Достапни линкови

Кога влогот е многу голем, нема место за компромис


Политичарите не се дослушуваат еден со друг, бараат како да не го направат договореното, наместо да најдат начин да го спроведат и чекаат друг да им ја среди работата.

Политичари со авторитарно наследство, недоволното демократско искуство, отсуството на толеранција и дијалог, непочитувањето на мислењето на другиот, треба да ја вадат земјата до криза. Партиите кои имаат спротивставени ставови за речиси сите теми, под меѓународен притисок седнуваат на маса и по многу јалови преговори потпишуваат договор, но спорна е реализацијата.

Веќе е дигнато на ниво на култ дека мора да ги гледате дупките во законот, а не самиот закон, дека мора да измрдате повеќе од тоа што сте се договориле, отколку да го спроведете. Политичарите знаат дека народот тоа ќе го дозволи.

Штом во една земјата една од најпознатите изреки е „Добар маж на зборот не си стои“, што останува понатаму, вели аналитичарот Александар Цветкоски од невладината АГТИС.

„Веќе е дигнато на ниво на култ дека мора да ги гледате дупките во законот, а не самиот закон, дека мора да измрдате повеќе од тоа што сте се договориле, отколку да го спроведете. Политичарите знаат дека народот тоа ќе го дозволи.“

Тој лоцира повеќе причини зошто политичарите немаат капацитет да се договорат. Првата, според него е, што во земјата нема традиција на договарање, нешто што останало од еднопартискиот систем, кога изборот бил или мислите како власта или одите во затвор.

„Кога преминавме од социјализам, тоа условно се пренесе, но ние никогаш не ни создававме капацитети. Македонците имаат многу слаби социјални вештини кога разговараат, ние не се дослушуваме еден со друг, сите сме речиси недораснати, го имаме она детското самољубие, секој наш успех го третираме многу посериозно отколку што заслужува и сето тоа е традициска работа и работа на едукација. Во светот медијаторството и политиката се учат.“

Цветкоски вели дека влогот на политичарите е многу голем, така што нема место за компромис, оти знаат дека ако паднат од власт има премногу да изгубат.

Искуството покажува дека сите големи кризи во земјата во изминатите години независност се решавале со странска помош, по што произлегоа Рамковниот договор, Мартовскиот договор, Договорот од Пржино...

Професор Мерсел Биљали вели дека политичарите се одраз на севкупната култура. Граѓаните стануваа индиферентни на она што се случува, а тоа им овозможува на политичарите да се однесуваат како што сакаат, без страв дека некој лесно ќе ги симне од власт. А дополнителен проблем е пирамидата на корупција, вели Биљали. Според него проблемот е и тоа што очекуваме странците со магично стапче да ни ги решат проблемите.

„Странците се однесуваа соодветно на состојбата на теренот, ако има заострување тие ќе бидат понаметливи и ќе понудат адекватни решенија за брзо решавање на кризата. Но вака индиферентно со една Шарена револуција која се уште е слаба, состојбите ќе продолжат да се движат како што се движат, но се си има точка на топење, но се губи време. Јас мислам дека сегашните подджувачи на власта ќе бидат тие кои ќе бидат најагресивни кога ќе треба да се симне постоечката власт. “

На крајот на минатата недела американскиот дипломат Хојт Ји рече дека лидерите треба брзо да дејствуваат за да ја поправат штетата направена од помилувања од претседателот, а германскиот посредник Јоханес Хајндл порача партиските лидери да преземат одговорност и да ги стават интересите на државата пред партиските.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG