Достапни линкови

Со стари ветувања во лов на нови гласачи


Битола
Битола

Истите предизборни ветувања за битолчани се повторуваат во неколку предизборни кампањи. Граѓаните се свесни дека многу се ветува, а малку се исполнува, но сепак се надеваат на подобрување.

Проекти, исти или слични на оние кои се ветуваа за претходните изборни циклуси, а не се реализираа, повторно се користат за лов на гласачи на претстојните парламентарни избори во Битола. Изградба на спортски центар, затворен базен, обнова на планинарскиот дом „Копанки“ пред битолчани деновиве вети Антонио Милошоски, носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица.

„Изградба на еден голем спортски центар, во кој ќе има сала со 6.000 седишта, ќе има затворен пливачки базен со ватерполо димензии, ќе има сала за боречки вештини и една современа гимнастичка сала. Втора работа, знаеме дека пред неколку години се запали домот Копанки, разговаравме со ЕЛЕМ и се обврзуваме да го обновиме заедно со ЕЛЕМ“, вети Милошоски.

Затворен базен, реконструкција на спортската сала и фудбалскиот стадион пред неколку години вети и битолскиот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талески. До денес битолчани не добија базен, нити пак модерна спортска сала и реновиран стадион. Откако изгоре Копанки, Талески вети дека општината ќе учествува во обновата, но и по три години планинарскиот дом е руина.

Во услови кога е запрена изградбата на пругата од Битола кон грчка граница поради долгови кон фирмите изведувачи, Милошоски повторно вети железничко поврзување кон јужниот сосед и експресен пат кон Меџитлија.

„Експресен пат од Битола кон Меџитлија да служи за што поголема комуникација и на луѓето и за што поголема можност на оние кои произведуваат и извезуваат полесно да стигнат до соседната земја, а исто така да го обновиме железничкото поврзување од Битола кон Грција и до Солун“, рече Милошоски.

Од СДСМ прашаа зошто проектите кои беа и претходно ветени не ги исполни локалната и централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години.

„Антонио Милошоски со цело раководство на ВМРО-ДПМНЕ се шегуваа на сметка на битолчани. Излегоа со исти ветувања како пред десет години. Базенот го ветуваат веќе десет години, спортската сала не само што не направија нова, туку и постоечката ја уништија, обидот за изградба на железничка пруга е поврзано со многу финансиски скандали. Сите пратеници и советници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против за обнова на планинарскиот дома Копанки“, изјави Борче Корлевски, портпарол на СДСМ од Битола.

Битолачни, пак, коментираат дека многу се ветува, а малку се исполнува.

„Никогаш не би поверувал зашто кај нас ништо нема фер.“

„Тешко, не верувам во ни една партија, ни во едните, ни во другите.“

„Слабо верувам, зашто не исполнуваат.“

„Верувам.“

„Дали ќе се спроведи, ќе видиме.“

„Треба будала човек да е да верува. Не знаат каде тераат, ова е тешко на народот“, коментираат битолчани на ветувањата на политичките партии пред избори.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG