Достапни линкови

Црната кампања во фокусот на неделниот печат


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг во Ресен
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митинг во Ресен

Фокус се прашува каква необјавена „бомба“ има Заев за Груевски, Република пишува дека Заев е предавник, а Глобус дека црната кампања се подготвува во кујните на власта.

Фокус - Што е „бомбата“ на Заев за дуелот со Груевски?

Me заинтригира повикот на Заев до Груевски за ТВ-дуел“, пишува авторката на уводната колумна во Фокус. „Особено кога објасни ’за да го прашам тоа што не беше чесно да го вадам во проектот Вистината за Македонија‘! Уф, ќе пукнам што е тоа што не било чесно да го вади со бомбите, а е чесно во сурат да му го каже! Значи, го слушал тоа од снимките, го имаат и во СЈО, ама можеби не е за криминал, туку нешто лично, нечесно, а РЕАЛНО!?“, наведува колумнистката, па продолжува: „Кога ’злосторничко здружение‘ маскирано во врхушка на политичка партија ќе успее речиси совршено да оствари проект ’перење мозоци‘, без плакнење, ама на центрифуга, тогаш со леснотија може да ги убеди пациентите и клиентите дека реално е она што тоа им го вбризгува со дневни дози пропаганда, а не тоа што тие го гледаат со свои очи. И сосема е нормално таквата групировка да излезе со слоганот Реално“ – констатира Фокус.

Митинг на СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“ во скопската Општина Кисела вода на 22 ноември 2016
Митинг на СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“ во скопската Општина Кисела вода на 22 ноември 2016

Република - Нема никаков изговор за да го заокружите предавникот Зоран Заев

Четири текстови во најновото издание на Република, плус интервјуто со Стевчо Јакимовски, се во функција на оцрнување на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и неговата партија. Бил предавник на Македонците, сакал промена на Уставот и федерализација на Македонија, зошто македонските деца да учат само албански, а не и ромски, влашки, турски и така натаму. Откако ги реди сите „гревови“ на Заев и на СДСМ од осамостојувањето до денес, Република, преку уводничарот, кажува дека, цитирам, „Едноставно, нема никаков изговор за да го заокружите предавникот Зоран Заев и да ги одржувате во живот неговите опасни игри, кои можат да доведат до граѓанска војна во која повторно би гинеле македонски синови“, порачува Република и додава дека оние што ќе гласаат за Заев ќе биле негови сојузници во разнебитувањето на државата.

Глобус - Од подземните коридори кај ’Беко‘ извира најцрна политичка кампања

Он-лајн магазинот Глобус пишува: „Од подземните коридори кај ’Беко‘ извира најцрна политичка кампања којашто може да биде добитна комбинација ако во реалниот живот нема афери. Но, прашањето е дали таа може да биде делотворна, бидејќи, аферите на власта постојат и се откриваат со невидено темпо!“. Авторот на текстот потоа објаснува дека она што се случува во Кривичниот суд, отворањето на Пандорината кутија од некогашната ведета на „сваровски судијките“ – Неделкова, новиот прес на СЈО за прислушувањето, секако и сообраќајките на Спасов тешко дека можат да бидат конкурирани од конструираните стории кои излегуваат од политичкото подземје на гаражата наречена ’Тодор Александров‘ и нејзините тајни коридори. Глобус потоа реди низа примери на крајно непрофесионалното новинарство на две телевизии, за да наведе дека „ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија постојано, откако постои, но секако посебно од 2005 година, кога Груевски тргна во освојување на власта, ја креира својата реторика на епидеиктичката мостра“. Според Атанас Вангелов – потсетува авторот, „оваа Аристотелова дефиниција применета кај нас значи дека или нешто се фали, или, пак, се – срамоти. Ама се фали и срамоти од мерата надвор“. Таа црно-бела шема дури и нема насит, констатира Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG