Достапни линкови

Мали чекори за решавање на голема криза


Странците полека сфаќаат дека со големи и помпезни мерки работите кај нас не се решаваат, оти не можат да предвидат кои нови сопки ќе се појават на македонската политичка сцена.

Има ефект дипломатскиот притисок од меѓународните претставници кои изминатите неколку недели интензивно го почувствуваа политичките лидери во земјава. Ваквата оценка на домашната стручна јавност следува по посетата на американскиот дипломат Хојт Ји, германскиот посредник Јоханес Хајндл и државниот директор за европска соработка во Министерството за надворешни на Холандија, Роберт де Грот.

Затоа мислам дека нема потреба од разочарување на Меѓународната заедница. Таа оди чекор по чекор, знае дека има работа со една држава во којашто никогаш не владеело правото, држава во која честопати медиумите биле погазувани, а човековите права нереспектирани.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека не смееме да го заборавиме фактот дека пред една недела бевме во безизлезна ситуација, во очекување на избори.

„Бевме во една безизлезна ситуација, каде што имавме избори кои немаше начин како да се одложат и имавме изборна листа со една партија на истата листа. Затоа верувам дека дел од нивната работа резултираше и со одлуката на парламентот да ги одложи изборите“, изјави Муслиу.

Тоа што е вообичаена пракса кај сите меѓународни интервенции е барањето компромис, за кој пак професор Нано Ружин вели дека е нормално да не биде на целосно задоволство од двете страни. Нивниот настап е тактички и умерен, посочува Ружин, но само така уверува тој, може да се постигне успех во барањето излез од кризата.

„Затоа мислам дека нема потреба од разочарување на Меѓународната заедница. Таа оди чекор по чекор, знае дека има работа со една држава во којашто никогаш не владеело правото, држава во која честопати медиумите биле погазувани, а човековите права нереспектирани. Само треба малку трпение, верба и соработка меѓу политичките субјекти како единствен клуч за излез од кризата“, вели Ружин.

Муслиу додава дека праксата на создавање нов проблем, во моментот кога ќе се излезе од претходниот дополнително ја комплицира ситуацијата. Странците полека сфаќаат дека со големи и помпезни мерки работите кај нас не се решаваат, оти не можат да предвидат кои нови сопки ќе се појават на македонската политичка сцена.

„Самиот факт што имаме веќе тројца високи функционери од наши партнерски држави во Македонија и тоа во распон од ден два, укажува на тоа дека секој од нив го врши притисокот, односно охрабрувањето врз страните за да го усмери целиот процес кон разврска“, изјави Муслиу.

Водени од Платоновата „Оној што владее, мора и да храни“, Меѓународната заедница мора да биде внимателна и кон власта, посочува Ружин. Со цел да ја ублажи домашната „политика на терање инает“, таа понекогаш мора да се врати и чекор назад и да биде подготвена за отстапки.

„Долгорочно гледано Македонија постигна нешто. Таа никогаш нема да биде тоа што била во епохата на Груевски,формирани се институции како СЈО, расте свеста. Ние не можеме да очекуваме за 24 часа да се реши нешто што се гради единаесет години. Македонија е на пат за реформирање на остатоците од поранешниот режим и на пат за надминување на бројни неправди“, изјави Ружин.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG