират и младите да не бегаат од тука да се множи православието.“

„Сè.“

РСЕ:Што поточно?

„Се“, вели еден граѓанин.

„За разлика од останатите партии ВМРО-ДПМНЕ има конкретна програма како и досега така и се надевам во наредниот период ќе ја исполни таа програма и ќе направи конкретни проекти, кои граѓаните и тоа како ќе ги осетат, како на својот џеб во позитивна смисла, така и на секојдневниот живот за разлика од сите останати партии кои што се борат со различни негативни кампањи и различни деструкции на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ одржува една позитивна кампања за економски просперитет и за заштита на Македонија како за нашето име така и за економските, национални интереси“, вели граѓанин.

Поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинети и осомничени од СЈО, иако беа во првиот ред пред бината не се наоѓаат на изборните листи.

На нив се наоѓаат само две имиња, Груевски и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска. Анкетираните велат дека тоа не ги засега и не игра улога во нивната поддршка за партијата.

„Тоа е голема хајка, тоа се нивните противници, голи противници. Чисто за една партија влечат. Тоа е наместени работи и тука се вмешани и надворешни фактори“.

„Тоа се правни прашања. Тоа е многу деликатна работа. Осомничени од јавната, нејавната обвинителка, правото се знае. Осомничен додека не се докаже, затоа што јас можам да ја обвинам Јанева, меѓутоа тоа треба да се докаже. Јанева требаше досега да го докаже тоа.“

„Не би сакал да коментирам за нешто што голем дел од нашата држава му е јасно и познато како е тоа влијание и од која страна оди тоа влијание. Ние да се задржиме на оние позитивни програми и проекти кои што ги имаме да победиме на овие избори и понатаму е лесно. За сите останати работи историјата ќе биде сведок кој за што работел и кој во овој момент се грижел за Република Македонија, а кој се грижел за некои останати интереси“.

По речиси три часа, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ си заминаа дома секој на своја страна, а партиските обележја само сведочеа дека присуствувале на митингот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG