Достапни линкови

Хан - Помилувањето не е во согласност со владеењето на правото


Eврокомесарот Јоханес Хан

Eврокомесарот Јоханес Хан

Одлуката на претседателот Иванов да ги помилува сите вклучени во политичката криза е нешто што според моите сфаќања не е прифатливо и не е во согласност со владеењето на правото, вели еврокомесарот Јоханес Хан во интервју со нашиот дописник од Брисел, Рикард Јозвиак. Aко работите продолжат како во моментов, се сомневам дека ова ќе бидат избори кои го подготвиле патот на евроатланската перспектива на земјата, вели Хан.

Претседателот Иванов најави дека ќе ги прекине кривичните постапки против политичарите што се поврзани со политичката криза и аферата прислушување. Каква е вашата реакција на ваквата одлука?

Целата ситуација во изминатите неколку денови се влошува и можам да ги повикам сите политички лидери да се вратат на преговарачка маса и да се фокусираат на фер и транспарентни избори и мислам дека дел од ова е и прочистувањето на Избирачкиот список, но исто така и да не се бојкотираат изборите. Морам да кажам дека сите различни изјави, вклучително и изјавата на претседателот сите да ги помилува, е нешто што според моите сфаќања не е прифатливо и не е во согласност со владеењето на правото.

Опозицијата вели дека ќе ги бојкотира изборите на 5 јуни, бидејќи Договорот од Пржино не е имплементиран. Тие особено се жалат дека не е прочистен избирачкиот список. Владејачките партии најавија дека ќе има избори на 5 јуни. Дали сметате дека избори без главната опозициска партија, СДСМ, ќе бидат фер и согласно стандардите на ЕУ?

Во принцип, изборите ќе се одржат во секој случај, бидејќи тоа е според на Уставот на поранешната југословенска Република Македонија. Сега кога Парламентот е распуштен, тие ќе се одржат, но неопходно и важно е овие избори да бидат спроведени на начин на кој ќе бидат признаени од меѓународната заедница. Во спротивно, земјата нема да има евроатлантска перспектива и тоа беше сеопфатната цел на нашите активности и напори кои беа прифатени во договорот од јуни/јули минатата година. Ако сега се е коригирано или неимплементирано, тоа е против интересот на граѓаните на земјата и политичките лидери треба да сфатат дека тоа и штети на целата перспектива на земјата и дека ризикуваат да бидат ставени во изолација.

Која е Вашата порака до политичките лидери во Македонија?

Тие треба да разберат дека демократијата значи да се има компромис, да се работи заедно, да им се служи на луѓето, а не себе си. Да бидат фокусирани и да спроведат фер и транспарентни избори, а Владата и сите кои се одговорни да придонесат да има Избирачки список кој ќе биде прифатен од сите и кој ќе биде прочистен. Ја повикувам опозицијата да се врати и да биде конструктивна и ги повикувам сите партии да бидат фокусирани на позитивна, конструктивна кампања, да ги презентираат нивните програми во фер и демократски натпревар и да немаат ваков тип на валкани игри.

Што може навистина да направи ЕУ да го спречи она што се случува?

Не можам да го предвидам исходот од изборите и начинот на кој ќе бидат спроведени, бидејќи тоа ќе се случи за два месеци. Но, има многу меѓународни набљудувачи, почнувајќи од ОДИХР, Европскиот парламент ќе има своја делегација на терен и многу други меѓународни организации. Тоа зависи од крајната оценка. Но, ако работите продолжат како во моментов, се сомневам дека ова ќе бидат избори по кои меѓународната заедница ќе може да каже дека тие го подготвиле патот на евроатланската перспектива на земјата. Тоа е она што се смета и тоа е единствениот притисок кој го имаме и да речеме: сите вие ризикувате оваа земја и нејзините граѓани да ја изгубат среднорочната и долгорочната перспектива.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG