Достапни линкови

Попоски - Судот ќе каже дали некој е виновен


Попоски - Судот ќе каже дали некој е виновен
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:22 0:00

Попоски - Судот ќе каже дали некој е виновен

Треба да ја почитуваме презумпцијата на невиност и да оставиме судските инстанци да одлучат дали е некој виновен или не, вели вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, носител на листа во првата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, одговарајќи на прашањето како дел од осомничените за криминал во неговата партија ветуваат бескомпромисна борба против криминалот.

Господине Попоски, овие избори се најавуваат како референдум за Македонија, оценките на дел од јавноста се дека влогот е голем, односно кој ќе загуби може да заврши во затвор. Дел од вашите поддржувачи на социјалните мрежи повикуваа на 12 декември, доколу победи ВМРО-ДПМНЕ, Заев да заврши во затвор. Кој ќе заврши во затвор, Груевски или Заев?

Се согласувам во делот дека се работи за исклучително историски важни избори за Републиката Македонија, но можеби од различен аспект. За мене главен е елементот на завршување на политичката криза и враќање во нормала. Враќање во нормала велам, за да може целата енергија да ја посветиме на тоа што е најбитно во Македонија – креирање на работни места и зголемување на животниот стандард. За прашања од типот кој ќе заврши во затвор единствено легитимно и надлежно е судството во Македонија и мислам дека за тоа прашање најдобро е судството да биде тоа во рамки на правна процедура да одлучи кој каде треба да заврши.

Кога сме кај судството, сите извештаи на Европската комисија, вклучително и последниот, констатираат дека има политичко влијание во носењето на судските одлуки. Еве во последниот извештај пишува дека состојбата е уназадена од 2014 година и постигнувањата во реформскиот процес постигнати во претходната декада се поткопани од повторно политичко мешање во судството. Како да му веруваме на судството?

Имаше премногу политички изјави, премногу притисоци, јас верувам дека секој од нас носи лична одговорност во однос на тоа како функционира судството, не верувам дека со мултиплицирање на изјавите за тоа кој суд како треба да суди ќе го подобриме судството. Верувам дека во Македонија има солидна база за тоа да имаме солидно судство, треба да ги извлечеме сите оние кои сметаат дека преку изјави или најави или замена на судовите со приватни судства и не знам се уште какви концепти не беа промовирани во изминатиот период, не прават добра услуга, прават штета на судството. Треба да се концентрираме на примена на законите. Сигурно е, јас би се согласил со тоа дека постои простор за подобрување, но да не ги претставуваме работите поцрни отколку што се, бидејќи во овој момент имаме земји кои се кандидати за членство, имаме и земји членки на Унијата, кои се соочуваат со многу слични, некаде и подрастични проблеми од оној во Македонија. Тоа нас не ни го решава проблемот, јас се согласувам, но верувам дека мораме да ја оставиме оваа работа да ја решава судската фела во рамки на законите кои ги имаме и за кои самата Европска унија вели дека се во ред.

Но, во Македонија останува проблемот со спроведувањето на законите. Кај нас законите генерално секогаш се во ред, проблемот е како тие се спроведуваат во пракса.

Се согласувам, спроведувањето на закон зависи од индивидуи, односно од носители, мораме да оставиме судството да биде тоа кое ќе решава за тоа како се спроведуваат законите.

Господине Попоски, друг приоритет во „Реално“ е бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото. Како дел од највисокото партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое е осомничено за криминал и корупција ќе го спроведува ова?

Мислам дека за ова треба да го спроведуваат институциите во Македонија.

Но, вие го имате внатре во партиската програма.

Точно, бидејќи сметаме дека како влада имаме одговорност да носиме закони и да се трудиме за имплементација на законите, нешто што го правиме во континуитет изминатиот временски период. Доколку тргнете од истиот постулат, вие имате алтернатива меѓу политичка опција, глвната опозициска партија, која истото тоа го кажува во услови во кои ужива аболиции и се однесува и не соработува со судството

Јас за вас ве прашав.

Јас не верувам дека се решава тоа со еден случај, но мислам дека треба да ги почитуваме основните постулати, доколку зборуваме за судството, тоа е презумпција на невиност и да оставиме судските инстанци да одлучат дали е некој виновен или не за тоа.

За крај, може ли конечно на граѓаните да им стане јасно против кога треба да гласаат, бидејќи дел од кампањата кај вас е против кого треба да се гласа. Две години спомнувавме странски служби, а сега претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вели граѓаните ќе испрателе порака на изборите и до тие „горе“. Господине Поповски, кои се тие странски служби, кои се тие „горе“, до кои граѓаните треба да испратат порака на изборите?

Мислам дека во делот против кого треба да гласате има многу голема конкуренција, бидејќи ако ја видите кампањата на најголемата опозициска партија е главно базирана на тоа дека има некаков проект за уривање на некаков режим. Доколку тоа е вистинскиот мотив, тогаш јас имам сериозни прашања кои сакам да ги поставам во тој дел - Каков режим? Што режим? Дали тие се тие кои треба да донесат демократија, слобода, бидејќи сето ова е под голем знак прашалник. Во однос на тоа против кога треба да гласате, јас мислам дека ќе видите толку објаснувања, колку што ќе видите политички опции.

Кои се странските служби и тие „горе“?

Јас лично мислам дека секој граѓанин треба да гласа „за“, и да гласа пред сè за себе, односно кој смета и што смета дека ќе му помогне најмногу за адресирање на неговите лични приоритети и приоритетите на Република Македонија. Во однос на странски фактор во нашиот контекст мислам дека најголемата важност за сите нас е да си се посветиме што е во интерес на Македонија. Кој сака и што сака нека прави од надвор, во која било насока, позитивна, негативна, неутрална, не би знаел да дефинирам, бидејќи колку луѓе ќе прашате толку мненија ќе ви кажат околу ова, е нивен интерес, кој било кој би дејствувал туку и тоа се случувало, се случува и ќе се случува, ќе дејствува за неговиот личен интерес. За нас НАТО и ЕУ се зближувачка сила на сите политички сили во Република Македонија, околу ова мислам дека никој не треба да има елементи, а околу интересите на тие од надвор, мислам дека можат да бидат какви сакаат, ние треба да се грижиме за нашите интереси. Ако сме посилни, внатре врзани по однос на овие теми, може да имаме разлики по однос на мал милион други политички прашања, Македонија ќе добие, ова треба да ни биде целта.

Целото интервју со вицепремиерот и министер за надворешни работи, кој е носител на кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица, Никола Попоски, може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG