Достапни линкови

Партиите вината за корупцијата ја гледаат кај другите


Архивска фотографија - Пребројување пари во банка
Архивска фотографија - Пребројување пари во банка

Сите партии ветуваат борба против корупцијата, но корумпираните политичари ги гледаат само во спротивните табори. ВМРО-ДПМНЕ најавува бескомпромисна борба против корупцијата, а СДСМ најавува продолжување на мандатот на СЈО.

Една од темите во програмите на политичките партии е борба против корупцијата и криминалот, меѓутоа вината за состојбите во државата сите ја пренасочуваат во спротивниот табор. Во владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе продолжат со бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, како и продолжување на реформите во судството. Во врска со укажувањата дека е лицемерно ВМРО ДМНЕ да зборува за борба против криминал, кога дел од извршниот одбор на партијата е инволвиран во сомнежи за криминал, објавени во проектот Вистината за Македонија, и е под сериозни истраги од страна на СЈО, министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој е носител на кандидатската листа во изборната единица 1, вели дека судските органи имаат улога да кажат дали некој е виновен или не.

„Ова треба да го спроведуваат институциите во Македонија бидејќи сметаме дека како влада имаме одговорност да носиме закони и да се трудиме за нивна имплементација, нешто што го правиме во континуитет. Доколку тргнеме од истиот постулат, вие имате алтернатива помеѓу политичка опција, главната опозициска партија која исто тоа го кажува во услови во кои ужива аболиција и не соработува со судството. Јас не верувам дека се решава тоа со еден случај, но мислам дека треба да ги почитуваме основните постулати доколку зборуваме за судство, а тоа е презумпцијата на невиност и да оставиме судските инстанци да одлучат дали е некој виновен за тоа или не“, изјави Попoски, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

СДСМ најавува генерален реизбор на сите судии во државата ако победат на парламентарните избори на 11 декември, а во програмата предвидува бескомпромисна борба со корупцијата, особено во политиката. Портпаролот на партијата Петре Шилегов, кој е и носител на кандидатската листа во изборната единица 6, изјави дека ќе го продолжат мандатот на СЈО, изразувајќи мислење дека тој орган единствено е независен и непартизиран и ги обелоденува и истражува сите криминали објавени во прислушуваните разговори. Реизборот, како што кажуваат, ќе се случи по критериуми што во повеќе земји веќе даваат видливи резултати“.

„ВМРО-ДПМНЕ очајно бара спас во партизираните институции и судството коешто сами го бираат по тефтерчето на Гордана Јанкулоска и затоа е неопходно да се направи рез во судството. Мора да се отстрани ракот на судството од тефтерчето на Јанкуловска, бидејќи за неколку луѓе се компромитира целото судство. Сите кои работат како судии не треба да се грижат дали ќе може да учествуваат во новиот реизбор. Секој кој работел согласно законот може да биде реизбран“, изјави Шилегов.

Според него, клучните проблеми во Македонија, поради кои државата не може да оди напред, се криминалот и корупцијата во политиката. Тој укажа на податоците кои Светската банка ги доставува во своите извештаи, дека околу 400 милиони евра завршуваат во корупција, истакнувајќи дека тоа се огромни средства кои може да се употребат за решавање на проблемите на луѓето.

ДУИ бара реформи во судството, почитување на препораките на Прибе, а опозициската партија во албанскиот блок ДПА ветува и економско зајакнување на Албанците.

И во Извештајот на ЕК за напредокот на земјава јасно се посочува дека корупцијата е широко распространета и уште претставува сериозен проблем за земјата, а судството сериозно назадува.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG