Достапни линкови

Широки преговори за излез од кризата


Протест на албанскиот опозициски Совет

Протест на албанскиот опозициски Совет

Не може тие партии кои ја доведоа државата во ваква состојба да ја извлечат од неa, вели професор Мерсел Биљали, кој ја поддржува идејата во преговорите да се вклучат и други субјекти. Професор Димитар Мирчев смета дека преговорите треба да ги водат само потписниците на „Пржино“.

Партиските претставници даваат краток одговор на прашањето има ли нешто ново во обидите да се најде решение на кризата.

Од СДСМ велат дека нема помрднување додавајќи дека тие не отстапуваат од двата услова - одложување на изборите и повлекувањето на одлуката за аболиција и дека напорите на амбасадорите да се стигне до компромис продолжуваат. Кога ќе има нешто ќе кажеме официјално, одговараат и од ВМРО-ДПМНЕ за тоа што се случува во посредните разговори кои се водат со помош на странците.

И додека траат обидите да се најде заедничко можно решение и албанскиот опозициски Совет во кој се Беса, Унитети, Движењето за реформи на ДПА, ПДП и други помали партии побара вклучување во разговорите за разрешување на актуелната политичка криза во Македонија. Според професор Мерсел Биљали кругот на субјекти кои го бараат излезот од кризата треба да се прошири.

„Не може тие партии кои како мнозинство ја доведоа државата во ваква состојба да ја извлечат од неа. Мислам дека треба да се вклучат и поновите политички субјекти кој реално стануваат важен, ако не доминантен фактор, посебно во албанскиот блок“, вели Биљали, според кој во разговорите треба да се вклучи на некаков начин и граѓанскиот сектор кој како што додава прераснал во сериозен и релевантен фактор покажувајќи дека има капацитет секој ден и низ цела држава да организира протести.

Инаку едно од барањата и на движењето Протестирам кое стои зад организацијата на протестите е во преговорите да се вклучат граѓанските организации. Но според професор Димитар Мирчев нема простор за вклучување на нови субјекти во разговорите, бидејќи, како што вели, тие се водат меѓу четирите најголеми партии во парламентот кои се потписници на Договорот од Пржино.

„Мислам дека не треба, засега траат разговори, преговори и се надевам дека ќе се најде некој излез од оваа ситуација од четирите најголеми парламентарни партии. Нема никаква основа некој друг да се вклучува, нема правна основа, најмногу од тие што бараат вклучување не се апсолутно верификувани на никакви избори итн, за да се вклучуваат“, вели Мирчев.

Во меѓувреме пак додека партиските претставници се скржави на зборови, дел медиуми повикувајќи се на анонимни брифинзи објавуваат различни опции – од дефинитивно одложување на изборите и повлекување на аболиција месецов до сигурно гласање на петти јуни без разлика кој ќе оди на избори. Кој се ќе одлучи да излезе на петти јуни би требало да стане појасно утре, бидејќи до 11 месецов истекува рокот за пријавување до Државната изборна комисија на партиски кандидати за изборите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG